Србија: Дали власта профитираше од хаосот во парламентот?
6 март 2025Седницата на Народното собрание на Србија во вторникот беше поинаква од сите претходни: облаци од црн и црвен чад го исполнија воздухот, а беше подигнат и црн транспарент со натпис „Србија стана за да го сруши режимот“.
Опозициските пратеници активираа чадни бомби, исполнувајќи ја салата со густ, иритирачки чад. Напнатоста ескалираше во физички пресметки, при што парламентарците фрлаа шишиња и јајца едни кон други.
„Србија страда од институционално насилство наметнато од СНС“, изјави Радомир Лазовиќ од Зелено-левиот фронт за ДВ. Токму пратеничката група на Лазовиќ ги активираше чадните бомби. Тој самиот во еден момент користеше и противпожарен апарат, покривајќи ги пратениците со бел прав.
„Покажавме отпор во парламентот и ќе покажеме отпор каде и да можеме: на улиците, на блокадите, за време на протестите, во правните процеси“, додаде тој.
Опозицијата против обидите на владата да продолжи со работа
Нередите започнаа откако владејачкото мнозинство го одби предлогот на опозицијата да се измени дневниот ред.
Опозициските пратеници потсетија дека премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка пред повеќе од еден месец и тврдеа дека единствените точки на дневен ред треба да бидат усвојувањето на измените во Законот за образование – што е една од барањата на протестирачките студенти – и усвојувањето на оставката на владата.
Наместо тоа, владејачката коалиција изгласа дневен ред кој вклучува десетици нови предлог-законски измени.
Претседателката на парламентот останува непопустлива
И покрај густиот чад, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ од СНС одби да ја прекине седницата и, борејќи се да дише низ чадот, се обиде да ја продолжи дискусијата.
Во текот на дебатата, опозициските пратеници скандираа и се обидоа да го попречат процесот со свирчиња и вувузели.
„Ќе мора да нè убиете за да не работиме“, им порача Брнабиќ на опозиционерите од говорницата, нарекувајќи ги „насилници“, „мразачи“ и „терористичка банда“.
Невидени сцени
Српскиот парламент во минатото бил сведок на бројни инциденти – од фрлање вода до кинење микрофони – но употребата на чадни бомби е без преседан во последните 25 години, вели новинарката Мира Николиќ, која со години известува од собранието.
Таа изрази сомнеж дека протестот во парламентот ќе биде ефикасен, но смета дека најголема одговорност има претседателката Ана Брнабиќ.
„Единствено одговорен за тоа како функционира Собранието е претседателот“, изјави Николиќ за ДВ. „Задачата на Ана Брнабиќ, која таа ја извршува совршено, е да го уништи парламентот. Тој е уништен до срж, и кога сето ова ќе заврши, буквално ќе треба да учиме од почеток како да функционира демократијата.“
„Вид на тивок државен удар“
Политичкиот аналитичар Цвијетин Миливојевиќ потсетува дека претходната седница се одвиваше во слична атмосфера, кога Брнабиќ се обиде да продолжи и на крајот заклучи општа расправа за сите точки на дневен ред – што исто така беше преседан.
„Од тој ден, Народното собрание на Република Србија е во вид на тивок државен удар, спроведен од претседателката, со што се негираат овластувањата, волјата, обврските и правата на останатите 249 пратеници“, изјави Миливојевиќ за ДВ.
Иако вели дека очекувал „повеќе мудрост“ од опозицијата, Миливојевиќ се согласува со нивното барање дека Собранието мора најпрво да ја потврди оставката на премиерот пред да се премине на друга работа.
„Тоа е нивна обврска според Уставот и законот. Наместо тоа, ова е уште еден пример за класичен државен удар“, рече Миливојевиќ. „Денес, на дневен ред се појавија бројни законски предлози, иако влада во оставка не може да предлага закони – таа работи во технички мандат.“
Студентите против насилството
Иако демонстранти се собраа пред зградата на парламентот и фрлаа јајца кон главниот влез за време на седницата, не се одржа масовен митинг. Ниту студентите не учествуваа.
Со месеци наназад, студентите протестираат низ Србија, барајќи одговорност за загинувањето на 15 луѓе кога во ноември минатата година се урна покривот на железничката станица во Нови Сад.
На социјалните мрежи, некои граѓани ентузијастички ги поздравија акциите на опозицијата, додека други остануваат убедени дека насилството не е решение.
Дали хаосот ѝ оди во прилог на власта?
Миливојевиќ верува дека „перформансот“ во парламентот во вторникот ѝ користел на власта.
„Без разлика дали намерно или не, опозицијата падна во стапицата што актуелната власт ја користи веќе долго време,“ рече тој, додавајќи дека не верува оти поголемиот дел од поддржувачите на опозицијата го одобруваат тоа што се случи.
Зелено-левиот фронт тврди дека сè што прави е во поддршка на борбата на студентите. „На сите оние кои мислат дека има подобар начин за организирање отпор против СНС, ги поканувам да ни го покажат тоа на 7 март, за време на генералниот штрајк,“ изјави Лазовиќ.
По генералниот штрајк во петок, следниот голем протест во Белград е закажан за 15 март, кој многумина го гледаат како можен пресврт во ситуацијата. Дали овие очекувања се реални?
„Власта е таа што го засилува темпото. Датумот повеќе не е важен. Важно е енергијата на незадоволството да продолжи да се акумулира,“ рече Миливојевиќ. „Не мислам дека е страшно да се изгуби дури и една година од животот, сè додека работите конечно не се вратат на свое место и биде јасно врз што се темели една држава – на права и правда за сите граѓани.“