Протестите ескалираат, Вучиќ се заканува
18 август 2025Во екот на антивладините протести во Србија, претседателот Александар Вучиќ најави остара пресметка со демонстрантите, нарекувајќи ги „терористи“, пишува јавниот сервис ЦДФ и ги пренесува зборовите на Вучиќ од конференцијата во неделата: „Ќе направиме сè што е во наша моќ за да го вратиме законот, мирот и редот“.
Во извештајот, Вучиќ се опишува како „десничарски политичар“, а се наведува и дека рекол оти на неговата влада ѝ се потребни неколку дена за да подготви „правна и формална рамка“ за одговорот на државата. „Ќе биде сосема поинаку од она што досега сте го виделе“, додаде тој, без да наведе повеќе детали. „Сепак, прогласување на вонредна состојба не е разгледувано“, јавува ЦДФ.
Во Белград и други градови веќе пет последователни ноќи доаѓа до насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите, пренесува магазинот Штерн и додава дека „Србија веќе со месеци доживува редовни, насилни протести против владата и корупцијата која е распространета во земјата“.
„Иницијална каписла беше уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 луѓе“, се наведува во извештајот, кој истовремено објаснува дека „протестите првично беа насочени кон причините за уривањето“, но подоцна „собирите, кои главно ги предводеа студенти, се насочија против владата и широко распространетата корупција во земјата“.
Што е причината за фрустрацијата?
Магазинот Шпигел на својот интернет-портал пренесува дека противниците на владата демонстрирале и во неделата навечер во бројни српски градови. „Судири со полицијата наводно се случиле и во Нов Белград. Полицијата ги сопрела демонстрантите кои се обидувале да маршираат до седиштето на владејачката Српска напредна странка (СНС). Судири се пријавени и во вториот по големина град во земјата, Нови Сад“.
Германскиот весник наведува дека министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, нешто пред полноќ изјавил дека е повреден еден жандарм и дека се уапсени 18 демонстранти. Српските власти не дале детали за бројот на повредени демонстранти, пишува Шпигел.
Во извештајот се потсетува дека протестите до минатата среда главно биле ненасилни. „Меѓутоа, од самиот почеток, тие собири повеќепати беа изложени на физички напади од организирани, а понекогаш и маскирани приврзаници на владата на Вучиќ. Тие напади ретко беа казнувани“.
Германскиот весник пренесува дека независните медиуми во Србија „новата динамика на насилните нереди, од кои некои ги покренаа демонстрантите, ја припишуваат на фрустрацијата на граѓаните поради неактивноста на надлежните власти пред насилството на приврзаниците на власта“.
Шпигел својот извештај го заокружува со изјавата на Мајкл О’Флаерти, комесар на Советот на Европа за човекови права, кој во петокот изрази загриженост поради „непропорционалната употреба на полицијата“ во Србија и ги повика властите да „прекинат со произволни апсења и да ја деескалираат ситуацијата“.