Избегната трговска војна: САД и Колумбија го надминаа спорот
27 јануари 2025Спорот меѓу САД и Колумбија за летовите за депортација на илегални мигранти што ги иницираше новиот американски претседател Доналд Трамп е надминат, соопшти Белата Куќа.
Колумбиската влада се согласи со сите услови на Трамп, вклучително и „неограничено прифаќање“ на сите Колумбијци вратени од САД, изјави портпаролката на Трамп, Каролина Левит.
Колумбискиот министер за надворешни работи Луис Жилберто Муриљо го потврди договорот: „Го надминавме ќор-сокакот со американската влада“. По инструкции на претседателот Густаво Петро, претседателскиот авион беше ставен на располагање за да се олесни враќањето на Колумбијците. Тој не го коментираше прашањето за слетувањето на воените авиони - но, исто така, не се спротивстави на објавата на САД. Колумбија претходно спречи слетувањето во земјата на американски воен авион со депортирани колумбиски мигранти . Трамп потоа најави царини од 25 отсто за стоки од Колумбија и ограничувања за влез во САД. Петро веднаш го следеше примерот и нареди на неговата влада, исто така, да ги зголеми царините за увозот од САД за 25 проценти.
Некои санкции засега остануваат во сила
Во пораката од Вашингтон се вели дека Петро се согласил да дозволи слетување на американските воени авиони што превезуваат луѓе од САД „без ограничување или одлагање“. Врз основа на овој договор, казнени царини нема да бидат наметнати - освен ако Колумбија не го почитува овој договор. Визните санкции наметнати од американскиот Стејт департмент и зголемените царински и гранични контроли за сите стоки и државјани на Колумбија ќе останат во сила додека првиот авион не слета во Колумбија. „Денешните настани му даваат до знаење на светот дека Америка повторно се почитува“, нагласи Левит.
Колумбија сака да ги прифати луѓето назад - достоинствено
Петро одби да дозволи слетување на американските воени авиони со по 80 патници, велејќи: „Мигрантот не е криминалец и треба да се третира со достоинство како што заслужува човек“. Затоа ги вратил назад американските воени авиони кои превезуваа колумбиски мигранти. Колумбија ќе ги прифати своите државјани „во цивилни авиони без да ги третира како криминалци“, рече Петро.
Колумбиската влада подоцна објави дека ќе го испрати колумбискиот претседателски авион во САД за да ги донесе патниците од одбиените американски воени авиони во Колумбија „достоинствено“.
Администрацијата на Трамп во изминатите денови продолжи со апсење и депортација на мигранти без дозволи за престој. Досега, сепак, дејствијата не се во размерите во кои претседателот и неговите луѓе ги најавија како програма за депортација без преседан.