Стари воени возила ќе се пренаменат за гаснење пожари
2 јули 2025Над педесетина воени возила ќе бидат пренаменети за гаснење на шумските пожари во Македонија, најави премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на најавениот топлотен бран и зголемениот ризик од шумски пожари. Станува збор за повеќе од 50 возила кои се дел од застарената и магационирана опрема на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а сега ќе се користат за справување со огнените стихии.
„Дел од застарената и магационирана опрема, како што се „БТР 70/80“, старите хермелини и пинцгауери, кои што беа во магацините на Министерството за одбрана и МВР се модернизираа и обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи кои што работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени“, најави премиерот Христијан Мицкоски, по посетата на компанијата „Реплек“.
Тој додаде дека возилата се подготвуваат во моментот и многу скоро ќе биде изведена показна вежба за тоа како „од ништо е направено нешто“. „Старите возила се модернизирани и на нив се инсталирани посебни резервоари за вода со различен волумен до шест тона“, вели Мицкоски.
За тоа колкава сума пари е одвоена за оваа пренамена на возилата, премиерот рече „многу малку и тоа е пред сѐ е работа завршена на волонтеристичка база и општествено одговорни компании, буџетот не го чини воопшто“.
„Поподготвени за пожарите“
Премиерот смета дека државата е далеку поподготвена да се справи со летните шумски пожари за разлика од изминатите години, посочувајќи ги хеликоптерите на Армијата и Министерството за внатрешни работи, како и ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Секаде за време на летниот период се случуваат пожари, но за разлика од изминатите години, оваа година сме многу поподготвени, пред сѐ тука мислам на армиските и полициските хеликоптери, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, два нив се тука го чекаме и третиот да пристигне, популарно наречените ер трактори“, рече Мицкоски.
За пет дена над 80 пожари
За пет дена во земјата беа евидентирани над 80 пожари, а во 46 пожари во гореше трева и ниска вегетација. Забележани се и 20 пожарив од епонии, како и пет пожари на стрништа, информираше на социјалните мрежи Кире Михаило, заменик генерален директор на ЈП Македонски шуми.
Повеќето од пожарите се локализирани и изгаснати, но во меѓувреме се појавуваат нови во Валандовско.
Надлежните апелираат до граѓаните да не палат никакви огнови на ова претерано топло време, ниту во шума, ниту во поле, ниту пак во сопствените дворни места или бавчи затоа што многу лесно истите излегуваат од контрола.
Центарот за управување со кризи информираше дека во вторникот (01.07) на територијата на државата имало вкупно 20 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни. За гаснење на пожарите повторно ќе бидат ангажирани пензионираните пилоти на „ер тракторите“ со што авионите на Дирекцијата ќе бидат оперативни за гаснење на пожарите на отворено. Наскоро се очекува да биде вратен вториот авион на ДЗС од редовниот сервис во Австрија.