Макрон-Трамп: Европа чекор поблиску до преговарачката маса
25 февруари 2025Тоа беше обид на францускиот претседател Емануел Макрон да го оддалечи американскиот колега Доналд Трамп од неговите актуелно исклучиво проруски позиции, и повторно малку да го насочи и кон Украина - и со тоа да ги доведе Европејците на преговарачката маса. Тоа во исто време беше и обид да се спаси трансатлантскиот сојуз. Адутот на Макрон на средбата во Белата куќа: шарм-офанзива. „Ви благодарам, ви благодарам, господине претседателе. Ви благодарам драг Доналд“, му се обрати Макрон на Трамп. За возврат, Трамп го нарече Макрон „мојот пријател“. Двајцата се шегуваа, се смешкаа и во повеќе наврати се држеа за раце.
Единство за некои точки
Во однос на содржината, имаше барем точки кои звучеа како напредок. Трамп нагласи дека борбите во Украина би можеле да завршат за неколку недели. „Нашиот фокус е да постигнеме прекин на огнот што е можно поскоро и конечно траен мир“, рече Трамп, додавајќи: „Мислам дека Емануел се согласува со мене за многу клучни точки“. Трамп најави дека сака да се сретне со Володимир Зеленски оваа или наредната недела, во прв ред за да обезбеди пристап до украинските суровини: „Мораме да склучиме договор со Украина за важни минерали и ретки метали“, рече американскиот претседател.
Макрон пак, иницијативата на Трамп за излегување во пресрет на рускиот претседател Владимир Путин ја означи како правилна. Со промената на власта во САД има „нов контекст“, оцени Макрон и се повика на „заедничките интереси“ на САД и Европа: „Секој има своја улога. Но, ние имаме европско-американско единство“, истакна францускиот претседател.
Трамп изненади со изјавата за Путин
Од гледна точка на Макрон, во улогата на Европа припаѓаат и европските трупи, кои во иднина би биле распоредени во тампон зона за оддржување на мирот во Украина, и кои како дополнително осигурување би биле поддржани од САД. „Потребна ни е оваа американска поддршка. Тоа е дел од веродостојноста на безбедносните гаранции“, рече Макрон. Во тој момент, Трамп ги изненади сите велејќи дека Путин се согласува со европските мировни трупи: „Конкретно му го поставив тоа прашање и тој нема проблем со тоа“, рече Трамп. Макрон, од друга страна, отворено му противречеше на Трамп, ставајќи до знаење дека Русија е агресор во оваа војна, а не Украина. И кога Трамп повторно тврдеше дека САД инвестирале многу повеќе пари во Украина отколку во Европа, Макрон одговори: „Не, факт е, да бидам искрен, дека ние (Европа) плативме 60 отсто од вкупната помош.“
Разлики меѓу Европа и САД
Колку големи остануваат разликите меѓу САД и Европа стана кристално јасно во блискиот Њујорк. Во Советот за безбедност на ОН, САД заедно со Русија гласаа за резолуција со која се бара ставање крај на војната во Украина, но не се споменува улогата на Русија како агресор. Европските држави во Советот за безбедност беа воздржани.
Значи, што останува по посетата на Макрон на Вашингтон? Дали Европа сега има место на преговарачка маса? Макрон, во секој случај, направи чекор напред кон масата. Трамп го слушаше неколку часа. Притоа стана видливо кои позиции се поклопуваат. Но, многу прашања сè уште се неодговорени. Следниот европски гостин во Белата куќа, британскиот премиер Кир Стармер, ќе има многу работа во четврток за да го зголеми опсегот на заеднички позиции. Но, САД и Европа остануваат далеку од вистинска заедничка преговарачка стратегија.