Што значат царините на Трамп за Мексико и Канада?
3 февруари 2025Само што дојде на функцијата, американскиот претседател Доналд Трамп воведе увозни царини од 25 проценти на стоки од Канада и Мексико.
Двете земји се најголемите трговски партнери на Америка. Според податоци на американското Министерство за трговија, Канада и Мексико во 2023 година купиле американски стоки и услуги во износ од вкупно 808 милијарди долари (768 милијарди евра). Во истиот период, двете земји испорачале стоки и услуги во вредност од 1,01 илјади милијарди долари во САД. Трговскиот дефицит на САД со Канада изнесува повеќе од 40 милијарди долари, а трговскиот дефицит со Мексико над 162 милијарди долари.
Зошто царини?
Повеќето економисти сметаат дека царините ќе ги зголемат цените за американските потрошувачи. Трамп пак се надева на поинаков ефект.
За него, царини се средство за намалување на она што го смета за „нефер“ трговски дефицит на земјата, како и за зголемување на домашниот производствен капацитет преку притисокот „да се купува американски“, но исто така и начин за зголемување на приходите на владата.
Покрај тоа, царините се корисна алатка во преговорите, на пример за сузбивање на дрогата или за одвраќање на имигранти од јужната граница на САД.
Канада и царините на САД од 25 проценти
За Канада новите царини доаѓаат во време на политичка нестабилност. Канадскиот премиер Џастин Трудо го посети Трамп во Флорида пред неговата инаугурација, но нема уште долго да остане на функцијата откако се откажа од лидерската позиција во Либералната партија.
Наследникот на Трудо ќе биде назначен во март, а потоа најверојатно ќе треба да се соочи со гласање за доверба во Парламентот или самиот да распише предвремени избори. Новите избори веројатно ќе ги вратат конзервативците на власт во Отава и дополнително ќе го одложат канадскиот одговор на царините на Трамп.
Канада значи најмногу се занимава со себе - во време кога Трамп се потсмева дека земјата може да стане 51-та сојузна држава на САД.
Мексико и царините на САД од 25 проценти
За Мексико новите царини претставуваат сериозен проблем бидејќи економијата на земјата е тесно испреплетена со онаа на САД. Сепак, мексиканското раководство се покажа самоуверено.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум во ноември се закани со одмазднички царини и најави дека „за секоја царина ќе следува нова царина“. Минатата недела таа изјави дека ќе им се спротивстави на САД, но притоа ќе остане конструктивна. „Важно е човек секогаш да остане со студена глава и да се осврнуваме на потпишаните договори, а не само на тековните говори“, рече Шајнбаум.
Во средата, како што се приближуваше крајниот рок за воведување царини - први февруари, Шајнбаум сметаше „дека тоа нема да се случи“ и додаде дека „ако сепак се воведат, ние имаме наш план“.
Царини и покрај договорите за слободна трговија
За време на неговиот прв мандат, Трамп инсистираше на повторно преговарање за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА) меѓу Мексико, Канада и САД и негово замена со Договорот САД-Мексико-Канада (УСМЦА), кој стапи на сила во јули 2020 година.
Иако Трамп одигра водечка улога во овој нов договор и самиот го потпиша, тој денес го оценува како„најлошиот трговски договор на сите времиња“ и сака одново да преговара што е можно поскоро.
Договорот и онака би требало да биде предмет на ревизија шест години по неговото стапување во сила, односно во 2026 година. Какви се правните импликации од еднострано воведување царини од страна на САД пред неговото истекување, сè уште не е јасно.
Инвестирање во Мексико
Инвестициите во мексиканската индустрија се зголемија од првиот мандат на Трамп. Странски компании кои инвестираат во Мексико, вклучително и германските производители на автомобили, профитираат од пониските плати во земјата. Многу кинески компании исто така имаат подружници во Мексико со надеж дека на тој начин ќе избегнат царини за директен увоз од Кина.
Доколку се воведат нови царини, странските компании во Мексико ќе мора да ги преиспитаат своите инвестиции и фабрики во земјата. лановите на Илон Маск за изградба на фабрика за Тесла во северната мексиканска држава Нуево Леон моментално се замрзнати.
При производството на автомобили и многу други производи, суровините, полуфабрикатите и компонентите мора да се испраќаат – некогаш и повеќепати - преку границите. Но, доколку се наплаќа царина секој пат кога некој производ ќе ја премине границата - без разлика дали е готов или не - ова масовно би ги зголемило трошоците во синџирот на снабдување. Како резултат на тоа, би можеле да бидат затворени фабрики бидејќи производството веќе не е профитабилно.
Мексико и Канада се подготвуваат за најлошото. За да се удоволи на Вашингтон и да се избегнат царините, двете земји ја зајакнаа безбедноста на границите за помалку мигранти и помалку дрога да дојдат до САД.
Според наводите, двете држави веќе подготвиле списоци на американски производи на кои би можеле да воведат контрацарини. Канада би можела да го запре извозот на нафта и електрична енергија. Мексико може да се закани дека ќе ги зајакне економските врски со Кина, најголемиот ривал на САД.
Дали Северна Америка заеднички ќе страда?
„Економските последици од таквите царини би биле страшни за Северна Америка и би можеле да имаат значителни ефекти врз растот и трговските односи“, пишува Јулијан Хинц, директор за трговска политика при Институтот за светска економија во Кил.
Околу три четвртини од извозот на Мексико и Канада оди во САД. Хинц пресметува дека царините ќе доведат до пад на брутодомашниот производ (БДП) во двете земји во првата година од воведувањето - во Мексико и до 4,1 отсто.
Петерсон-институтот за меѓународна економија во Вашингтон заклучува дека американските царини од 25 проценти би биле болни за сите три земји. Тоа би било лошо за Канада и „катастрофално“ за Мексико, бидејќи земјата е позависна од САД. Меѓутоа, и во САД цените би се зголемиле, а растот би забавил.
„Во текот на вториот мандат на Трамп, БДП на САД би бил околу 200 милијарди долари помал отколку што би бил без царините“, пишуваат кон средината на јануари Ворвик Џ. Меккибин и Маркус Ноланд од Институтот Петерсон. „Канада, со многу помала економија, би загубила 100 милијарди долари, а царините, во шпицот, би го намалиле економскиот раст на Мексико за 2 отсто“, вели тој.
На крајот на краиштата, има многу неодговорени прашања. Дали американските судови ќе ги оспорат царините? Ќе има ли одмазда или исклучоци за одредени индустрии? Покрај самите царини, и една ваква неизвесност е лоша за економијата.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик