Тендер за трет мобилен оператор со само една понуда
22 август 2025„Оне Македонија телекомуникации“, фирма на унгарската „Фор-ај-џи“, е единствената компанија која достави понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобренија за нов мрежен оператор. Комисијата за спроведување на тендерот на отворањето на понудите во АЕК, во петокот (22.08) констатираше дека понудувачот ги доставил сите документи. Бидејќи се распишани локалните избори, одлуката, доколку е се во ред со документацијата, ќе биде донесена по завршување на изборниот процес во Македонија.
Претходно, три заинтересирани страни подигнаа тендерска документација, но официјално доставена е само понуда од еден понудувач.
Доколку се избере нов мобилен оператор во земјата, тој ќе треба да почне со работа на крајот на 2026 година. Новиот оператор ќе треба да добие различни фреквенциски опсези, пред се за 5Г, како за покривање во руралните подрачја, така и за капацитет во урбаните подрачја за работа како мобилен оператор со своја инфраструктура.
Ќе донесе ли конкуренцијата пониски цени?
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, порача дека конкуренцијата е здрава работа и оти очекува пониски цени во мобилната телефонија.
Заклучно со првиот квартал од годинава во државата се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, од кои најголем удел имаат двата мрежни оператори, А1 Македонија, 47,69 проценти и Македонски Телеком со 46,66 проценти. Удел од 3,38 проценти има М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022 година.