„Стандард и пурс“: Растот на економијата се забрзува
30 јули 2025Растот на економијата во Македонија се забрзува и останува приоритет на Владата, наведува кредитната агенција „Стандард и пурс“ во најновиот извештај, во кој го потврди кредитниот рејтинг на земјата ББ- со стабилен изглед. Според македонското Министерство за финансиии, тоа е значаен сигнал за инвеститорите при носење на нивните одлуки за инвестирање.
Растот на економијата годинава се очекува да биде поддржан главно од потрошувачката на домаќинствата, движен од растот на платите и пензиите, како и од зголемена инвестициска активност, особено во инфраструктурата. До 2028 година, проекциите се дека растот ќе се стабилизира на околу 3%, поддржан од постепено закрепнување на надворешната побарувачка и засилување на инвестициите.
Економскиот раст како приоритет
Според „Стандард и пурс“, економскиот раст за Владата останува главен приоритет, со цел за остварување раст до 5% на среден рок, поттикнат од реализација на амбициозни инфраструктурни проекти како што се Коридорот 8 и 10д и зголемени инвестиции во приватниот сектор. Целта е и поефикасна наплата на даноци, како и понатамошно зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор за поддршка на домашната побарувачка.
„Јавната потрошувачка останува експанзивна и упатува на спроведување фискална консолидација, при што со усвоениот ребаланс е потврдена целта за буџетски дефицит во 2025 година на 4% од БДП“, се вели во извештајот.
Можни ризици
Според Агенцијата, со Фискалната стратегија е утврдена постепена фискална консолидација, но се очекуваат одредени ризици со остварување на проекциите. Приходите од почетокот на годината до мај бележат раст од 9% на годишно ниво, водени од поголема наплата на данокот на личен доход, зголемени приходи од акцизи, како и раст на неданочните приходи. На страната на расходите, потрошувачката во истиот период бележи раст за 5%, како резултат на растот на платите во јавниот сектор, тековните расходи и социјалните трансфери. Во однос на долгот, се посочува дека и покрај затегнатите глобални финансиски услови, сервисирањето на долгот останува релативно контролирано.
Кредитниот рејтинг на земјата „Стандард и пурс“ го оценува два пати во годината.