Трамп предлага САД да ги преземат електраните во Украина
20 март 2025По телефонскиот разговор со шефот на Кремљ, Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговараше и со украинскиот колега Володимир Зеленски. Тоа беше официјално првиот разговор меѓу двајцата шефови на држави откако Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го понижија Зеленски пред камерите во Белата куќа на крајот на февруари.
Едночасовниот разговор служеше за усогласување на желбите и потребите на Украина и Русија со цел да се постигне прекин на огнот меѓу двете земји, напиша Трамп по разговорот на својата социјална платформа Truth Social. „Ние сме на вистинскиот пат“, додаде тој.
Зеленски го опиша телефонскиот разговор со Трамп како „многу суштински и отворен“. Украинските и американските тимови се подготвени да се сретнат во Саудиска Арабија во наредните денови за да ги координираат понатамошните чекори кон мирот, рече Зеленски.
Енергетските капацитети како сопственост на САД?
Белата куќа соопшти дека Трамп му предложил на Зеленски САД да ги преземат енергетските капацитети на Украина. Тоа би требало да ја осигури безбедноста на објектите. „Американска сопственост на овие објекти може да биде најдобрата заштита за оваа инфраструктура“, рекол Трамп.
Во телефонскиот разговор со Трамп, Путин го отфрли целосниот 30-дневен прекин на огнот. Сепак, тој се согласи да не ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина 30 дена - доколку Украина го стори истото. Зеленски се согласи со предлогот.
Украина ја доведува во прашање желбата на Путин за мир
По разговорот меѓу Путин и Трамп, реакциите во Украина беа воздржани. Севкупно, преовладуваа сомнежите дека шефот на руската држава е навистина заинтересиран за прекин на огнот.
Според информации од Киев, руската армија повторно ја нападнала енергетиката и инфраструктурата на Украина по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.