ССМ излегува на протест на 2 април за минималната плата
28 март 2025Сојузот на синдикати најави протести на 2 април во Скопје, поради одлуката на Владата да ја утврди минималната плата без учество на работниците, како што налага Законот за минимална плата. Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов одлуката е донесена на седница на претседателствот на ССМ
Како главна причина за протестот се наведува одлуката на Владата на Северна Македонија да се зголеми минималната плата за 1.800 денари, што според ССМ е незаконски.
Трендафилов вели дека се засилиле нападите кон синдикатите здружени во ССМ.
„Се засилија нападите како од политичка партија, така и од политички поставени директори кои примаат плата од нашите плати. Не ги плаќаме за да ги минираат процесите, за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците. Не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување на плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг синдикат, репрезентативен на штета на работниците“, додаде Трендафилов.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) неодамна до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излезе со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци.