Што стои зад изјавата на Путин на членство на Украина во ЕУ?
6 септември 2025Со оглед на тоа колку силно Москва се спротивставува на каков било предлог за членство на Украина во НАТО, беше изненадување кога рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата земја нема да се спротивстави доколку Украина се приклучи на ЕУ.
„Што се однесува до членството на Украина во ЕУ, ние никогаш не сме се спротивставиле на ова“, рече Путин за време на посетата на Кина. „Што се однесува до НАТО, тоа е друго прашање.“
Сепак, набљудувачите брзо забележаа дека Путин веројатно се обидувал да се прикаже како миротворец пред американскиот претседател Доналд Трамп.
Изјавата, според нив, имала за цел и да се добие време, бидејќи членството во ЕУ може да трае со години или дури и децении, додека членството во НАТО е побрзо и нуди поцврсти безбедносни гаранции.
Зошто Русија е согласна со членството на Украина во ЕУ?
Во 2013 година, кога украинскиот претседател Виктор Јанукович, поддржан од Русија, го суспендираше потпишувањето на договорот за асоцијација со ЕУ, во Украина избувна големи протести.
Демонстрантите го обвинуваа Јанукович дека попуштил под рускиот притисок и намерно ја запрел интеграцијата на Украина во ЕУ за да ја задржи во сферата на влијание на Москва.
Една година подоцна, Украина го потпиша договорот за асоцијација, но многумина, како тогаш, така и сега, се сомневаа дека Москва никогаш не сакала Киев да се приближи кон демократска Европа.
Џорџ Биби, директор за голема стратегија во Институтот Квинси, вели дека изненадувачката изјава на Путин веројатно била измама за да се обезбеди меѓународна обврска против членство на Украина во НАТО, а воедно да се окупира целиот Донбас.
Русија моментално окупира 88% од Донбас, а „Фајненшл тајмс“ објави дека Путин му рекол на Трамп дека ќе ја замрзне контактната линија откако Украина ќе ѝ ја преушти контролата целосно.
Тој смета дека значаен фактор е „прагматизмот“, бидејќи руската војска е недоволно опремена и недоволно снабдена. „Руската војска веќе покажа дека не може да ја освои цела Украина“.
Покрај тоа, Путин можеби е загрижен за справувањето со европските членки на НАТО кои „ги ревитализираат своите запуштени воени индустрии и ветуваат дека ќе ги изградат своите борбени капацитети за првпат по децении“.
Биби тврди дека Путин веројатно сфаќа дека подготвеноста да се живее со потенцијалното членство на Украина во ЕУ е „неопходна цена“ за избегнување на такво сценарио и добивање услови во иден мировен договор.
„Ова е дел од долгорочен процес на преговарање“, оценува за ДВ Рафаел Лос, соработник за безбедносни прашања во Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).
„Кога сите ќе се согласат дека членството во НАТО е исклучено (за Украина), тој може да го ублажи процесот на проширување на ЕУ преку своите сојузници во блокот“, како што се унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Не за НАТО, да за ЕУ
Русија долго време го гледа НАТО како закана за својата безбедност и покрај постојаните тврдења од страна на членките на НАТО дека тоа е одбранбен сојуз.
„НАТО има различно место во руската психа“, нагласува Етјен Соула, вршител на должноста менаџер за Европа и член на Алијансата за обезбедување демократија (АСД) при Германскиот Маршалов фонд (ГМФ). „Не ја сфаќа ЕУ како сериозен воен проблем бидејќи на европските сојузници им се потребни САД да бидат целосно оперативни“.
Освен тоа, членството во НАТО е релативно побрз процес од приклучувањето кон ЕУ, која бара од аспирантите да започнат низа реформи и да ги усогласат законите и практиките со ЕУ.
„Путин знае дека процесот на ЕУ е долг и му нуди доволно време и можност да се меша преку Фицо и Орбан и да го забави процесот“, додаде Лос.
„Тој им дава морков (членство во ЕУ) на корисните идиоти на Запад, термин што советското разузнавање го користи за луѓето кои лесно ја прифаќаат пропагандата“, рече Лос. „Русите се добри во изнесувањето дипломатски предлози без намера всушност да преговараат за нив“.
Биби пишува дека Путин сигурно очекувал оти Трамп ќе изврши притисок врз неговите европски партнери да го забрзаат процесот на пристапување - знаејќи дека тој сè уште може да потрае со години, ако не и децении, за да се заврши.
Членство во ЕУ: Недоволна безбедносна гаранција?
Освен она на што Русија може или не може да се спротивстави, Украина има свои приоритети, а веродостојните безбедносни гаранции во моментов се на врвот на листата.
„Во моментот кога ќе заврши војната, Русија ќе ги удвои хибридните активности во Украина“, предупредува Соула. „Во отсуство на одреден степен на безбедносни гаранции - со тоа мислам на гаранции од САД - членството во ЕУ звучи празно.“
Иако ЕУ има клаузула за заемна одбрана што нуди заштита и поддршка на членовите, експертите сметаат дека без поддршка од САД, Европа останува ранлива.
Лос додава дека членството во ЕУ е дел од пакетот, но безбедносните гаранции треба да бидат такви што ефикасно ќе ја одвратат Русија од повторен напад.
„Путин не направил никакви отстапки, тој сè уште е против“ на потенцијалното идно членство на Украина во ЕУ, објаснува Лос.
„Ова е негово тактичко маневрирање за да купи време, да ги избегне санкциите од САД и повторно да изврши инвазија.“
Овој текст е првично објавен на ДВ на англиски јазик