Доан Сулејманоски шест години го води средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари. Започнал како наставник по право пред десет години, кога и училиштето почнало со работа.
„Ниту еден почеток не е лесен. Јас доаѓам од семејство каде што и двајцата родители немаат високо образование, но тоа не значеше за мене дека и јас не би требало да продолжам во водите на високото образование. Па, дури сега и на докторски студии од областа на казненото право“, вели Сулејманоски.
За Сулејманоски, образованието е алатка за рушење на стереотипите:
„Не секогаш Ромите треба да бидат препознати по некои гафови во јавниот простор, или по некои црни и тмурни вести на калливи улици, туку веќе забележуваме и Роми во институциите. Забележуваме Роми креатори на политики и тоа не Роми за Роми, туку убаво е кога сите заеднички креираме политики за подобрување на нашата држава и на целиот народ.“
Сулејманоски доби и европско признание за напорите да ги интегрира Ромите во образованието.
„Ова признание покажува дека јас со моите одлуки во животот лично не сум погрешил, бидејќи инвестицијата во образованието е инвестиција со големи плодови. Нема поубаво од тоа да видите ваши ученици во иднина да ви бидат ваши колеги, креатори на општествените политики во општеството, доктори, архитекти, правници, адвокати и така натаму, луѓе кои што се желни за промена. Интеграцијата, не само во образованието, во било кои општествени сфери е двостран процес, тоа значи заедно подавање на рака, не само декларативно и пропагандистички дека се бориме за интеграција и за едно општество“, потенцира Сулејманоски.