Како случајот Епстин ги дели поддржувачите на Трамп
16 јули 2025„Кого го интересираат досиејата на Епстин?“, праша подкастерката Мегин Кели пред распродадената сала на „Самит на пресвртница“ – голема конференција за конзервативни активисти во Флорида. За време на неговата изборна кампања, Доналд Трамп го прошири тврдењето дека високи политичари и бизнисмени злоупотребувале малолетници како клиенти на Џефри Епстин и дека тој, Трамп, ќе објави сè како претседател.
Но, Министерството за правда на САД нема да објави никакви нови документи за случајот Епстин затоа што едноставно ги нема, објасни портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, минатата недела. Некои материјали се задржуваат затоа што се премногу морничави за да бидат објавени. Сепак, американската влада инсистира дека наводната „листа на клиенти“ од мрежата за злоупотреба на деца на Епстин не е меѓу нив. Сè било темелно истражено, а резултатите беа објавени. Министерката за правда Пам Бонди во вторник одби да одговори на дополнителни прашања.
Базата на Трамп е разочарана
Базата на Трамп е разочарана поради необјавување на скандалозни детали од архивите на обвинителството. Ултраконзервативни влијателни личности како што се Лора Лумер, Стив Банон, Брендон Тејтум и Марџори Тејлор Грин неодамна критички се изјаснија за надворешната политика на Трамп и неговите високи владини трошоци.
Сега случајот Епстин станува следниот тест за односот помеѓу администрацијата на Трамп и нејзината политичка основа - движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА).
Обвинувања против државната обвинителка Бонди
И конзервативниот коментатор Такер Карлсон предупреди за ова во подкаст со својот колега Алекс Кларк: Ако Трамп ги прикрива злосторствата на моќните, тоа би бил крај на неговото движење. Карлсон вината ја гледа кај државната обвинителка Пам Бонди. По изборите, таа создаде лажен впечаток дека всушност поседува илјадници видео снимки од Епстин и неговите деловни партнери.
Опозиционите Демократи продолжуваат да вршат притисок врз Републиканците со парламентарни предлози за објавување на сите досиеја на Епстин. Иако Републиканците го блокираа таквиот предлог во вторникот со нивното мнозинство во Претставничкиот дом на САД, самиот претседавач на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, во интервју кратко потоа повика на целосно објавување на сите досиеја на Епстин од Министерството за правда.
Џонсон повикува на „транспарентност“
Тој е за „транспарентност“, рече Џонсон во разговор со конзервативниот подкастер Бени Џонсон. „Треба сè да ставиме на маса и да дозволиме луѓето да одлучат“. Џонсон, исто така, побара Бонди да „објасни“ некои недоследности во нејзините изјави во врска со аферата Епстин.
Поранешниот владин советник Илон Маск, исто така го одржува на вриење политичкото расположение со серија онлајн објави на оваа тема. Во меѓувреме, самиот претседател Трамп својата партија и нејзините гласачи ги повикува на единство.
Трамп го нарекува материјалот „валкан, но здодевен“
Тој не ја разбира фасцинацијата на неговите поддржувачи со случајот Епстин, рече Трамп во Вашингтон во вторникот. Тој го знае материјалот и тој е „валкан, но здодевен“.
Теориите на заговор и ветувањата за транспарентност за наводните тајни мрежи во рамките на американската влада го доведоа Доналд Трамп во Белата куќа. Сега тие се закануваат да му се вратат како бумеранг на неговата партија и нему самиот.
Автор: Семјуел Џекиш, АРД