ЕУ: Повеќе депортации - но каде?
22 јули 2025Ова е прв настап на Александер Добринт во кругот на сите колеги министри за внатрешни работи на ЕУ. Таму повторно ќе мора да ги објаснува германските гранични контроли. Но, во Копенхаген тој пред сè сака да покаже „дека Германија повеќе не седи во кабината за кочење кога станува збор за миграциските прашања во Европа, туку во локомотивата“. Ова германскиот министер за внатрешни работи го објасни уште на крајот од минатата недела, на самосвиканиот миграциски самит на највисокиот германски планински врв Цугшпице.
На Цугшпице, покрај ресорните колеги на Добринт од соседните земји на Германија, присуствуваше и еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер – и неговиот курс беше исто така јасен: „Европа конечно станува построга по прашањата за азилот. Тоа е клучното: овие предизвици можеме да ги решиме само заедно – не секој сам за себе, не секој поединечно.“
Со тоа Брунер потсетува и дека голем дел од она што енергично се бараше на Цугшпице веќе е иницирано од Европската комисија. Планови кои одат подалеку од договорената реформа за азил и миграција (ГЕАС), која треба целосно да стапи во сила во летото 2026 година.
Германија депортира во Авганистан, Австрија во Сирија
Денеска (22.07) консултациите треба да продолжат во Копенхаген. На пример, „во врска со депортациитеивраќањата, каде што неодамна создадовме и нови можности“, рече Брунер. Австрија – неговата матична земја – неодамна депортираше во Сирија,АГерманија во Авганистан. „Ова се сè исклучително важни чекори за нас, ако можеме засилено да ги враќаме престапниците во нивните земји на потекло“, нагласи тој.
Европската комисија во март претстави нова директива за враќање. Меѓу другото, станува збор за зајакнат и единствен притвор за депортација на ниво на ЕУ. И за таканаречени „return hubs“, односно центри за враќање, во кои треба да се координира депортацијата на одбиените баратели на азил – исто така надвор од ЕУ и под надзор на националните власти, заедно со агенциите на ЕУ како Фронтекс.
За таа цел, граничната агенција во иднина треба да добие трипати повеќе средства, изјави комесарот за внатрешни работи Брунер. Според предлог-буџетот што претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен го претстави минатата недела, во иднина 34 милијарди евра ќе бидат наменети за управување со миграцијата, зајакнување на надворешните граници на ЕУ и внатрешната безбедност.
Само секој четврти одбиен барател на азил ја напушта ЕУ
Но, дури и тогаш, останува прашањето: Каде може да се вратат повеќе луѓе?
Според Агенцијата за азил на ЕУ, неодамна имало околу 2.700 барања за азил дневно. Речиси половина од нив се директно одбиени, но моментално само една четвртина од оние кои се обврзани да ја напуштат земјата навистина ја напуштаат Европската Унија.
Данска во моментов претседава со Советот на ЕУ и долго време се смета за тврдокорна во однос на миграциската политика. Каре Дибвад, данскиот министер за миграција, сака да ги забрза процесите: „Мораме да направиме повеќе од тоа само да ги убедиме третите земји да ги примат своите граѓани назад. Итно треба да работиме на натамошни, нови решенија.“
Во фокус договорите со трети земји
Еден предлог, кој е особено важен и за германскиот министер за внатрешни работи, е да се укине таканаречениот „поврзувачки елемент“. Тоа значи: Досега, барателите на азил смееја да бидат депортирани само во земја надвор од ЕУ каде што имале семејство или подолг престој. „Не сакаме повеќе да го одржуваме поврзувачкиот елемент, за да не биде спречено со европското право да можеме да постигнеме договор со трети земји“, вели Добринт. Заштитата од ЕУ не мора нужно да значи заштита во ЕУ.
Во примерот на Добринт, тоа би функционирало вака: Одбиен барател на азил од одредени причини не може да биде депортиран во Авганистан – зошто тогаш не во Пакистан? За тоа, земјата би требало да биде на списокот на безбедни трети земји. Европската комисија веќе достави таков список и сака за тоа дискутира натаму со Европскиот парламент и, на пример, со министрите за внатрешни работи, вели Брунер.
„Ова се многу важни мерки, и тука мораме да бидеме побрзи“, објаснува еврокомесарот, додавајќи оти е важно тие мерки да станат ефикасни и да се презентира веродостојноста на европската политика за азил.
Тешки разговори за миграциски договори
Колку е тоа тешко во пракса, еврокомесарот Брунер штотуку искуси. Од Либија во моментов голем број луѓе го започнуваат своето патување преку Средоземното Море – особено кон грчките острови. Првичните разговори на Брунер во Либија за миграциски договор завршија нагло: Во земјата разурната од немири и борби за власт, делегацијата на ЕУ беше прогласена за „непожелна“.
Европа со тоа се соочи со следниот предизвик: И покрај сите напори да се префрли „миграцискиот проблем“ на други држави, тоа сè повеќе зависи од волјата на спротивната страна.
Авторка на текстот: Катрин Шмит