Страв од рецесија: Мрачни прогнози поради царините на Трамп
8 април 2025Падот на светските финансиски пазари во понеделникот беше реакција на невидените царини што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе против повеќето американски трговски партнери.
Инвеститорите се сè понервозни поради изгледите за голема трговска војна што најверојатно ќе предизвика глобална рецесија. Тие оценуваат дека царините ќе имаат далекусежни последици за глобалниот економски раст и дека зголемувањето на трошоците за производство ќе ја поттикне инфлацијата, ќе ги вознемири компаниите и ќе ги намали инвестициите. Економистите очекуваат натамошна нестабилност на пазарите и стравуваат од нарушувања во синџирите на снабдување.
Откако Трамп на почетокот на неделата истакна дека инвеститорите ќе мора да се помират со падот на финансиските пазари, најверојатно е зголемен ризикот од натамошен пад на цените во САД, Азија и Европа.
„Понекогаш мора да земете лекови за да поправите нешто“, рече Трамп во неделата вечерта.
Дали глобалната економија се соочува со рецесија?
Американската банка ЏП Морган минатата недела претстави проценка дека веројатноста за глобална рецесија до крајот на годината изнесува 60 проценти. Пред Трамп да го објави воведувањето царини, тоа беше 40 отсто.
Дојче банк во понеделникот во кратка анализа предупреди дека доколку Трамп истрае во својата трговска политика, тоа ќе има „огромни глобални последици во 2025 година, но и во годините и децениите што доаѓаат“.
Азија досега беше многу посилно погодена од Европа, со царини од над 40 проценти за некои клучни земји. Тоа го зголемува притисокот врз земјите како Виетнам, Тајван и Индонезија да преговараат за нови трговски договори со Вашингтон.
Кина, на која Трамп ѝ воведе дополнителни царини од 34 отсто минатата недела, досега е единствената голема економија која воведе контрацарини на американскиот увоз. Во петокот, Пекинг воведе дополнителни царини од 34 отсто за американски стоки, како и извозни ограничувања за одредени ретки минерали кои се итно потребни за високотехнолошки производи и капацитети за чиста енергија. Тие царини се очекува да стапат на сила во четврток.
Индија, која сега се соочува со царина од 26 проценти за извозот во САД, не планира да се бори против царините на Трамп, објави во неделата новинската агенција Ројтерс, цитирајќи неименуван индиски функционер. Њу Делхи, од друга страна, веќе намали некои царини за увоз од САД. Индија беше една од првите земји што се заложи за нов трговски договор со Вашингтон за време на посетата на премиерот Нарендра Моди на Белата куќа во февруари.
Од среда се очекуваат нови царини од 20 отсто за увозот од земјите на Европската унија. Министрите за финансии на ЕУ се состанаа во понеделникот во Луксембург за да договорат заеднички одговор. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во неделата рече дека Брисел е подготвен да ги „одбрани своите интереси со пропорционални контрамерки“. Сепак, таа исто така сигнализираше дека ЕУ е подготвена да преговара со САД.
Холандската банка АБН Амро минатата недела ја намали својата економска прогноза за ЕУ на половина. Таа очекува кварталниот раст во земјите од ЕУ „да се движи околу нула, со голема веројатност кварталот да биде негативен“.
Сепак, има некои позитивни вести: двајца советници на Трамп за американските медиуми во одделни изјави соопштија дека повеќе од 50 земји контактирале со Вашингтон сакајќи да преговараат за нови трговски договори.
Пол Ешворт од лондонската аналитичарска фирма „Капитал економикс“ очекува дека Трамп, и покрај неговата пркосна реторика кон критичарите, наскоро ќе сфати дека отишол предалеку.
„Најверојатниот следен чекор е Трамп брзо да објави некои 'зделки' со кои се намалуваат царините за некои од најтешко погодените земји“, напиша Ешворт во својата анализа. Тој меѓутоа додава дека Кина „може да биде исклучок“.
„Колку побрзо се реши ова прашање, толку подобро, бидејќи некои негативни ефекти би се акумулирале со текот на времето и би било тешко да се вратат назад“, вели Џејми Димон, извршен директор на ЏП Морган, во своето годишно писмо до акционерите.
Што е со американската економија?
Американската економија порасна во просек за речиси три отсто од крајот на пандемијата на корона, но сега се соочува со „самонаметната економска катастрофа“ – вака на последиците од царините на Трамп гледа истражувачката компанија Морнингстар.
Аналитичарите на S&P Global ја зголемија веројатноста за рецесија во САД од 25 отсто во март на 30 до 35 отсто денес. Голдман Сакс, пак, ја зголеми веројатноста за рецесија следната година во САД на 45 отсто, додека британската банка Баркли и големата швајцарска банка УБС, исто така, предупредија дека американската економија може да доживее пад во наредните месеци.
Стив Кокрејн, главен азиско-пацифички економист во Мудис Аналитика, во понеделникот изјави дека САД би можеле да влезат во рецесија „многу брзо“ и дека таа може да биде „прилично продолжена“.
Во меѓувреме, Капитал Економикс предупредува дека падот на берзата наскоро би можел да биде проследен со „пад на довербата на домаќинствата и бизнисите“ доколку Трамп не е подготвен да постигне договор со американските трговски партнери.
Економската истражувачка куќа со седиште во Лондон посочува дека американската инфлација би можела да се искачи над пет проценти и дека рецесијата ќе се влоши доколку американскиот Конгрес „не успее да донесе навремен фискален стимул поради конфликтот во Републиканската партија“.
Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, уште минатата недела предупреди дека царините веројатно ќе доведат до повисока инфлација во САД и забавување на растот. Тој оцени и дека е „зголемен“ ризикот од поголема невработеност.
Пазарите сега се надеваат дека Пауел наскоро ќе објави намалување на каматните стапки во САД, дури и порано од очекуваното.
Што значат царините за растот на Кина?
Се очекува царините на Трамп да ја забават кинеската економија со тоа што ќе му наштетат на извозот и ќе предизвикаат значителна нестабилност на пазарот. Исто така, се очекува дека Пекинг ќе преземе мерки во областа на монетарната и фискалната политика заради компензирање. Весникот на кинеската комунистичка партија на англиски јазик, Пиплс дејли, сепак уверува дека „небото нема да падне... дури и ако американските царини имаат влијание“.
Кинеското Министерство за надворешни работи во понеделникот ги критикуваше царините на Трамп како „економско заплашување“ и „неконзистентни со правилата на меѓународната трговија“ и ги повика САД да ги решат трговските тензии на взаемно корисен начин. Сепак, портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан одби да каже дали кинескиот претседател Ши Џинпинг ќе побара да разговара со Трамп за решавање на трговската војна. Трамп ја отфрли можноста за договор со Кина додека не се реши трговскиот дефицит на САД со втората по големина економија во светот.