Страдање на цивилите во Газа, помошта не стигнува на север
6 јуни 2025Хазем Лубад (21) пред војната студирал и се издржувал работејќи како келнер во ресторан во градот Газа. Со своето големо семејство веќе 19 месеци е засолнат во населбата Шеик Радван во северниот дел од градот. Израелската армија нареди „евакуација“ на многу соседни населби како Беит Лахија и Џабалија и ги повика тамошните жители да се преселат појужно. Според мештаните, областа е постојано мета на воздушни напади и гранатирање. Самото движење во регионот е опасно. „Јадеме што ќе најдеме, само еднаш дневно. Некогаш е леќа, некогаш се тестенини“, вели Палестинецот во видео порака од Газа. Лубад вели дека за време на целата војна храната е оскудна. По 11-неделната блокада од израелската влада, малку храна почна да пристигнува во Газа – но, жителите од северот и натаму не добиваат ништо. На 2 март годинава Израел ги затвори граничните премини и ги запре испораките на помош за Газа. Израелските власти тврдеа дека Хамас ја краде помошта и ја користи за снабдување на своите борци, но не доставија докази како поткрепа на таквото тврдење.
„Брашно нема веќе речиси два месеца. Килограм брашно на црниот пазар чини од 80 до 100 шекели (околу 20-24 евра), а поради ситуацијата во која се наоѓаме, не можеме ни да го купиме“, објаснува Лубад. Поради војната никој во неговото семејство веќе нема редовни примања.
Лубад вели дека импровизирале едноставна соларна станица за полнење на телефони, каде што луѓето може да ги полнат своите уреди во замена за готовина. „Без тие пари, немаме приходи“, вели тој, што значи дека не може да си дозволи многу нешта на пазар, каде што цените се астрономски. Според жителите, дел од помошта што неодамна пристигна во Газа ја разграбале очајни и гладни луѓе. Други ја продаваат по многукратно повисока цена.
ООН: „Намерно ускратување на помош“
Жителите во северниот дел од Газа се ужаснати од вестите за убиства на луѓе кои се обидуваат да стигнат до пунктови за дистрибуција на храна во јужна Газа, што се случуваат речиси секојдневно. Дистрибуцијата ја спроведува приватна американско-израелска компанија по име Хуманитарна фондација Газа (ГХФ), за чија што безбедност се грижи израелската војска.
Обединетите нации и други хуманитарни организации го отфрлаат новиот систем за распределба на храната, тврдејќи дека не може да одговори на потребите на 2,3 милиони жители на Газа и дека му дозволува на Израел да ја користи храната како средство за контрола на населението. Во северна Газа воопшто нема пунктови за дистрибуција, а за луѓето од тие делови би било премногу далеку и опасно да стигнат до постоечките.
Од ООН наведуваат дека им е дозволено во Газа да влезат со ограничен број на камиони: брашно исклучиво за пекари и други залихи како што се медицински средства и храна за бебиња. „Тоа е вештачки создаден недостиг“, оцени Џонатан Витол, раководител од ООН на прес-конференција во Ерусалим минатата недела, додавајќи дека помошта треба да стаса до сите цивили, каде и да се наоѓаат - и дека не треба да биде ограничена. „Овој нов систем е дистрибуција базирана на надзор, што легализира политика на намерно предизвикан недостиг. И сето ова се случува во време кога луѓето во Газа, од кои половина се деца, буквално водат борба за свој опстанок“, посочува тој.
Што се случува на новите дистрибутивни пунктови?
Во Газа владее сериозен недостиг на храна, чиста вода и плин за готвење. Луѓето се принудени да горат ѓубре или даски од урнатините на срушените згради за да готват. Луѓето се принудени да пешачат километри за да стигнат до местата, кои се наоѓаат во близина на израелски милитаризирани зони.
Минатата недела, ДВ разговараше со млад човек од јужна Газа кој успеа да преземе две кутии храна на еден од контролните пунктови. „Секој можеше да носи колку што може. Немаше упатства за бројот на кутии, немаше проверки, немаше ништо такво“, рече 30-годишниот Мухамед Кишта во телефонско интервју, додавајќи дека кутиите содржеле ориз, шеќер, брашно, алва, масло, бисквити и тестенини. „Бидејќи немаше јасни упатства за тоа кои улици да се користат за влез или излез од областа, луѓе незнаејќи заталкаа во улици кои се забранети – а, потоа се слушна пукање. Трчав и не видов ништо, но слушнав пукање“, рече Кишта.
Смртоносен инцидент во вторникот
Според информации на новинските агенции кои се повикуваат на локални палестински претставници, во вторникот се убиени 27 лица во инцидент што се случил откако израелските сили отвориле оган во близина на центар за хуманитарна помош. Порано истиот ден, израелската војска во соопштение наведе дека „за. Време на движењето на толпа луѓе по означена рута кон пункт за распределба на помош – на приближно половина километар од местото - војниците забележале неколку сомнителни лица како се движат кон нив, отстапувајќи од предвидената рута“. Во соопштението од израелската војска понатаму стои дека „војниците испукале предупредувачки истрели, а бидејќи осомничените не се повлекле, биле испукани дополнителни истрели во близина на неколкуте сомнителни поединци кои продолжиле да се доближуваат до војската.“ Се додава и дека „војската е свесна за наводите за жртви и дека моментално се истражуваат деталите од инцидентот“.
Војската соопшти дека „ѝ дозволува на Американската цивилна организација да дејствува независно за да го олесни дистрибуирањето на помошта до луѓето од Газа – а, не до Хамас“. Од Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопштија дека нивната теренска болница во Рафах во вторникот примила „голем број ранети - вкупно 184 пациенти“ и дека 19 лица биле веднаш прогласени за мртви, а уште осум починале кратко по пристигнувањето. Повеќето од повредите имале прострелни рани.
Лубад и семејството остануваат на истото место
Хазем Лубад и неговото семејство не мрдаат од населбата Шеик Радван бидејќи, како што вели Лубад „ситуацијата е насекаде подеднакво лоша. Опасно е секаде“. Тие се принудени да мелат тестенини и леќа за да прават леб. „Правиме 20 парчиња дневно и ги делиме на 13 лица. Тоа ни помага додека не најдеме нешто друго за јадење“, вели тој. До неодамна можеле да купат и мешавина од зачини што се користи како макало за леб, но и сега и од тоа им снемува. Конзервите што претходно успевале да ги набават ги потрошиле, вели Лубад. „Особено тешко е за децата“, вели тој и додава дека „еден оброк дневно едноставно не е доволен, но нема храна за повеќе.“
Хамас, кој управува со Газа, Израел, Германија, САД и неколку други земји во светот ја сметаат за терористичка организација. Од почетокот на војната, предизвикана од терористичките напади на Хамас на 7 октомври 2023 година, Израел не им дозволува на странски новинари да влезат во Газа, па ДВ во известувањето често мора да се потпира на телефонски разговори со жители од Газа.