Историјата на пропаднатите обиди за примирје во Украина
12 мај 2025Од нелегалната анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година до тековниот конфликт, имаше многу обиди за имплементирање траен крај на насилството. Во текот на повеќе од една деценија, Украина, нејзините европски поддржувачи и САД се обидуваа да ја решат кризата. Сите обиди досега беа неуспешни.
Кој е најновиот предлог за прекин на огнот?
Рускиот претседател Владимир Путин предложи нова рунда преговори за примирје во Истанбул на 15 мај. Најавата доаѓа откако Русија изврши нов напад со беспилотни летала врз Киев по завршувањето на едностраното тридневно „примирје“ прогласено од страна на Русија. Европските лидери отфрли предлогот за директни преговори, без претходно безусловно примирје меѓу Русија и Украина. Тоа е став што го застапува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Најновиот развој е среде месеци на преговори меѓу САД и Украина и на страна од нив и меѓу американски и руски дипломати. Пред да биде избран за претседател на САД, Доналд Трамп се обврза да го заврши конфликтот меѓу Русија и Украина уште на првиот ден на функцијата. Иако тоа не се случи, неговата администрација постојано се обидува да посредува во постигнување договор за ставање точка на војната.
Историја на прекршени примирја
Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година не е постигнато трајно примирје. Но, конфликтот доведе до неколку краткорочни договори. Двете нации постојано меѓусебно си префрлаа непочитување на договорите, како и на еднострано прогласените примирја. Како агресор во конфликтот, Русија исто така прекрши неколку пакта чија цел беше да ја обезбедат Украина по падот на Советскиот Сојуз.
Меморандум од Будимпешта и руско-украински договор за пријателство од 1997
Меморандумот од Будимпешта е договор меѓу Русија и Украина постигнат на 5 декември 1994 година и ко-потпишан од САД и Велика Британија. Меморандумот беше донесен откако Украина се согласи да го предаде нуклеарното оружје што го наследи од СССР на Русија. Во замена за овој чин, Меморандумот ги обврза Русија, САД и Велика Британија да „ја почитуваат независноста и суверенитетот и постојните граници“ и да „се воздржат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на Украина“. Тоа не е единствен договор наменет да ја заштити Украина. Заедничкиот договор за пријателство, соработка и партнерство од 1997ма година ги обврзува двете страни на „меѓусебна почит и доверба“ и „обострано почитување на територијалниот интегритет“. Двата договори имаат за цел да спречат конфликт меѓу двете нации. Со инвазијата и анектирањето на Крим во 2014та година и продолжувањето на инвазијата и напад врз украинска територија, Русија во повеќе наврати ги прекршува обврските од Меморандумот и Пактот.
Договорите од Минск
Двата договори потпишани во Белорусија, која е сојузник на Русија и кои беа поддржани од европските сили, не беа недоволни да се обезбеди мирот.
Именувани според белорускиот главен град, договорите беа имплементирани на 5 септември 2014 година (како „Минск I“) и на 12 февруари 2015 година (како „Минск 2“). Во Минск I се содржани десетина одредби во врска со деескалацијата на конфликтот во Источна Украина, кој избувна во февруари истата година, но договорот пропадна за само неколку дена. Потпишувањето на Минск II ги доведе Украина, Русија, сепаратистичките сили во регионите Доњецк и Луганск и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) до договор за 13 точки, проследен со итно примирје. Но, само неколку часа по стапувањето на сила на примирјето, двете страни меѓусебно се обвинуваа за негово прекршување.
2022 година: ескалација и прекин на примирјето
По агресијата од Русија, неколку краткорочни примирја беа повеќекратно прекршувани.
6 март 2022 година: краткорочно хуманитарно примирје по почетокот на инвазијата на Русија пропадна поради наводи за гранатирање на градот Мариупол.
8 март 2022 година: тековните обиди за поставување коридори за хуманитарна евакуација доведоа до обвинувања дека руските сили ги спречуваат цивилите во обидите за бегство.
7 јануари 2023 година: Русија декларира едностран прекин на огнот по повод православниот Божиќ. За само неколку часа по прекинот на огнот, украинските лидери објавија дека гранатирањето продолжило, додека руските медиуми објавија дека оти се регистрирани напади со беспилотни летала врз нејзините борбени линии.
18 март 2025 година: преговори во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија доведоа до 30-дневен прекин на огнот за „енергија и инфраструктура“ како резултат на телефонски разговор меѓу Трамп и Путин. Зеленски се согласи со делумен прекин на огнот во согласност со преговорите.
25 март 2025 година: преговорите на чело со САД доведоа до договор меѓу Украина и Русија да не се напаѓаат во Црното Море, што е поморска рута од витално значење.
27 март 2025 година: Украина и Русија меѓусебно се обвинија за кршење на привремениот стоп на напади врз енергетска инфраструктура.
19 април 2025 година: Путин прогласи „Велигденско примирје“ од 18:00 часот по локално време на 19 април до полноќ на 21 април, наводно од хуманитарни причини. Украина беше скептична, а Зеленски рече дека нападите со беспилотни летала си продолжуваат. Тој подоцна наведуваше дека Русија илјадници пати го прекршила примирјето на линијата на фронтот.
10 мај 2025 година: Русија прогласи еднострано примирје во знак на одбележување на 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна. Украина пак ја обвини Русија дека околу 734 пати го прекршила сопственото примирје.