Данела Арсовска го врати споменикот на Ќосето
28 јули 2025Споменикот на Андон Лазов-Ќосето, по вторпат ноќе се врати во Скопје, но овојпат на нова локација. Со одлука на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, пред истекот на нејзиниот мандат, спомен-обележјето коешто изминатите години ја брануваше јавноста, е поставено на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.
„Неуморен дух и саможртва“
Арсовска на Фејсбук објави дека со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев-Ќосето се оддава признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
„Андон Лазов-Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, вели Арсовска.
Отстранет како дивоградба
Споменикот на Андон Лазов-Ќосето, кој држи нож в рака, претходно ноќе беше поставен кај Судската палата во 2014 година, кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски. Во февруари 2018 година, кога градоначалник беше Петре Шилегов, споменикот пак ноќе беше отстранет со образложение дека е дивоградба.
Уште од првиот ден на неговото поставување, споменикот како и самата биографија на Ќосето, предизвикуваше контроверзии во македонската јавност. Историската личност со чие име се врзуваат бројни ликвидации во историското ВМРО, за едни беше херој, а за други - безобѕирен убиец.
Споменикот беше поставен ноќта меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.
Министерството за култура претходно утврди бројни законски прекршувања при поставувањето на овој споменик, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја.