Скопјани трошат вода како 140 олимписки базени
9 јули 2025Среде жега, жителите на одредени делови на главниот град Скопје останаа жедни. Жителите на населбата Водно со денови се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, особено во текот на денот, а пожарите коишто земаат замав доведоа и со прекини во снабдувањето со вода и во населбите Чаир и Железара.
Изворот Рашче среде суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката на вода на дневно ниво е рекордно зголемена. Жителите на главниот град трошат во просек по 700 литри вода по глава на жител. Скопјани во еден ден потрошиле вода како за 140 олимписки базени, поради што надлежните апелираа за совесно и рационално користење на овој природен ресурс.
Базените, полевањето на тревниците, прекумерното трошење на вода го „цедат“ изворот Рашче кој се наоѓа на 15 километри западно од Скопје и станува недоволен за водоснабдување на главниот град. Дополнителен проблем се и приклучоците на диво, за коишто алармира скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
Во „лов“ на диви приклучоци
Градоначалничката на Скопје алармираше дека секојдневно се откриваат по 30 диви приклучоци на водоводната мрежа во главниот град, а институциите не преземаат ништо за санкционирање на кражбата на вода.
„Истите ни денар не плаќаат и затоа нерационално трошат, бидејќи водата ја добиваат за џабе“, напиша Арсовска на својот Фејсбук профил, упатувајќи критики до Министерството за внатрешни работи. Таа бара од МВР итно да започне со поднесување кривични пријави против сите што нелегално се приклучуваат на водоводот.
„Ако можете по службена должност да поднесувате кривични пријави за оние што крадат струја од ЕВН – приватна фирма, можете и за тие што крадат од ЈП Водовод и канализација. Водата за пиење е основен природен ресурс, а не за полнење базени и наводнување ниви“, вели Арсовска.
Рекордна потрошувачка
Потрошувачката на вода во Скопје во текот на јули достигнала рекордни 356.000 кубни метри на ден, што е приближно 700 литри вода по жител.
„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат“, вели таа.
Арсовска апелира за итна реакција на институциите со цел заштита на јавниот интерес и рационално користење на водата, особено во услови на зголемени температури и опасност од недостиг на водни ресурси.
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје велат дека и покрај секојдневните апели и преземање мерки, продолжува енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови, што во просек изнесува над 350.000 м3 на дневно ниво, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем.
„Како последица на сето ова, се соочуваме со прекини на водоснабдувањето на високите зони во делови од градот“, порачаа од Водовод.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени. Што се однесува до дивите приклучоци, тие нанесуваат директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во град Скопје, порачаа од Водовод.
Анализата на добротворната организација Waterwise и британското тело за стандарди за производи BSI, објавена во 2024 година покажа дека Македонија се наоѓа високо на листата на земји каде што безбедноста на водата се влошува.
Северна Македонија е една од земјите со најголеми загуби на вода во регионот - околу 63 проценти. За справување со овој проблем потребен е континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа, со цел да се намалат загубите на вода од извор до чаша. Според податоците за 2023 година на ниво на цела држава, загубата на вода во просек изнесува над 60 проценти.
Проценките се дека земјата годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје - дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.