САД: Трамп незаконски го замрзнал финансирањето на Харвард
4 септември 2025Во спорот со елитниот универзитет Харвард околу финансиските средства, владата на САД, под претседателот Доналд Трамп, претрпе пораз. Федералниот суд пресуди дека средствата во вредност од милијарди долари не смеело да бидат замрзнати и запленети, според судскиот документ. Парите мора повторно да се отклучат.
Владата на САД обвини неколку универзитети за левичарско-либерална ориентација и недоволни мерки против антисемитизмот на нивните кампуси. Од нападот на исламистичката терористичка група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, имаше бројни антисемитски инциденти на американските универзитети како што е Харвард. Средствата на Харвард потоа беа замрзнати и конфискувани, а елитниот универзитет ја тужеше владата. Според судскиот документ, станува збор за речиси 2,2 милијарди американски долари.
Нема врска помеѓу истражувачките проекти и антисемитизмот
Федералната судијка во Бостон, Алисон Бароуз, пресуди дека сите „мерки за замрзнување и писма за раскинување склучени на или по 14 април 2025 година се поништуваат и се ставаат настрана“.
Бароуз утврди дека Харвард навистина можел да направи повеќе против антисемитизмот. „Сепак, во реалноста, постои многу мала врска помеѓу истражувачките проекти погодени од намалувањето на финансирањето и антисемитизмот“, напиша таа. Наместо тоа се работи за „целен, идеолошки мотивиран напад врз водечките универзитети“ во Соединетите Американски Држави.
Харвард се смета за еден од најбогатите универзитети во светот. Неговото богатство се проценува на околу 53 милијарди долари. Според податоците на универзитетот, тој е главно финансиран од донации.