Спасов: Мора да се балансира во односите меѓу САД и ЕУ
24 февруари 2025По победата на конзервативната ЦДУ/ЦСУ на изборите во Германија, регионот со внимание ги следи „ветриштата коишто дуваат“ од Берлин во однос на надворешната политика. Победниците најавија дека „Германија повторно треба да ја преземе водечката улога во Европа“ и најавија нов пристап во надворешната политика. Покрај плановите за дистанцирање од САД, Германија сега ќе треба да се фокусира и на одбраната. Фридрих Мерц, лидерот на конзервативната ЦДУ која победи на изборите во Германија, порача дека Европа мора да ги зајакне своите безбедносни капацитети поради растечките тензии со САД околу војната во Украина и финансирањето на НАТО.
Александар Спасов, вонреден професор на теоретски правни науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за ДВ вели дека Европа ќе треба да гради своја автономна надворешна политика. Тоа е битно и за регионот. Според професорот, Северна Македонија и другите земји од регионот, ќе мораат да најдат начин како своите надворешно политички приоритети и политики да ги усогласат со новата надворешна политика на Германија и ЕУ.
„За помалите држави, особено оние во Европа, ќе биде многу важно да го најдат вистинскиот пат во балансирањето на односите и со САД и со Европската Унија, бидејќи да не заборавиме ние сме сепак европска држава и сакаме да бидеме членка на Унијата“, додава соговорникот на ДВ кој е поранешен советник на претседателот Стево Пендаровски.
Поддршка за проширувањето на ЕУ
Олаф Шолц (СПД) на изборите во неделата (23.02) стана првиот германски канцелар во последните пет децении кој не бил реизбран. Конзервативната партија ЦДУ/ЦСУ, пак, ја постигна својата главна цел – да стане најсилната политичка сила и да го обезбеди следниот канцелар. Доколку Фридрих Мерц успее да обезбеди владино мнозинство и да стане следниот канцелар на СР Германија, тој ќе заседава во Европскиот совет заедно со шефовите на држави и влади на другите 26 држави на ЕУ. На нивните редовни состаноци на самитот, тие го трасираат курсот за политиката на Унија.
Она што особено го засега регионот и Северна Македонија, е каква позиција ќе заземе Мерц во однос на проширувањето на Унијата, ако се земе предвид дека досега Германија беше еден од најголемите поддржувачи на евроинтеграцијата на Западен Балкан.
„Мислам дека идниот канцелар Фридрих Мерц принципиелно ќе го поддржува проширувањето на Европската Унија, иако според одсегашните изјави, не можеме да очекуваме дека тоа ќе биде премногу ентузијастичко поддржување на проширувањето“, вели Спасов.
Компромис меѓу ригозорни услови и геополитички интерес
Соговорникот на ДВ смета дека условите за проширување ќе останат релативно ригорозни. „Ако ЕУ сака навистина да изгради своја стратешка автономија, ќе мора да најде компромис меѓу ригозорните услови и геополитичкиот интерес, којшто апсолутно налага овој регион да биде интегриран во ЕУ“, вели Спасов. Тоа подразбира обврски и за Северна Македонија, бидејќи членството во ЕУ подразбира, меѓудругото и усогласување со европската надворешна безбедносна политика.
„Ние како Северна Македонија и другите земји од регионот, ќе мораме да најдеме начин како своите надворешно политички приоритети и политики да ги усогласиме со новата надворешна политика на Германија и ЕУ, или макар со западниот дел на Унијата. Тоа е една двострана улица, ќе има обврски и на едната и на другата страна“, вели Спасов.
Ваквите укажувања следат откако македонската Влада отворено се усогласува со политиките на новата американска администрација на Доналд Трамп. Северна Македонија, заедно со Израел, Грузија и Унгарија, е коспонзор на нацрт-резолуцијата за Украина што ја предложија САД. Тоа го наметна прашањето како политиката на македонската Влада, која е блиска до администрацијата на Трамп, може да се одрази врз односите со Германија, со оглед дека идниот канцелар Мерц е доста критичен кон новиот развој на трансатлантските односи.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе се изјасни дека не очекува ваквата одлука да влијание на идната добра соработка со новата германска Влада.
