Што очекуваат Украинците од средбата на Трамп со Путин?
13 август 2025„Какви било одлуки против нас, какви било одлуки без Украина се одлуки против мирот. Тие нема да постигнат ништо.“ Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање веднаш откако беше објавено дека средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, е планирана за 15 август во американската сојузна држава Алјаска.
Таквиот став преовладува и во украинското општество. Ова е резултат на истражување спроведено од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС) кон крајот на јули и почетокот на август. „Украинците сѐ уште се отворени за преговори и тешки одлуки. Меѓутоа, апсолутното мнозинство и натаму ги отфрла барањата за капитулација“, вели Антон Хрушецки од КИИС во интервју за ДВ.
Според анкетата, 76 проценти од Украинците цврсто го отфрлаат рускиот „мировен план“ и отстапките кон агресорот. Во исто време, 49 проценти се против мировниот план на САД, кој предвидува безбедносни гаранции за Украина од страна на европските земји, но не и од страна на САД, признавање на Крим како дел од Руската Федерација, задржување на руската контрола врз окупираните територии и укинување на санкциите против Русија.
Неизвесна примена на резултатите од преговорите
Во Украина не е исклучена можноста преговорите во Алјаска, без учество на Киев и европските претставници, фактички да имаат за цел капитулација на Украина.
„Русите никогаш не ја промениле својата преговарачка позиција и нема да ја променат сè додека не претрпат тешки воени и политички порази“, смета Володимир Хорбач од Украинскиот институт за трансформација на Северна Евроазија. Самиот факт дека Трамп разговара со Путин без претходно да изврши притисок врз Русија покажува, според Хорбач, дека овој пристап е осуден на неуспех. „Русите ќе инсистираат на нивната позиција и ќе сакаат да го заменат прекинот на огнот за фактичка капитулација на Украина, односно за исполнување на руските барања. Да се зборува за отстапки е многу наивно“, нагласува експертот за ДВ.
Во исто време, Хорбач не гледа катастрофа во разговорите меѓу Вашингтон и Москва, но укажува на „алармантна тенденција“, бидејќи Трамп „конечно го легализира рускиот воен злосторник Путин, што не е прифатливо ниту за Украина ниту за Европа“, вели политикологот. „Не гледам можност за спроведување на какви било реални, практични резултати од овие преговори во контекст на украинско-руската војна.
Предлозите кои Путин би можел да ги презентира нема да ја задоволат ни Украина ни Европската Унија. Трамп ќе мора да маневрира. Тој нема да може да ги принуди Украина и европските партнери да ги прифатат условите на Путин“, рече Хорбач.
Распространет скептицизам меѓу украинските политичари
Директорот на Центарот за социјални истражувања Украински меридијан, Дмитро Левус, потсетува дека Украина веќе била во слична ситуација во март 2025 година. Во тоа време, Доналд Трамп веруваше дека војната може брзо да се заврши со преговори со Русија и наметнување мировен договор преку капитулација на Украина. Сепак, реалноста покажа дека е невозможно да се укинат санкциите против Русија, бидејќи повеќето од нив беа воведени од Европската Унија, вели експертот.
Тој верува дека по оваа средба САД и Русија повторно ќе се соочат со реалноста, бидејќи украинските вооружени сили ќе продолжат да ја бранат својата земја, а европските партнери на Киев нема да бидат подготвени безусловно да ги прифатат и спроведат договорите меѓу Трамп и Путин. „Ставот на Украина кој го презентираше Зеленски е јасен и точен: откажувањето од територии е невозможно според Уставот. Затоа не очекувам ништо судбоносно од средбата во Алјаска“, изјави Левус за ДВ.
Копретседателката на опозициската партија Европска солидарност, Ирина Герашченко, ја гледа средбата во Алјаска како тест за целиот меѓународен безбедносен систем. Доколку агресорот Русија биде наградена за напад, анексија и воени злосторства, тоа, според политичарката, би бил сигнал до целиот свет дека насилството и реваншизмот можат да останат неказнети. Признавањето на руската окупација е црвена линија што не смее да се премине.
„Тоа би отворило пат за нови војни, не само во нашиот регион. Затоа сите преговори мора да се одвиваат со учество на Украина и ЕУ, со строги безбедносни гаранции, меѓународен мониторинг и мерки за санкции“, наведе Герашченко на Телеграм. Сè друго нема да значи крај на војната, туку само почеток на нова.
Данило Хетманцев, пратеник на владејачката партија Слуга на народот, има попозитивен став за средбата меѓу Трамп и Путин. Тој верува дека ова конечно ќе ја открие позицијата на руската страна. „Доколку на состанокот повторно има обид за 'дипломатски маневри' наместо продуктивни преговори, тоа веројатно ќе заврши со воведување на строги американски санкции, вклучувајќи ги и сојузниците на Русија, кои потоа ќе мора да го платат својот дел за поддршка на агресијата, што нема да им се допадне“, пишува Хетманцев на Телеграм.
Дали ќе се зголеми притисокот врз Украина?
Во исто време, украинските експерти не исклучуваат дека по средбата на Трамп со Путин, САД повторно ќе се обидат да ја уценуваат Украина и да ја принудат да прифати услови што се неприфатливи за Киев.
Олександр Крајев, експерт во тинк-тенкот „Украинска призма“ и предавач на Академијата Мохила во Киев, исто така верува дека Трамп би можел да се закани дека ќе ги запре испораките на оружје. „Но, испораките се веќе спорадични и не се систематски. Ова нема да биде толку шок терапија како што беше кога Трамп првпат објави нешто вакво“, изјави Крајев за ДВ. „Разговори заради разговори“ - тоа, вели тој, ќе биде вистинскиот исход од состанокот во Алјаска, бидејќи ниту една страна во моментов нема вистинска идеја како треба да заврши војната. „Може да има заедничка изјава за продолжување на разговорите, но тоа е сè", вели Крајев.