Нов обид за преговори меѓу Русија и Украина
16 мај 2025Што ги поттикна планираните преговори во Турција?
Предлогот за разговорите во Турција дојде од самиот руски претседател Владимир Путин, тој предложи „директни преговори“ со Украина минатиот викенд. Претходно, Украина и ЕУ се обидоа да го зголемат притисокот врз Москва и побараа итен 30-дневен прекин на огнот, што Кремљ го игнорираше. Местото на преговорите беше брзо одлучено: како и во првичните разговори во март 2022 година - кратко време по избувнувањето на војната - Турција се согласи да биде домаќин на преговорите. Турција продолжува да одржува добри односи со Русија, таа беше единствената членка на НАТО која не се приклучи на западните санкции по избувнувањето на војната. Во исто време, турската влада под претседателот Реџеп Таип Ердоган одржува тековен дијалог со Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посети Турција неколку пати во последниве години, последен пат во март 2024 година. Турција испорачува оружје на Украина, особено беспилотни летала од витално значење за нејзините воени операции. Турција не ги призна територијалните придобивки на Русија во Украина.
Кој е во руската делегација во Турција?
Со назначувањето на своја делегација на преговорите, Русија ги урна надежите за разговори на највисоко ниво. Зеленски постојано бараше Путин лично да дојде во Турција за да преговара со него. До средата, еден ден пред првично утврдениот почеток на разговорите, Путин ја остави отворена опцијата дали ќе учествува, но потоа следеше откажувањето. Руската делегација ја предводи претседателскиот советник Владимир Медински. Поранешниот министер за култура се смета за политички лесна категорија и е меѓународно критикуван за ширењето пропаганда на Кремљ. Во учебниците, 54-годишникот пренесе став за руската и украинската историја, кој е контроверзен меѓу историчарите.
Академиците и критичарите на Кремљ го обвинуваат за намерни фалсификати и историско искривување. Покрај Медински, Москва во Турција ги испрати и заменикот министер за надворешни работи Михаил Галузин и заменик министерот за одбрана Александар Фомин. Дел од делегацијата е и Игор Костјуков, шеф на руската воена разузнавачка агенција ГРУ. Во разговорите ќе учествуваат и експерти од Министерството за одбрана, Генералштабот, МНР и претседателската администрација.
Кој треба да преговара во име на Украина?
И ова не беше јасно долго време. Украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во турската престолнина Анкара и таму во четвртокот се сретна со претседателот Ердоган.
Но, откако стана јасно дека ниту Путин ниту американскиот претседател Доналд Трамп нема да присуствуваат на разговорите, Зеленски исто така одби да учествува. Зеленски го постави својот министер за одбрана Рустем Умјеров на чело на украинската делегација. Сите други преговарачи се заменици шефови на разузнавачки агенции, високи штабни офицери и советник на шефот на кабинетот на претседателот.
Зошто се одложија разговорите и што ќе следува?
Разговорите првично требаше да започнат во четврток. Според руските медиуми, најпрвин било кажано дека ќе почнат наутро, па попладне, за на крајот да стане јасно дека тој ден никој нема да седне заедно на преговарачка маса. Заднината беше токму прашањето за составот на руската делегација и на кое ниво би можеле да се водат разговорите. Сега, според Турција, треба да има трилатерални разговори: меѓу САД, Украина и Турција и меѓу Русија, Украина и Турција. Дали ќе има средба во формат на САД, Русија, Украина и Турција сѐ уште не е одлучено. САД ќе бидат претставувани од државниот секретар Марко Рубио, како и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог. Американскиот претседател Трамп одлучи да не патува во Турција откако Путин го најави своето отсуство.
Со какви барања влегуваат Украина и Русија во разговорите?
Украина, поддржана од ЕУ и САД, првенствено притиска Русија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот. Од перспектива на украинското раководство, тоа е основа за преговори за долгорочен мировен договор. Русија пред планираните разговори нагласи дека тие мора да се водат „без предуслови“. Оваа изјава ја повтори и предводникот на делегацијата Медински, а руското Министерство за надворешни работи соопшти дека сопствената страна е подготвена за „сериозна работа“ за да се дојде до решение. Сепак, фокусот мора да биде на „елиминирање на причините за конфликтот“. Тоа е индикација дека Русија и овојпат тешко дека ќе отстапи од старите максимални барања: откажување на Украина од членството во НАТО, демилитаризација на Украина и од претензиите за освоените територии во Украина.
Какви се очекувањата од преговорите?
Прилично воздржани. Иако западните поддржувачи на Украина се залагаат за напредок, особено во однос на можниот прекин на огнот, американскиот државен секретар Рубио во четвртокот вечерта (15.05) нагласи: „Немаме големи очекувања за тоа што ќе се случи утре“. За него, „единствената шанса“ за компромис лежи во директните разговори меѓу Путин и Трамп.
Ова ги прави критиките за отсуството на Путин сѐ погласни. Притоа, рускиот претседател „сам се стави во погрешна позиција", изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на Втората програма на германскиот јавен сервис, ЗДФ. И британскиот премиер Кир Стармер ја обвини Москва дека „одбила мир“. „Ако Русија одбие да дојде на преговарачка маса, Путин ќе мора да ја плати цената“, предупреди Стармер. ЕУ ѝ се заканува на Русија со дополнителни последици доколку продолжи да одбива согласност на прекин на огнот. Како би требало тие да изгледаат, сепак, не е јасно. Мерц укажа на последниот пакет санкции на ЕУ, кој официјално треба да биде усвоен во вторник. Сепак, тој веќе беше планиран пред Русија да изврши притисок за директни преговори.