ССМ на 1 Мај ќе протестира за зголемување на платите
30 април 2025Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на Денот на трудот - 1 Мај ќе протестира за зголемување на платите и работничките права. Протестот започнува во 11 часот од пред Работничкиот дом и ќе продолжи до Собранието и пред Владата.
„ССМ на 1 Мај излегува на протест да демонстрира, да бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бара зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори, зголемување на платите на вработените согласно придобивките од истите“, порача на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
На протестот ќе се приклучат и други синдикати кои застануваат на страната на работнички права.
„Протестот е начин да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а не зборуваме и за пошироко. ССМ ги повикува сите кои му мислат добро на работникот да ни се приклучат на работничкиот протест на рутата на движење-Собрание-Стопанска комора-Влада“, рече Трендафилов.
КСС ќе остане дома
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави дека нема да учествува на синдикалниот протест по повод 1 Мај. Смета дека во земјава има добар социјален дијалог и организирано синдикално движење, како и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.
„Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест“, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Од партијата Левица порачаа дека го поддржуваат синдикалниот протест. „Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност! 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен“, порачаа од партијата.
Според нив, 1 Мај не е ден за тишина – туку е ден за отпор.