СЗО постигна договор за борба против пандемии
20 мај 2025Светската здравствена организација денеска (20.05) во Женева постигна договор за борба против пандемии. Со договорот треба да се извлечат поуки од пандемијата на коронавирусот и да се зајакне меѓународната соработка во борбата против идни пандемии. Суштината на договорот е брза размена на информации меѓу државите и фармацевтските компании за нови предизвикувачи на болести со цел да се овозможи брз развој на контрамерки, лекови и вакцини.
Германската влада го поздрави договорот, оценувајќи дека тој е важен знак на меѓународна солиданрост. „Добра вест за глобалната соработка е што меѓународната заедница се согласи на договор за борба против пандемии“, оцени германската министерка за развој Рем Алабали-Радован на платформата X. Со тоа, меѓународната заедница „испраќа и важен сигнал за солидарност и мултилатерализам - и против трендот кон еднострано дејствување, кое на крајот им штети на сите“.
Во својата реакција, Алабали-Радован нагласува дека договорот е „лекција научена од пандемијата на коронавирус, кога земјите од Глобалниот Југ мораа да се стават во втор план при распределбата на вакцини“. Ова не само што го отежна справувањето со пандемијата во тоа време, туку „исто така уништи многу доверба“. „Со овој договор, меѓународната заедница се обврзува на пофер иднина“, смета министерката за развој.
Во говорот на Собранието на СЗО во Женева, германската министерка за здравство Нина Варкен вчера им се заблагодари на сите земји-членки на Светската здравствена организација кои „го овозможија овој успех“. Со договорот за борба против пандемии, сега постојат „обврзувачки регулативи за зајакнување на превенцијата и реакциите на пандемиите“, напиша таа на плтаформата Х.
Техничкото спроведување на договорот сè уште треба да се договара во рамки на работна група. Се очекува резултатите од оваа работна група да бидат одобрени од земјите-членки на СЗО на следното Собрание во 2026 година. Потоа може да започне ратификацијата на целиот договор за борба против пандемии. За да стапи на сила, договорот мора да биде ратификуван од 60 земји-членки на СЗО.