„Трансатлантското партнерство не е само наш проритет, туку и на Германија и на САД, тука никој не треба да има никаква дилема. Ова партнерство е гарант за мир секаде во светот, вклучително и во Украина. Во тоа трансатлантско партнерство најсилни алки се САД и Германија. За нас САД се стратешки партнер, сега и нашата сестринска партија ЦДУ/ЦСУ победи на изборите во Германија. Препоставувам дека ќе ја формираат новата влада, на чело со канцеларот Мерц“, порача Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Компромис со атлантизмот
Според мислењето на професорот Спасов, идниот канцелар Мерц во однос на надворешната политика на Германија, ќе направи компромис со својот поранешен атлантизам и ќе се обиде да се приближи до партнерите во ЕУ, особено со оние држави кои се залагаат за стратешка автономија на ЕУ, вклучително и во прашањата на надворешната политика и во однос на безбедноста.
„Од досегашните изјави сосема јасно е дека му е дојден крајот на времето на целосна координација на ЕУ со САД, по однос на прашањата за надворешната политика и особено за Европа (тука пред се мислам на Украина)“, вели Спасов, укажувајќи дека Европа ќе треба да гради своја автономна надворешна политика.
Што по изборите?
Анализирајќи ги резултатите од изборите во Германија, Спасов вели дека се очекувани. Она што изненадува, според него, е што победничката коалиција ЦДУ/ЦСУ не успеа да освои над 30% од гласовите, иако на повеќето од анкетите се предвидуваше тоа. „Сепак, тие се сосема јасен победник. очекуван е поразот на Социјалдемократската партија и на досегашниот канцелар Олаф Шолц. Во однос на резултатот којшто го остваи крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), таа го оствари резултатот кој се предвидуваше на анкетите и тоа е резултат кој е загрижувачки, генерално за демократијата и во Германија, но и за ЕУ, имајќи предвид дека Германија е една од стожерните држави во ЕУ“, вели соговорникот на ДВ.
Она што сега следи се преговори. Математички, ЦДУ/ЦСУ како победници на изборите, имаат мнозинство со Социјалдемократите. Но, овие преговори нема да бидат лесни.
„Сметам дека преговорите ќе се водат примарно меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД, бидејќи заедно имаат доволно пратеници за да формираат влада. Преговорите нема да бидат лесни затоа што новиот канцелар Фридрих Мерц има ставови, поаѓајќи од економските прашања и миграцијата, коишто доста се разликуваат од ставовите на Социјалдемократите. СПД, според моето мислење, ќе инсистираат на прашања од социјалната политика и во економскиот дел. Мислам дека ќе има конфликт меѓу економските политики на ЦДУ/ЦСУ, односно на новиот канцелар Мерц и на социјалните политики на Социјалдемократите“, анализа Спасов.
Во однос на миграцијата, новиот канцелар Мерц најави дека ќе води значително заострена политика, што не е целосно спротивно од ставовите на партијата на досегашниот канцелар Олаф Шолц, но разликите меѓу двете групи се очигледни.
„Во однос на ова прашање преговорите ќе се закомплицираат доколку се преговара и со Зелените, кои имаат сосема спротивни ставови од ЦДУ/ЦСУ, по ова прашање и релативно различни ставови од Социјалдемократите, иако со нив досега беа во коалиција. Секако ако се преговара со Зелените, ќе има судири на економските теми, особено наоѓањето на баланс меѓу економскиот развој и заштитата на животната средина, односно климатските прашања коишто се особено важни за Зелените“, вели аналитичарот.
Она што особено загрижува, според Спасов, е големиот резултат што го оствари крајно десничарската АфД и тоа особено во т.н нови покраини, односно она што порано беше Источна Германија. „Тоа ќе биде голем предизвик за меинстрим партиите во Германија, особено затоа што не е само да се формира Владата, туку од (не)успехот на Владата, особено во делот на економијата и во делот на миграциите ќе зависи дали и по четири години ќе сведочиме на ситуација каде што популарноста на АфД ќе паѓа, или пак, нивната популарност може и да расте, бидејќи тие сега ќе бидат една од главните, ако не и главна партија во опозиција“, оценува соговорникот на ДВ.